Никогаш не помислив дека на четири години нашата ќерка сè уште ќе ни го прекинува спиењето, што е особено неправедно сега кога нејзиниот помал брат спие добро.

Еднаш ја молев да не нè буди, објаснувајќи ѝ дека ќе бидеме изморени следниот ден. Таа за момент размисли, а потоа одговори: „Но, во ред е ако сте уморни бидејќи можете да пиете кафе.“

Тоа беше уште еден остар потсетник за тоа колку таа го промени мојот дневен распоред и моите навики, вклучувајќи ја и мојата зголемена потрошувачка на кафе. Но, како што покажуваат сè поголем број научни истражувања, таа всушност може да влијае врз мене на многу подлабоко ниво, далеку од мојот распоред за спиење. Во меѓувреме, моите напори да влијаам врз неа можеби нема да бидат ни приближно толку влијателни како што би сакала да верувам.

Разбирањето колку нашите деца нè обликуваат – и колку (или малку) ги обликуваме – може да ја разбие илузијата дека како родители имаме целосна контрола.

Но, исто така, може да го отфрли стресното чувство дека секоја одлука што ја донесуваме како родители ќе влијае врз нив на некој неповратен начин, па дури и може да ја отвори вратата за поинаков вид семеен живот.

Децата почнуваат да влијаат врз нас уште пред да се родат: го планираме нивното доаѓање и ги приспособуваме нашите животи за да им посакаме добредојде. Како бебиња, тие го насочуваат нашиот сон и, како несакан ефект, нашето расположение. На пример, знаеме дека родителите на раздразливите бебиња се под стрес, спијат помалку, па дури и може да мислат дека се лоши родители. Во тој маѓепсан круг, стресот и недостигот на сон можат да придонесат за зголемен ризик од родителска депресија и анксиозност.

Многу истражувања покажуваат дека личноста на детето го обликува начинот на кој го воспитуваме.

– Се разбира, родителството е навистина различна приказна во зависност од тоа кое е детето. Родителите доаѓаат кај нас затоа што имаат предизвици со детето и велат: „Но ова функционираше за моето постаро дете“, а ние им велиме: „Ова дете е сосема друга личност и има сосема поинаков сет на потреби“ – вели детскиот психолог Ен Шафер од Универзитетот во Џорџија.

– Затоа, ако премногу се фокусираме на тоа како ние родителствуваме, си ставаме огромен притисок, а исто така се создава илузијата дека само ако ги направиме сите правилни работи, ќе можеме да ги обликуваме нашите деца во среќни, здрави, успешни возрасни луѓе какви што сакаме на крајот да бидат – вели Даниел Дик, автор на „Детскиот код“ и генетичар на Универзитетот „Вирџинија Комонвелт“.

Реалноста можеби е посложена. За почеток, има сè повеќе докази дека децата влијаат врз нивните родители, и обратно – феномен наречен „двонасочно родителство“. Едно големо истражување кое го истражува двонасочното родителство и во кое биле вклучени повеќе од 1.000 деца и нивните родители, заклучи дека однесувањето на детето има многу посилно влијание врз однесувањето на нивните родители отколку обратно. Родителите и нивните деца биле интервјуирани на осумгодишна возраст и повторно во текот на следните пет години. Родителската контрола, покажа студијата, не го менува однесувањето на детето, но проблемите во однесувањето на детето довеле до помала родителска топлина и поголема контрола.

Истражувањата покажуваат дека кога децата покажуваат предизвикувачко однесување, родителите може да се повлечат или да користат поавторитарен (строг и ладен) стил на воспитување. Слично на тоа, родителите на адолесцентите со проблеми во однесувањето се однесуваат со помалку топлина и повеќе непријателство.

Спротивното се случува кај адолесцентите кои покажуваат добро однесување: нивните родители со текот на времето се однесуваат со поголема топлина. Ова открива дека суровото родителство не предвидува проблеми во однесувањето, вели Шафер, туку „децата кои глумат, кои се спротивставуваат, кои се пркосни и кои имаат родители кои реагираат со зголемување на строгоста“.

