Битката за бебе на Горан и неговата сопруга Николина траела една деценија, а нивната голема победа се вика Нина. Со многу емоции и малку спортски речник, како што и му доликува на поранешен ракометен репрезентативец, Горан ни раскажа за тоа. Не само зашто мора да се скрши табуто за оваа тема туку и за да ги охрабрат и поддржат повеќето паталци

Ќе изгрее сонце за сите. Сите што се упорни ќе победат, ќе имаат дете. Знам дека е лесно да зборуваш откако ќе заврши натпреварот, откако ќе победиш, но навистина е потребна голема поддршка и храброст на сите оние што се на овој пат. За среќа, сега има многу опции и навистина добри клиники и доктори кои имаат акумулирано големо искуство и се борат заедно со паровите да добијат дете. Опциите како сурогат-мајчинство, ин витро со донирани јајце-клетки или сперма и слично се дополнителна можност за многу парови, само се потребни храброст, верба и упорност, им порачува Горан Ѓоргоноски на паровите што се соочуваат со стерилитет и се борат за пород.

Тој и неговата сопруга Николина 10 години ја воделе битката за да добијат пород. Големата победа се вика Нина и има 2 години. Таа е уште една приказна на љубовта, упорноста и истрајноста.
Горан е поранешен ракометен репрезентативец, а сега сопственик на маркетинг-агенцијата КМГ Спорт, која изминатите години ги организира ракометниот камп и школата за ракомет на најдобриот македонски спортист, Кирил Лазаров. Со многу емоции, а малку спортски речник ни раскажа за битката да добијат дете. Не само зашто мора да се скрши табуто за оваа тема, туку и за да ги охрабри и поддржи повеќето паталци.

Многу испитувања, чекање, хормонски стимулации, неизвесност

Стерилитет се нарекува неможноста една двојка да зачне по најмалку 1 година незаштитен сексуален однос. Има цела низа причини за стерилитет, некои познати, а некои не. Бројот на луѓе со ваков проблем расте не само кај нас, туку и во светот. Иако земјава може да се пофали со следење на медицинскиот напредок на ова поле, многумина од луѓето што имаат проблем тешко се соочуваат со него, некои кријат, други се повлекуваат… Процесот на многу испитувања, чекање, хормонски стимулации, неретко болни процедури, неизвесност, често губење на бремености… најчесто никого не остава без длабоки лузни.

– Тежок е патот на луѓето што се борат да добијат бебе. Не може лесно да се опише тој вител, хорор. Лекари има, одлични, ама не е сè до нив. Во животот никому лошо не му помислив и не му направив. И често низ годините си поставував прашање зошто ни се случува ова токму нам. Знам дека сега е лесно да зборуваме, зашто Нина е нашата најголема победа. Но одлучивме да зборуваме за да охрабриме и им дадеме надеж на многумина што сега поминуваат низ тој вител – вели Горан.

Надеж, стрес, очај, па пак надеж…

Николина и Горан се зеле во 2007 година, а Нина се родила во 2017 година.

– Живеевме заедно и пред бракот, ама кога се зедовме решивме да оформиме семејство. По една година почна да ни станува јасно дека нешто не е во ред. И почнаа лекари, прегледи, една процедура, чекање, друга процедура, пак чекање… Неизвесноста е сурова, времето тешко поминува кога чекаш резултати. И нормално, се надеваш на успех, но почетната еуфорија и тоа како знае да стивне. Особено кога успехот, и покрај целиот вложен труд, не доаѓа, а сето тоа не зависи ниту од тебе ниту од сопругата – раскажува Горан.

Првиот обид бил со позитивен тест, но среќата траела кратко, завршил без срцева акција. По првиот неуспех следувале уште неколку негативни тестови по неколку ембрио-трансфери, по кои човек тешко може да остане позитивен и со желба да се бори.

– Но ако не се бориш, не може да се достигне целта – вели Горан.

А потоа? Хорор!

Следува период на собирање сили за нов обид.

– По неколку консултации и со доктори во странство, сепак, одлучивме да се обидеме повторно тука во Македонија и за среќа во тој период се оствари бременост, по 5 години – раскажува тој.
Но радоста, која се зголемувала со секоја помината недела, се претворила во голема болка, неуспех. Повторно остварената бременост завршила со губење на плодот во 20. недела.

– А потоа? Хорор. Хорор невиден е тоа. Луѓе што не минале низ тоа тешко може да разберат. Надеж, стрес, очај, па пак надеж, па пак стрес, преиспитувања… Тешко е да продолжиш да живееш нормален живот и да останеш нормален како човек. Вината ја бараш секаде… И не станува збор само за психолошките предизвици. Процедурите подразбираат голем влог од жената, бидејќи во нашиот случај бараа таа да мора и да лежи цела бременост, да отсуствува од работа, од социјалниот живот, да нема физичка активност. Од друга страна, се и финансиски товар. Има луѓе што ја жртвуваат работа за да имаат дете, поради стресот и притисокот од работата, тешко може да се води паралелна битка. Работа е работа, но семејството е на прво место. Имавме среќа и благодарни сме што во фирмата каде што работи сопругата имаа разбирање. Ќе пропаднат многу одмори, многу нови години, патувања…. но таа е цената кога имаш цел. За мене, нема алтернативно задоволство и радост ако е во прашање дете – вели Горан.

