Кога вашето бебе станува нервозно, плачливо и постојано ги влече ушите, лесно е да помислите дека има инфекција на увото. Но, можеби тоа се само забите.

Овие две состојби имаат слични симптоми, па родителите често ги мешаат. Зошто бебињата ги влечат ушите? Ако забележите дека вашето бебе плаче и истовремено ги влече ушите, мора да ви биде тешко да го гледате како се мачи. Затоа е важно да ја препознаете разликата помеѓу никнувањето на забите и инфекцијата на увото, за да можете да му помогнете. Повлекувањето на увото може да изгледа како сигурен знак за инфекција на увото, но бебињата можат да го направат тоа и кога им никнуваат заби. Имено, нервите од задниот дел на устата се поврзуваат со средното уво, па бебето може да почувствува болка во увото, иако изворот на болката доаѓа од непцата. Ако детето има и температура и му е непријатно да лежи, поголема е веројатноста да има инфекција на увото.

Како да препознаете инфекција на увото?

Инфекциите на увото обично се јавуваат по настинка, затоа внимавајте на следните симптоми:

-Претходна настинка (јасен назален исцедок кој подоцна станува жолт или зелен);
-Раздразливост во текот на денот и ноќта;
-Болка во увото или губење на слухот;
-Одбива да лежи на рамна површина;
-Висока температура (38 °C или повисока);
-Исцедок од увото (крв или гној може да укажуваат на пукнување на ушното тапанче).

Симптоми на никнување на забите

Кога станува збор за никнувањето на забите, симптомите се малку поинакви. Почнуваат да се појавуваат околу четвртиот месец и може да се појават до втората година:

-Влечење или триење на ушите;
-Раздразливост и ноќно будење;
-Црвени и топли образи;
-Зголемено лигавење;
-Плачење повеќе од вообичаено;
-Ставање раце или играчки в уста.

Совет: Ако непцата се отечени и црвени, тоа е силен знак дека виновникот е никнувањето на забите! Општо земено, симптомите на инфекција на увото може да изгледаат слично на многу други болести, или едноставно вашето малечко да има лош ден. Ако чувствувате дека нешто не е во ред, особено ако вашето бебе има треска, важно е да се јавите на лекар што е можно поскоро.

Како се лекува инфекција на увото?

Околу половина од инфекциите на увото поминуваат сами, без потреба од антибиотици. Обично е доволно да му дадете на вашето дете лекови против болки, како детски парацетамол (за бебиња постари од два месеца), или ибупрофен (за бебиња постари од три месеци). Овие лекови можат да ја намалат треската и да ја ублажат болката.

Други можни ситуации кога бебето ги допира ушите

Покрај инфекциите на увото и никнувањето на забите, има уште неколку причини зошто бебето може да ги влече ушите:

-Истражување на сопственото тело – бебињата сакаат да ги откриваат своите уши, да си играат со нив и да ги ставаат прстите внатре.

-Разиграност – понекогаш е само забавно да се допираат ушите!

Како да се смири бебето?

Без разлика на причината за непријатноста, постојат начини да му помогнете на вашето малечко:

-Овозможете му одмор на бебето;
-Ако го боли додека јаде или пие, давајте му мали количини храна и течности за да спречите дехидрација;
-Контактирајте со лекар што е можно поскоро ако вашето бебе има: температура повисока од 38 °C, летаргија или поспаност.

Автор: Карина Шиждрак

Извор



912

X