Воспитување

Децата пред пубертет – бура од емоции

Пред некој ден едно од моите деца седеше во кујната, намерно удирајќи на масата и воздивнувајќи. Го прашав што го мачи (со најсмирен глас). Проблемот беше што неговиот молив (механички) веќе бил празен. Прашав дали може да го наполни. Тоа го ослободи ѕверот. Очигледно сме немале веќе материјал за полнење на моливот, а мојот син поради тоа ги мразеше сите и секого. Се обидов да најдам едноставно решение – следниот пат купив повеќе. Би помислиле дека за тоа ќе наидам на олеснување и благодарност, но не. Моето дете експлодира. Не знам дали тој одреден ден беше анксиозен, уморен, дали го мачеа хормони или стануваше збор за комбинација од сè, но би сакала некој да ме предупредеше за тоа колку емоционално нестабилни може да бидат децата пред пубертет.

Да скратам – ако сè уште немате деца пред пубертет, знајте го ова – сè е тешко со нив. Ако веќе сте родител на деца пред пубертет, веројатно сте лути што некој немал достоинство да ве предупреди дека тинејџерските години се нешто за кое треба да се загрижите, бидејќи децата навлегуваат во таа фаза од претходно. Деца пред пубертет се сметаат оние на возраст од 8 или 9 до 12 години. Тој период од животот е неверојатен. Една секунда детето е малечко дете, следната минутка бара повеќе одговорност, повеќе материјални работи, повеќе слобода – повеќе, повеќе, повеќе. Нема разумен разговор со дете пред пубертет. Поседуваме околу 500 моливи. Дури имаме и други механички моливи. Зарем не може да се користи друг молив? Одговорот е очигледно НЕ.

Децата пред пубертет се бура од емоции, додека поминуваат низ рана и средна фаза од пубертетот.

Нивните умови не можат да бидат еднакви на темпото на нивното тело, а нивните тела не можат да држат чекор со нивните умови.

Почнуваат да забораваат како да направат основни работи, работи кои ги научиле како мали. Во основа, може да обрнат многу внимание до никакво внимание. На крајот, сфатив дека прашањето „зошто“ е залудно. Ни тие не знаат зошто го прават она што го прават. Дури и одрекуваат дека го прават она што го прават. Па, сите можеме да се согласиме дека тие години не се шега. И што да правиме во врска со тоа? Сите можеме да се приклучиме во хаосот со викање, сарказам, па дури и казнување, но моето истражување и искуство ми кажуваат дека тоа нема поента. Не можете да го казните детето за забрзаниот мозочен развој. Сарказмот е како задевање, па само предизвикува иритација.

Едноставно знајте дека тој период е нормален. Тие не се малечки возрасни. Нивните умови и тела почнуваат забрзано да се развиваат и тоа предизвикува збунетост. Колку порано сфатиме дека треба да бидеме потрпеливи и да работиме со децата, толку подобро. Овој процес започнува преку прифаќање на фактот дека децата често ќе имаат конфликтни моменти. Друго нешто што помага е да му кажувате на детето дека она низ што поминува е сосема природно. Листите, исто така, помагаат – можете да ставите листа во бањата, на пример, со обврски, па тогаш е поверојатно да ги заврши. Помогнете им однапред да се подготвуваат за одредени активности – патување, маскирање, облека, полнење на мобилните телефони и слично.

И секако, награда наместо казна. Ако детето се однесува соодветно, наградете го, но без разлика како се однесува, бунтот во тој период е природен, па потребни се цврсти и конзистентни граници. Таа возраст е одлично време да се поминува низ ситуациите, да се сослушаат децата и да се понуди помош кога ситуацијата е надвор од контрола или едноставно кога детето не може да се справи самото. Ако некогаш имаат потреба, нека се издуваат.

Последно, но не помалку важно – бидете креативни во комуникацијата.

Јас научив да комуницирам игриво, со допишување, со пишување белешки и слично. Колку сте порелаксирани и вие и децата, толку подобро ќе се одвива комуникацијата. Поставувајте отворени прашања и интересирајте се за нивниот свет. Секако дека ќе имаат тешки денови, но овој период е време кога и двете страни учиме повеќе. Треба да бидеме тука, да се вклучиме во нивните животи и да одржуваме здрав однос со децата.

Автор: Енсли Џонсон

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top