Односно, колку повеќе детето се бунтува, толку повеќе би можеле да ги зголемиме нашите закани или казни – дури и ако тоа го влоши проблемот и доведе до уште поголем конфликт и пркос.

Се разбира, родителите на крајот се одговорни за тоа како реагираат на однесувањето на нивните деца. Родителите можат да пробаат докажани техники за смирување на емоционално оптоварени ситуации, како што се управување со сопствените чувства на стрес и фрустрација, разбирање на изворите на гневот на нивното дете.

– Гените влијаат врз секоја мерлива особина – објаснува Ненси Сегал, која е специјализирана за студии за близнаци на Државниот универзитет во Калифорнија „Фулертон“ и е автор на „Намерно поделени“. Истражување на Ненси открило дека идентичните близнаци пораснати одделно се послични од близнаците пораснати во ист дом. Ова докажува дека заедничките средини не ги прават членовите на семејството исти, вели таа.

– Сите родителски совети што се фокусираат само на родителот, го ингорираат овој основен, фундаментален биолошки факт дека нашите деца не се табула раза. Сите тие имаат свои генетски склоности. Тоа значи дека различни стратегии за родителство функционираат подобро (или полошо) за различни типови деца – додава Даниел Дик.

Таа додава дека нашиот начин на воспитување зависи од темпераментот на нашите деца.

Едно дете може да биде природно дружељубиво. Друго може добро да реагира на повеќе индивидуални активности, што значи дека треба да сме потивки околу него. Едно дете може да сака изненадувања, додека братот или сестрата може да ги смета за стресни и да претпочита ред и рутина.

– Родителите имаат одговорност да се приспособат на видовите на однесувања што децата ги изразуваат и да се погрижат да ги негуваат – вели Сегал. Сепак, не е секогаш лесно да се остане усогласен и внимателен. Да се ​​облечат две неволни деца и да се подготват да ја напуштат куќата, додека некој вреска за погрешни чорапи или чевли, може да предизвика одговор на стрес дури и кај најмирните родители, особено кога се обидуваат да стигнат на работа навреме. Можеби не е изненадување што истражувањата покажуваат дека родителите се понетрпеливи од лицата што не се родители.

Психологот Леон Кучински од Универзитетот во Гелф, кој ја проучува автономноста на децата, укажува на двоен стандард: очекуваме децата да бидат усогласени, но не би го очекувале тоа од возрасен.

– Поголемиот дел од родителството е за тоа како да се справиме со неусогласеноста на децата, со идејата да се потисне… Отпорот на децата е знак на автономија и тоа всушност е карактеристика на сите човечки суштества – вели тој.

Постои и практична тешкотија да се усогласат различните цели. Дури и најтрпеливиот родител може да се мачи кога желбите на неговите деца ќе се судрат со неговите потреби, како на пример да ја напушти куќата целосно облечен и навреме. Како што децата растат, нивното влијание врз нас станува поочигледно. Во една студија од 2016 година Кучински и колегите побарале од родителите од 30 семејства да зборуваат за какви било неодамнешни настани каде што нивните деца интервенирале или имале некакво влијание во нивните животи.

Кучински нашол широк спектар на одговори, од коментари за изгледот на родителите, нивната учтивост, нивното здравје и способности за возење. Тие дури и ги промениле своите навики за рециклирање, а еден родител на 10-годишно дете рекол: „Можеби не верувавме во тоа да бидеме еко-пријателски насочени пред нашето дете да ни го привлече вниманието.“

Мајките имале поголемо влијание од татковците, веројатно затоа што мајките поминуваат повеќе време со своите деца во целина. Студијата, објаснува Кучински, покажува дека иако нашите постапки влијаат врз детето, „дејствата на детето влијаат врз вас. Со тоа што сте во блиска врска, вие сте всушност ранливи и приемчиви на влијанието на ова дете“. Тоа се случува и со добра причина – родителите изјавиле дека сакаат да „одржуваат блиски односи“ со своите деца, да ги подобрат интимноста и почитта.

Автор: Мелиса Хогенбум
Извор



912

X