Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам дете на возраст од 3 години и 8 месеци и во последно време воопшто не ме слуша, се инаети за сѐ. Ако ѝ кажам да не става играчки в уста, намерно ги става. Сто пати ѝ повторувам, но не слуша, дури и сака да ме испровоцира, ме гледа и го повторува истото, растура храна по подот и хартии. Кога ќе ѝ речам да ги собере, се прави дека не ме слуша и си продолжува по свое, кога ги мие рацете, ако ѝ кажам дека е доволно, продолжува намерно сѐ додека не почнам да викам и да ја фатам за рака и да ја изнесам надвор. Пробувам со зборување, со казнување, дури ја имам и удрено, но ништо не помага, си продолжува по свое. Ќе се исплаче, ќе ѝ помине и пак сѐ од почеток.

ОДГОВОР: Знам и верувам дека понекогаш е многу фрустрирачки, тешко и заморно да се справите со пркосот на вашето дете и дека чувствувате лутина, бес, понекогаш тага и немоќ, но во ваквите ситуации би било најдобро да останете смирени и да не реагирате бурно. Секако, никако да не ја удирате или, пак, избувливо да ѝ викате.

Секое детско однесување е дел од неговиот развој, особено на помала возраст. Вашето девојче сфаќа дека веќе е посебна личност, почнува да развива поголемо чувство за сопствениот идентитет и нејзиниот развој ја тера да истражува, експериментира, да поместува граници, возбудена е што станала независна. Таа повеќе не е толку зависна од вас како порано, а во овој период децата стануваат и побунтовни. Поради овие промени, на децата им е потребно време за да научат како да комуницираат, но истовремено ги тестираат сопствените и вашите граници. Во ситуациите што ги опишавте како да се води војна на моќ, да се види која од вас двете ќе победи. Кога децата се пркосни, нивната цел не е да нѐ нервираат, да не нѐ почитуваат или фрустрираат. Тие само сакаат да се чувствуваат важно и посебно, но истовремено ја загрозуваат истата ваша потреба. На тој начин се создаваат овие „војни“ на моќ во кои и двете страни сакаат и се борат за задоволување на своите потреби. Вие како родител сакате да доминирате над детето, но на крај и двете страни остануваат незадоволни. Детето добива карање и дури и удирање од страна на родителот, а пак родителот е фрустриран, бесен, понекогаш и тажен и се чувствува виновен откако ќе помине целата ситуација, на пример: „Зошто викав“ или „Зошто го удрив детето?“
Кога става играчки в уста, спуштете се на нејзина висина, тргнете ѝ ја раката и јасно и кратко кажете „не“, без викање.

Во моментите што ги опишавте вашето дете се труди да држи контрола над ситуацијата и не сака да попушта на вашите барања. За неа, во тој момент тоа е важно и сака да се бори. Од друга страна, вие се борите за истото, но постои една разлика – вие можете и знаете како да ги вербализирате вашите барања, а таа не. Кога сте во ваква ситуација, можете да вербализирате и да кажете: „Знам дека сакаш да ги миеш рацете уште некое време и да си играш со водата, но сега мора да завршиш со тоа.“ Кратко, јасно, но цврсто поставување граници. Исто така, добро е да ја пофалите: „Колку убаво ги изми рачињата, браво, ајде сега да одиме.“
Секогаш кога ќе направи нешто добро, пофалете ја објаснувајќи сѐ што направила. На пример: „Ми се допадна како ги намести играчките“, „Ти благодарам што ми помогна да ја средам масата.“

Што се однесува до другите работи, треба да поставите правила на однесување „храната не ја фрламе“, „предметите дома не се уништуваат“, „не се удира“ итн.

Останете доследни на вашите правила и граници. Кога ќе комбинирате цврсти граници полни со љубов, истовремено почитувајќи го детето онакво какво што е, ќе поставете пат за добро воспитување и можност полесно да се справувате со родителските предизвици, сега и во иднина.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X