Колку голема треба да е љубовта за сè да се издржи

Морам да признам дека најголемиот товар и ризик за здравјето го трпи жената во оваа процедура. Да се ставите во кожа на жената, вели нашиот соговорник, не е едноставно… Низа испитувања, хормонски терапии, откажување од сè за да лежиш и да го износиш докрај…

– Сега, отпосле, кога размислувам растоварено, можам да сфатам колку е голема таа љубов за сè заедно да поминете и да останете заедно. Се разбира, тука е и мојата улога за сè околу домот и поддршката во секојдневните обврски додека поминувавме низ сето ова. И фала му на Бога, се исплати – вели Горан.

Нина е родена од замрзнат ембрион. Последниот што го имале од последната процедура.

– Последната надеж, бидејќи пред враќање на овој ембрион и докторот Митко Ивановски почна да нè насочува кон сурогат-мајчинство, кое веќе е законска опција во Македонија. Познавајќи ја добро нашата историја и сите предизвици што ги поминавме заедно, како и тој да сакаше да нè заштити од ударите што ги добивавме… Ние почнавме дел од постапката, но не можевме да најдеме сурогат-мајка. Остана опција за враќање на последниот замрзнат ембрион. А таа беше со успех – вели Горан.

„Ќе се вика Нина, на тебе“

Бременоста на Николина поминала со целосно лежење. Кога бременоста е посакувана, паровите се радуваат. Но не секогаш и оние што се соочуваат со стерилитет. Тие често се во грч, опседнати со страв за тоа дали успешно ќе заврши оваа бременост, дали сè ќе биде добро…

– Секој поминат преглед беше без радување, многу приземјено бидејќи неизвесноста и стравот беа присутни и никој не можеше да гарантира дали ќе дојдеме до целта или тоа ќе биде уште еден пораз. Има позитивен бета ХЦГ тест, значи има бременост, ама чекаш срцева акција, потоа еден скрининг, па да поминат трите ризични месеци, па да дојде до седми месец… – вели Горан.

Нивниот предизвик бил да се износи бебето до 27/28. недела, да дојде во фаза кога достигнувањата во медицината ќе можат да му помогнат да преживее.
– Гледам луѓето како се спремаат за бебе и тоа е убаво, прекрасно е. Кај нас, по сè поминато не можеш да се опуштиш. Цело време е чекор по чекор. За полот не прашавме. Докторот да не ни кажеше, немаше да прашаме. И не сме само ние со страв и стрес, и докторот поминуваше низ тоа – вели нашиот соговорник.

Раскажува дека немале купено ништо за бебето претходно. Денот Д (што би рекол докторот) бил на 13 јуни. Токму тогаш Николина почувствувала дека мора да излезе и да купи нешто, основни работи за бебето, а вечерта се породила.

– Кога дојде до породувањето, Николина беше „мажиште“. Јас, човек од два метра, само шпартав натаму-наваму по ходникот. Сестрите се обидуваа да ме смират и да ме седнат да гледам телевизија додека чекам, да не му пречам на персоналот во болницата. Но на кого му е до телевизија? – се смее Горан.

Нина е родена во 33. недела. Д-р Ивановски изиграл докторски, вели Горан. Навреме дал терапија за зреење на белите дробови и бебето кога се роди дишеше самостојно, без апарати…

– Добивме бебе, ама немавме име – се смее Горан.
– Конечно дојде ред и на името. Николина сакаше кратко име, даде неколку предлози, ама им најдовме забелешка. Ја гледав како што лежеше и ѝ реков: „На тебе ќе се вика, од Николина скратено е Нина, ти беше главниот јунак“. И сега откако ја имаме Нина, ми се потврди точноста на моето размислување. Детето го сакаш зашто го растеш, се грижиш за него, не зашто си го родил или е твоја крв. Наши пријатели посвоија дете и не само што се пресреќни туку се и прекрасни родители – раскажува Горан.

Нина сега има 2 години и е бистро, пргаво, темпераментно дете.
– На татко ѝ – се смее Горан.
– И најбитно, своја е. Детето го засакуваш како што расте, секој ден сè повеќе и повеќе го сакаш. Ова фантастично дете ни го промени животот. Ќе повторам, можеби не знаеме зашто се мачиме за нешто, ама сигурно има причина. Бидете заедно, сам човек за ништо не е. Дајте си поддршка и верувајте. Вербата е битна, многу. Ќе изгрее сонце за сите – додава Ѓоргон.



912

X