Колку часа спиете? Колку часа спијат вашите деца? Како се чувствувате кога ќе се разбудите? Дали работниот ден го започнувате свежи? Одговорите на овие прашања укажуваат на една тивка и скриена епидемија во модерното општество, а тоа е епидемијата на недоволно сон. Човечкиот организам има свој биоритам на кој не можеме да влијаеме, а кој е усогласен со периодот од денот и ноќта. Доволна количина сон е биолошка потреба, многу важна за телесното и душевното здравје, како и за добро ментално функционирање. Луѓето што се наспани се будат со енергија и животен елан, а нивните интелектуални функции се оптимални.

Поради различни обврски, ние ја продолжуваме будната состојба скратувајќи го времето за спиење, верувајќи дека можеме добро да се навикнеме на „скратено“ спиење. Едно истражување покажало дека постои голема разлика помеѓу тоа како се чувствуваат луѓето што не спиеле доволно и какви се нивните објективни способности: – Откако возрасните доброволци две недели спиеле по шест часа, изјавиле дека добро се чувствуваат, но тестовите за нивните ментални способности покажале голем пад што одговара на резултатите од човек кој не спиел 24 часа.

Доволното спиење е од клучна важност за децата и младите. Нивните умови се во процес на развој, а доволниот сон е од исклучителна, но често потценета важност за оптимален развој. Истражувањата во Америка покажале дека времето на спиење за младите генерации во периодот 1980-2010 година се намалило за еден час. Можеме да претпоставиме дека во дополнителните десетина години продолжил овој тренд на намалување на периодот на спиење.

Подолг сон – подобри резултати

Што покажале истражувањата кога се работи за недостигот на сон кај децата и младите? Накратко: пад на животната енергија, поспаност, нерасположеност и незаинтересираност, нарушување на концентрацијата и хиперактивност, лоша меморија и учење, пониска интелигенција, а со самото тоа и лоши оценки на училиште, дебелеење, склоност кон предизвикување сообраќајни несреќи кај младите возачи. Родителите често не гледаат никаков проблем во тоа што нивниот средношколец наместо очекуваните осум часа, спие само шест и пол.

Спиењето е многу важно за зацврстување на меморијата. Во текот на спиењето она што е научено преку ден преминува во трајно помнење на воспоставените нови врски помеѓу мозочните клетки. Кај ненаспаноста овој процес е спречен, а лошата меморија придонесува за полошо учење нови работи. Покрај тоа, за разлика од негативните содржини, позитивните содржини многу полошо се помнат. Во ситуација во која има сè повеќе материјал и информации кои младите треба да ги научат, а сè пократок период на спиење во текот на кој наученото треба да се утврди, резултатите од учењето не може да бидат добри. Некои истражувања покажале дека дополнителен час спиење значително би ги подобрил резултатите, на пример, на тест по математика, додека резултатите од јазик би биле уште подобри.

Пократок сон – повеќе сообраќајки

Поновите истражувања значително ја поврзуваат ненаспаноста на младите со прекумерна телесна тежина. Се покажало дека децата што спијат помалку имаат во просек поголема телесна тежина од децата што спијат повеќе. Објаснување наоѓаме во невроендокринолошка каскада, во која е нарушена работата на хормоните. Кон тоа треба да се додаде дека нерасположението на хронично ненаспаните лица влијае врз нивната склоност на избегнување телесни активности. Се сметало дека пасивната забава на младите, како што е гледање телевизија, играње игри, користење паметни телефони итн. е главен предизвикувач на дебелината. Меѓутоа, се покажало дека намалувањето на овие пасивни активности не доведува до губиток на тежината бидејќи младите ги заменуваат со некои други слични активности наместо да се активираат во спортот.

Ненаспаноста е значаен предизвикувач на сообраќајните несреќи како кај возрасните така и кај тинејџерите што имаат возачка дозвола. Така, на пример, кога во училиштата во една населба го поместиле почетокот на часовите за еден час подоцна, дошло до намалување на сообраќајните несреќи кај младите возачи за четвртина.

Родителите не смеат да заборават дека доволното спиење е биолошка потреба и затоа е потребно да ја негуваат „хигиената на спиење“ уште од најрана возраст. Со дополнителен час спиење, нерасположениот тинејџер повторно станува ведра личност.

Автор: Зоран Миливоевиќ



912

X