Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам двојајчени близначки -2 години и 3 месеци. Едната е многу темпераментна, прва прооде, поубаво кажува зборови и реченици, ама е и „полоша“. Сè што ќе фати сестра ѝ, дали е играчка, блок, моливче, таа сака да ѝ го земе и одма почнува со плачење, ама јако плачење. Често ја турка со глава, со рака, ја удира. Пробав да клекнам на нејзина висина со убаво да ѝ објаснам дека не треба така, пробав со гушкање, со карање, дури и ја удрив еднаш по раче, еднаш по задникот, ама џабе – ниту со добро не помага ниту со лошо. Кажете ми совет бидејќи другава нема раат од неа, не може на раат да се заигра зашто одма ѝ зема играчки, ја удира и ја турка додека не ѝ ги земе.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Близнаците се единствени поради своето типично ривалство затоа што и двете деца се на иста возраст. И двете деца поминуваат низ исти развојни фази, па поради тоа доста предизвикувачка задача за родителите e како да постапуваат со нив.

Вашите близначиња се на возраст кога не можат секогаш да искажат како се чувствуваат, па прибегнуваат кон физичка комуникација. Во фазата во која се почнуваат да им се припишуваат и способности како што и сами наведовте, едното подобро зборува, другото е помирно, разбирливо, а во овој период меѓу близнаците се развива и однос на доминација. Тие почнуваат да ги развиваат своите мали личности исполнети со желби и потреби, да ги тестираат границите, како со вас така и со нивниот близнак. Додека нивните импулси се нормални, сепак, треба да научат како да се однесуваат и да ја изразат фрустрацијата. Мислат дека сè што е на повидок е само нивно. Инстинктивно зграпчуваат сè. Ако едно дете сака и фати нешто, другото ќе го сака истото. И нормално, ако не го добие она што во моментот ќе го види и посака, тогаш доаѓа до плачење и протестирање.

Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт

Тоа е вообичаена реакција. Особено затоа што сакате да покажете дека удирањето е неприфатливо, не треба веднаш да го казнувате удирачот. Пробајте да престанете со ова бидејќи ако таа ја удара сестра си, а потоа вие ја удирате неа, тогаш ѝ давате лош пример, а децата учат од нас и од нашето однесување.
Можеме на многу други начини да ги научиме децата како да се однесуваат поинаку.

Децата сакаат внимание, не е важно дали тоа внимание е позитивно или негативно. Ако сфатат дека со одредено однесување предизвикуваат внимание, продолжуваат и го повторуваат. Негативното внимание кај родителите е привлечно.

Обидете се да го избегнете негативно внимание и да комуницирате повеќе, да ги фалите и охрабрувате да прават добро, а и како да се однесуваат една кон друга. Децата треба да почувствуваат дека родителите исто се однесуваат кон нив.

Ретко кога децата удираат без причина. Размислете и проверете зошто е поагресивна и дали поинаку се поставувате кон неа. Бидејќи рековте дека другата близначка е помирна, можеби сте позаштитнички настроени кон неа бидејќи сè уште не умее како другата.
Во ситуација кога едната ќе ја удри другата, обраќајте им се на двете, па прашајте ја близначката што е удрена: „Дали си добро?“ Тогаш свртете се кон онаа што удира, па кажете ѝ: „Сестра ти плаче, се растажи затоа што ја удри“, „Ти сигурно се налути бидејќи таа ја зеде играчката да си игра“. Тогаш охрабрете ја онаа што удара да се извини, но не присилувајте ја, а потоа нека се гушнат. Така таа ќе учи како да се грижи за сестра си и да не ја напаѓа на тој начин. А потоа со двете можете да играте и да барате работи од нив, како: „Те молам дај ми ја малку твојата кукла“; „Дали можам сега јас да ја земам таа боица?“ итн.

Означете ги емоциите што ги чувствуваат и двете деца. Ниту една емоција не е добра или лоша. Понекогаш правиме грешка осудувајќи го оној што удира толку многу, што почнува да мисли за себе дека е лош, додека забораваме дека „жртвата“ треба да ја научиме како да се брани и да ја нема постојано улогата на оној што трпи. Поради сето ова, не треба да почувствуваат дека ги окарактеризирате како едната е „подобра“, а другата „полоша“.
Понудете алтернативни начини да ги искажат своите емоции, како да се каже „не“ или да чека да дојде нивниот ред. И ако треба, раздвојте ги близнаците да поминат време сами, а и со вас посебно доколку времето ви го дозволува тоа.

Научете ги да делат, онaа што прва зелa играчка да поигра, по некое време да ѝ ја даде на другата. Кога ќе се заиграат заедно, пофалете ги, исто така и кога делат и прават нешто една за друга.

Со трпеливост, емпатија и водство од ваша страна, вашите близнаци ќе можат подобро да комуницираат и да се однесуваат. Помогнете му на секое дете да ја почувствува својата специфичност и својата индивидуалност. Воспитувањето и односот на родителите се она што го дефинира нивниот развој и поврзаност.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 

е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

*Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X