Несебичноста на мајките нема да го спаси светот, нивната неплатена работа ќе го спаси. Или барем верувавме во тоа, до скоро. Во овие мрачни денови на неофицијална изолација, кога стана очигледно дека никој не е безбеден и кога секој ден слушаме дека некој кого го познаваме е позитивен или починал, не сме сигурни дали во овој свет воопшто има спас – и за нас во тој свет.

Пред половина час се допишував со пријателка. Вели, ги дезинфицира кваките, ги чисти тоалетот и подовите – секој ден. Дезинфекцијата на домот е еден од показателите на нејзината грижа за двете деца под 5 години и сопругот, кој нема работно време, бидејќи работи нонстоп од спалната соба.

Вчера разговарав со тетка ми. Ја мачи некоја алергија веќе речиси еден месец, за која вели дека ја потсетува на коприва. Но, изгледа дека не е коприва. И само е на еден дел од стомакот. И ја чеша ужасно. И не ја прашувам зошто не оди на лекар. И братучетка ми и тетин ми имаат белодробни заболувања. Одењето на лекар за неа би бил чин на предавство, негрижа за најсаканите. Па, само ѝ честитав роденден.

Мојата сестра, која и вообичаено работи од дома, овие денови мораше да го преколнува шефот за да добие половина работно време. Сопругот работи од утро до мрак а нивните две ќерки се на онлајн-настава – и во музичко и во регуларно основно образование. По два онлајн-часа по солфеж на „Зум“, еден час по инструмент на „Вајбер“, втор час за инструмент на „Скајп“ и два сета училишни часови на „РТС Планета“, подготвување појадок, ручек, вечера и пишување текст за еден од клиентите што ги води, ми се јави и ми рече дека повеќе нема сила и дека не знае каде води сето ова.

Мојата колешка минатото лето мораше да ја одведе ќерката на лекар бидејќи во средина на август доби температура. Ниту еден лекар не смееше да ја прими, па мораа во ковид-амбуланта. По 2 дена враќање во амбуланта и анализа, излезе дека ќерката имала уринарна инфекција која немала никаква врска со кронавирусот.

Љубовта на мајката за детето има непроценлива вредност – не можеме да ја измериме ниту со галење, ниту со броење колку пати сме изговориле „те сакам“, ниту со бројот на променети пелени, ниту со мноштвото зготвени оброци, ниту прегратки, ниту непроспиени ноќи.

Никако. Секогаш расте, со радувања, со грижи, со успеси, со порази, со нивните стапала и ширината на прегратките. Од друга страна, работата што ја вложуваме во грижата за децата има проценлива вредност. Како таа вредност можеме да ја процениме, измериме, одредиме?

Убаво и лесно – со намалено работно време, откази, неплатени прекувремени часови, пропадната кариера, пропуштени шанси заради породилно, ослабено здравје. И како што поминуваат годините, оваа вредност расте и расте, директно се отсликува на домашниот буџет, влијае врз иднината не само на мајките, татковците, туку и на децата, нивното образование и растење, работниот успех, емотивниот свет. Но, вредноста на негата и грижата за децата која системот ја проценил е обратнопропорционална со љубовта која ја чувствуваме кон децата и семејството. А оваа состојба во која сега се наоѓаме само грдо, болно и речиси гротескно го нагласува сето она што и досега не било во ред со положбата на мајките. Семејството е сега организација со макар еден неплатен работник кој работи со полно работно време и без кого организацијата би се распаднала и евентуално неколку повремени работници на црно.

Каква си ти мајка кога очекуваш да бидеш платена за грижата за деца? Каква си ти мајка која би ја ставила кариерата пред своите деца? Каква си ти мајка што не родила второ/трето дете само за да ја задржи работата?

