М-р Кристина Ѓоргиевска, педагог, објаснува кои се најчестите проблеми на родителите со адолесцентите

Иако ова е период на когнитивен развој (развој на мислење), често адолесцентите прават работи кои се во спротивност со начинот на кој зборуваат или, подобро кажано, не се одраз на развиено мислење. Ни изгледаат како возрасни лица во некои ситуации, зборуваат како возрасни, искажуваат ставови како возрасни, можете да ги прашате за нивно мислење, а потоа ќе се изненадите кога во некој момент ќе направат некои незрели и непромислени работи. Родителите обично изненадено велат: „Ми изгледаше како зрел, а потоа реагира како дете во некои ситуации! Во што е проблемот?“ Причината за ваквите промени или „испади“ лежи во нивниот емоционален развој. Мислењето и емоционалниот развој не одат со истото темпо и не се сосема усогласени во периодот на адолесценција. Иако однадвор изгледаат многу сигурно и самоуверено, однатре се многу несигурни и нежни.

Најчести проблеми со родителите

Комуникацијата е прва на листата со проблеми кои периодот на адолесценција ги носи. Поради сè уште неизградените вештини на контролирање на емоциите, а и одложување на своите потреби, адолесцентите често влегуваат во конфликти и импулсивно реагираат. Животот на еден адолесцент е исполнет со потреба за истражување и докажување, со желби потребите да се задоволат „веднаш и сега“, и тоа без многу вложувања и одложувања. Затоа често не ги почитуваат правилата поврзани со учењето (не можат јасно да ја согледаат ситуацијата и причините поради кои е подобро да се одложи потребата за дружење заради учење), советите од родителите, тие постојано влегуваат во расправии со родителите во кои бурно, а понекогаш и агресивно реагираат. Од друга страна, родителите сакаат да ги заштитат и да им помогнат затоа што знаат дека некои однесувања можат да донесат долгорочни негативни последици кои адолесцентот не ги гледа.

Посветеноста и комуникацијата се клуч

Главна цел на родителите на адолесцентите е да ги „сочуваат“ од сите опасности и да си го одржат добриот однос со нив. Меѓутоа, многу е важно родителите да знаат дека децата, а особено адолесцентите, учат од примери. Затоа е важно родителите да бидат најдобар пример на своето дете како се реагира во одредени ситуации. Исто така, односот помеѓу родителите, нивната посветеност кон адолесцентот и поддршката што треба да му ја дадат можат многу да влијаат врз однесувањето на адолесцентот. Не треба да се заборави дека адолесцентите се истражуваат себеси и дека се многу несигурни, поради што е многу важно која порака во односот со родителите ја добиваат. Како и во секој однос, добрата комуникација е важна, а особено со адолесцентите. Комуникацијата со адолесцентите знае да биде многу сложена, особено во ситуации кога постои проблем, а адолесцентите не сакаат да соработуваат. Тие можат да провоцираат конфликти, а можат и да го држат проблемот во тајност и да не зборуваат за него. Во такви ситуации, на родителите им се потребни посебни емоционални и комуникациски вештини за да го разрешат тоа без продлабочување на проблемот и нарушување на односот со детето. Во комуникацијата со адолесцентите родителите би требало, пред сè, активно да го слушаат она што детето им го зборува. Тоа би значело да не го прекинуваат додека зборува, да го уважуваат неговото мислење и да го изразат своето, доколку не се согласуваат, подоцна да го изразат тоа, да ја поттикнуваат неговата креативност во решавање на проблемите, да не ги наметнуваат своите ставови и одмерено да ги поставуваат границите. Основа на добрата комуникација со адолесцентот е уважување на неговата несигурна личност, со вербална и невербална поддршка од родителите да стане самоуверена личност.



912

X