Видов поединци кои се борат помалку да се почувствуваат последиците, за луѓето што помалку да изгубат. Видов луѓе, кои со генерации се исмејувани, помалку ценети, а се борат како што знаат и умеат. И знаеш што, короно? Ми се чини дека никогаш не биле толку обединети, пишува  Наташа Грбовиќ, педагог за nsfaktor.com

Не е ова првпат. Колера, чума, војни, корона, сите тие немири што се појавуваат одеднаш, кои се движат гласно, доаѓаат да нè потсетат кои сме, со кого живееме и колку всушност немаме проблеми. Па ни ја нарушуваат пирамидата на приоритети, ги кршат сите стаклени ѕвона и нè опоменуваат дека и тоа како можеме да се бориме против сè, а за жал и против сите.

Признавам, јас сум дежурен хејтер. И новопечен оптимист. Бидејќи некако одат едното со другото, ако сте опкружени со песимисти. Кога велам новопечен, мислам дека зрелоста или незрелоста ме научи да ги прифатам работите какви што се. Можеби бидејќи знам многу непушачи што се борат со рак на белите дробови. Можеби бидејќи знам дека колку и да е тешко, на крајот работите си доаѓаат на своето. И дека најдобро се приспособуваме кога ќе нè фрлат в оган. Факт е дека колку и да се криеме, она што нè бара, секогаш нè наоѓа. Затоа одлучив ништо во животот да не чекам, туку да бидам подготвена да го дочекам. Да го испратам или да одам со него.

Така ја прифатив и веста за новиот, актуелен вирус. Најпрво полека, како и секој претходен, треба да се чуваме, да ги миеме рацете почесто, повеќе витамини и бла, бла. Потоа, почнав да го доживувам вирусот како еден вид пропаганда. Понатаму, паничното претерување ме натера да ја банализирам целата работа. А потоа почна да расте бројот на заболени, со најлошите можни вести, од сите краеви на светот.

И на крај беше прогласена вонредна состојба. Тогаш првпат малку се исплашив, признавам. Избезумени луѓе во продавниците. Полни улици со пролетно сонце, бидејќи којзнае, некој може да ни го забрани и сонцето. Празен булевар, нешто пред 20 часот навечер. Се исплашив затоа што иако се трудиме, повеќе не можеме да најдеме други заеднички теми. Болеста стана нешто што нè поврзува, но и нè разделува.

Потоа го прифатив коронавирусот како нешто непознато што ни се вовлече во животот, ни го наруши секојдневието, ги тргна сите маски и го извлече најлошото или најдоброто од нас.

Ме исплаши и нервозата во воздухот, која останува зад секој покрај кој поминувам. И што луѓето не се свесни дека ниедна маска и ракавици не можат да нè заштитат од себеси и од стравот што го носиме. А таа зараза се пренесува многу побрзо од вирусот.

И покрај сè, повеќе од кој било ред пред аптека, тепачка околу килограм брашно, полициски час и хистерија, најмногу ме исплаши тишината на училиштата. Ме дочека неподготвена, непроветрена, глува училница и исклучени компјутери. Шлаканица ми удри празниот училиштен двор. Ни оној морничав предупредувачки звук на автоматот што се слуша на улиците не звучи толку морничаво како ѕвончето што се огласува на секои 45 минути.

И тогаш, покрај сите негативни работи што ги носи оваа состојба, видов многу позитивни. Видов поединци кои се борат помалку да се почувствуваат последиците, за луѓето што помалку да изгубат. Видов луѓе, кои со генерации се исмејувани, помалку ценети, а се борат како што знаат и умеат. И знаеш што, короно? Ми се чини дека никогаш не биле толку обединети. И никогаш не им одело толку добро. И професионалниот развој никогаш не им бил побрз. Бидејќи не се важни бодовите, извештаите, платите. Туку децата. Им честитам на колегите. И првпат сум горда што сум просветен работник.

И затоа, на момент се исплашив, но не се заразив, ниту парализирав. бидејќи се чувам. Не со ракавици и маска, туку со психата.

Затоа, драги мои, останете дома, сами, со семејството, со партнерот, цимерот… останете онака како што ви е најлесно и најубаво. Но, безбедни и психички стабилни.

 



912

X