Се сеќавам на една ситуација од детството. Имав околу 8 години. Тоа утро, бевме сами дома бидејќи одевме на училиште попладне. Мама и тато беа на работа. Многу често се јавуваа за да проверат дали е сè во ред, дали учиме, дали сме јаделе и сл. Знаете како оди тоа. На мајката и таткото им се презентира сето она што сакаат да го слушнат, а децата си тераат по свое. Но, овој пат јас постапив малку поинаку. Ме прашува мајка ми што правам, а јас одговарам: „Ги гледам Марко и Петра како се расправаат и тепаат“. Да, згора на тоа и ги издадов, без размислување. Ви се случува ли децата да се расправаат и да се издаваат едни со други? Напорно е тоа да се гледа и слуша, а никој не сака тужибаби, зарем не?

Приказната, кога брат ми и јас за време на кавга искршивме врата, сепак ми е најдрага. Звучи како лошо да сме се истепале, нели? Се расправавме. Искрено, не се ни сеќавам зошто. По одредено време ми беше доста од препукувања. Тргнав кон собата, ја затворив вратата, а мојот брат се обидуваше да ја отвори и во тој момент пукна стаклото. Ја скршивме стаклената врата. Неверојатно е како во толку краток рок се договоривме што ќе правиме понатаму. Престанавме да се расправаме, го залепивме стаклото и се договаравме што ќе им кажеме на мама и тато. Се разбира, приказната не ги вклучуваше нашата кавга, викањето и туркањето… Мама и тато демек не сфатија дека ја измисливме приказната, но брат ми и јас во другиот дел од денот бевме најдобри на светот. Вистинско заедништво и единство. Интересно е како во кавга може да се роди заедништво и блискост помеѓу браќа и сестри. А родителите да не ја дознаат вистината.

Се разбира дека никој не сака децата да се расправаат, но треба ли да се реагира на секоја кавга? Или понекогаш е подобро да се пуштат децата сами да го решат проблемот?

Тешкотиите и проблематиката на воспитување во денешно време е попустливоста на децата и преголемата заштита. Ако зборуваме за кавга, под заштита мислам на она кога родителите ги решаваат кавгите на децата. Улогата на родителот е да го подготви патот на детето и да му даде крилја. Во контекст на детската кавга тоа значи да ги научат конструктивно да ги решаваат конфликтите, дали со браќата и сестрите, дали со пријателите. До кавга доаѓа бидејќи детето не може да ја согледа ситуацијата од друга перспектива. Тоа е проблем на егоцентризмот. Според теоријата на когнитивниот развој на Жан Пијаже, дури во периодот на формални операции, кој почнува околу 12. година, егоцентризмот полека опаѓа. Но, некои поединци и понатаму остануваат во таа фаза. Токму затоа се важни воспитувачките постапки ако сакаме детето да биде емпатично, да соработува, да биде толерантно, мирољубиво.

Целата тајна на успешниот живот е да се дознае што треба да направиме, а потоа тоа и да го направиме – Хенри Форд.

Има многу мали тајни состојки за воспитување на децата, а сепак сè зависи од секое дете и родител. Она што го сметам како многу важно, ако сакаме да ги подучиме децата на конструктивно решавање на конфликти, е следното:

Развој на самодовербата и самопочитта

Да се има самодоверба и самопочит е важна основа за квалитетна личност. Професорот Мајда Ријавец истакнува: „Самодовербата е верување дека можеме успешно да излеземе на крај со предизвиците во животот. Самопочитта е повеќе чувство и верување дека сме вредни сами по себе бидејќи сме човечко битие. Дека сме вредни не затоа што нешто добро сме направиле, затоа што во нешто сме успешни или затоа што сме паметни, туку зошто сме вредни што постоиме. Да можеме да кажеме: „Јас сум во ред со себе. Самодовербата е повеќе врзана за постигнувањата, способностите, вештините“.