Сите ги повторуваат тие реченици за мајките и тоа како треба да се грижат за децата, бидејќи сите знаат сè за мајчинството, подобро од самите мајки. Зошто си раѓала ако не си сакала да се грижиш за децата, ако не си била спремна да се жртвуваш? Жртвата се подразбира иако љубовта на мајката кон детето не може да доведе со таквото однесување/чувство во односот. Жртвувањето не е одржлив модел, ниту на бизнис, ниту на живеење, ниту на сакање.

Да се биде мајка не е еднакво со тоа да се биде жртва. Мајките не треба да бидат жртви на оваа пандемија.

Сепак, се чини дека коронавирусот донесе или само го забрза неизбежно, она што со години ни се приближуваше, а не го забележувавме во неколкуте години што недостигаа за пензија, во солзите на пријателката која е слабо платена на работното место, во жените чии мажи ги тепаа на паркингот. Коронавирусот, како снежна лавина, нè затрупа со вистината.

Мајката која ни досега не работела и која се потпирала на примањата од партнерот, одеднаш е принудена да се соочи со отказот кој партнерот го добил заради „кризата“. Нема искуство, но и не е релевантно и тоа што го има за да може да заработи за плата. Како ќе плати сметки следниот месец? Бракот кој со години полека се распаѓал, по неколку месеци ковид-криза се срушил како да немало ниту една шанса да се спаси. Мајката која одговара на безбројните прашања на своите деца и која им го објаснува светот, сега има тешкотија да објасни зошто светот изгледа толку поразлично во споредба со претходната година, зошто баба и дедо не ги виделе со месеци, зошто се носат маски, зошто се случува ова што се случува. Како да се објасни дека во капиталистички систем човечките животи не вредат многу, а секако не значат повеќе од профит? Како да им се каже на младите битија, кои допрва треба да ги засакаат светот и луѓето, дека ниту сите океани на светот ниту сите дождовни шуми не вредат колку интересот/добивката/профитот/капиталот?

Дали си самохрана мајка? Дали си мајка учителка/воспитувачка/наставничка/професорка? Дали си мајка што работи на црно? Дали си мајка и медицински работник? Дали си невработена мајка? Дали си мајка вработена во пошта? Дали си мајка фриленсер на која ѝ се закануваат даноци и затвор? Дали си мајка со инвалидитет?

Кога мајката страда, и нејзините деца страдаат. Нема поедноставна вистина од оваа. Велат дека пандемијата не носи само болест и смрт, туку и најголема економска криза досега, како и многубројни психички нарушувања. Во такво сценарио, на мајките им припаѓа улогата која другите ѝ ја доделиле, оние што не умеат или не сакаат да ја препознаат и проценат вредноста на грижата за деца и семејство. Од мајките се очекува, како и досега, да продолжат да се грижат за своите семејства и да ги негуваат, уште потемелно од порано, бидејќи така бараат околностите. Не само работа и грижа, туку жртва како и секогаш, особено во стресни ситуации.

И иако мајките на тој начин се грижат за целото општество и дозволуваат тоа општество да им стои на рамената за да се спаси, тоа исто општество не ги вреднува како на себе еднакви, или макар како жени кои секој ден одат на работа и заработуваат плата. Нивното искуство во домаќинството нема да им отвори врата во бизнис-светот и нема да им помогне да заработат плата. Нема да бидат поштедени од отказ ако треба да се намали бројот на вработени – напротив, ќе бидат први на списокот за откази.

Во светот по коронавирусот, од мајките нема само да се очекува да работат бесплатно и да го одржуваат системот кој ги толчи: од мајките тоа ќе се бара. Во таков свет, не сум сигурна колку има смисла да се обидуваме да објасниме дека тој систем е неодржлив, дека сосема е извесно оти ќе се сруши и ќе повлече сè со себе – и оние што нè доведоа во таква ситуација и оние што стоеја отстрана и набљудуваа и оние што со еднаква сила, како и мајките, работеа. Мислам дека не треба да се пружаат раце за помош кон оние на кои не им одговара да не разберат. Мислам дека треба да си пружиме раце едни на други.

Автор: Сандра Ѓуриќ-Милинов

Извор



912

X