Почитување на индивидуалноста на секое дете и градење соработка

„Дај му ја малку својата перница. Ајде, потоа ќе црташ, гледаш дека сега тој сака да си игра со тебе“. Постарото дете во служба на помалото? Помалото дете во улога на копирање на постарото? Да го научите детето да ги дели личните работи или да ги задржи само за себе? Да се почитува неговото лично време или своето слободно време да го дели со другите? Сето тоа зависи од родителот и детето и заедничкиот договор. Договорете се со детето што сака и што може да дели, а што ќе задржи само за себе. Исто така, со организацијата на времето. Кога и што ќе работи само, а кога ќе биде на ред заедничката игра. Така детето добива повратна информација дека е важно и истовремено се поттикнува соработка кон договорот и правилото. Како што ќе постапувате вие со детето, така ќе постапува и тоа со другите, зарем не?

Позитивната комуникација има позитивна намера

Децата најмногу учат за комуникацијата според моделот на лицата што ги опкружуваат. Децата од претшколска возраст во поголемиот дел комуницираат невербално. Емоциите не можат да се искажат, туку се покажуваат со однесување. И затоа доаѓа до туркање, гризење, удирање и сл. Тешко ги контролираат емоциите согласно возраста и во согласност со теоријата за развој на личноста на Пијаже. Контролата на емоциите и начинот на комуницирање се процес на учење.

„Веќе 5 пати ви реков да не се расправате и тепате. Воопшто не ме слушате!“ Ако веќе 5 пати сте го рекле истото и децата не реагираат, тоа значи дека морате да го промените начинот на пристап кон проблемот. На сопствениот пример ќе се обидам да ве поттикнам на различен начин на комуницирање и решавање на конфликтот меѓу децата.

Доаѓа детето и вели: „Тој ми рече дека сум глупав и ме турна“. Јас: „Што мислиш ти, дали си глупав? И дали е во ред што те турнал?“

Се разбира, детето одговара дека мисли оти е паметен и дека не е убаво да се туркаат. Јас: „Супер. Баш добар заклучок. А кажи ми дали јас те турнав или тој? Што мислиш, со кого треба да разговараш, со мене или со него?“

Детето оди кон другото момче и му го кажува своето мислење. По одредено време разговарав посебно со детето што го турнало, за неговото однесување и начинот на идното реагирање. Се разбира дека таквите ситуации ќе се повторуваат, што е нормално и во согласност со развојот на децата и процесот на учење. Сепак, по неколку месеци повторување имаше резултат. Ги уочив првите чекори кон самостоен конструктивен разговор меѓу момчињата.

Друг начин е возрасно лице да учествува во разговорот со децата. Најчесто разговорот започнува со прашањето: „Дали е вистина дека го турна?“ А потоа детето вели: „Но, тој мене прв ме турна“. И така се вртиме во круг и играме детективи. Секако, препорачувам почеток на разговорот со изразување емоции. Секој нека каже како се чувствува токму поради таа кавга. Секое дете нека каже што мисли за другото дете. Што ти се допаѓа кај брат ти? А што ти пречи? Секое однесување има позитивна цел, па така и кавгата. Од кавгата секогаш може да се научи нешто само ако тоа го посакуваме, зарем не? Еднаш во текот на еден сличен разговор ги поттикнав децата да зборуваат за тоа што значи да се биде глупав, кој е глупав, зошто некој е глупав, кој одредува дали некој е глупав, по кои критериуми и сл. Влеговме во големо истражување на слични и спротивни зборови, па поврзавме со нив блиски ситуации. Беше многу интересно да се слуша како самите се пронаоѓаа во одредени зборови и ситуации. И научив многу работи за секое дете.

Постојат ситуации кога помошта од возрасните е оправдана, но ако на децата им е дадена на соодветен начин.

Се разбира, сето тоа зависи од тоа за каква кавга станува збор. Најважно е да се познава детето и неговите можности. Со детето треба да се спроведат разговори за ситуациите и конфликтите кои може самото да ги реши или да се обиде да ги реши, а во кои ситуации е нужно да извести или да побара помош од возрасни лица. Детето мора да знае и да чувствува дека ја има поддршката од родителите. Тоа е улогата на родителите и воспитувачите: да го подготват детето на самостојно функционирање во светот.

Автор: Лана Кихас, едукатор/воспитувач

Извор



912

X