Денес познаваме цел спектар на тешкотии што може да ги имаат децата, па затоа сè поуспешно ги приспособуваме пристапот и начинот на кој учат, разбираат и усвојуваат знаења.
Често велиме дека денешните деца се полоши од порано или дека има повеќе деца со најразлични тешкотии, па дури и дека луѓето „бараат“ дијагноза за секое дете. Но вистината е дека сè повеќе деца се соочуваат со развојни тешкотии и најважно е да им понудиме соодветен пристап што ќе им помогне да напредуваат.
Кога станува збор за деца со АДХД, овие реченици не треба да им ги кажувате во никој случај.
„Ако ти беше важно, ќе се сетеше“
Истражувањата покажуваат дека голем процент од децата со АДХД имаат тешкотии со работната меморија. Затоа на овие деца им е тешко да следат упатства, дури и кога навистина сакаат да ги задоволат родителите или наставниците. Тоа не значи дека не им е грижа, туку нивната меморија едноставно не функционира на истиот начин.
Наместо обвинување, експертите препорачуваат да се користат потсетници или системи што му одговараат на детето. Најдобро е тие потсетници да бидат визуелни или звучни. На пример, налепници на видливо место или аларм на телефон.

„Ако се потрудеше повеќе, ќе успееше“
Ако задачата е предизвик поради АДХД, детето може да се труди со сите сили, но сепак да не успее на истиот начин како дете без невроразлики. Ваквата реченица само ќе го обесхрабри и ќе му пренесе порака дека никогаш нема да биде доволно добро. Наместо тоа, пофалете го трудот на детето.
Ако детето „заглавило“ со некоја задача, помогнете му да препознае што му претставува пречка и како да ја надмине.
„Запри и размисли пред да направиш нешто“
Може да биде фрустрирачко кога ќе видите како вашето дете прави нешто импулсивно, а потоа ги сноси последиците. Но импулсивноста е дел од АДХД. Логично е да му кажете „пази што правиш“, но на дете со АДХД тоа не му е така лесно затоа што неговиот мозок обработува информации на поинаков начин.
Наместо критика, помогнете му да развие вештини што му се потребни.
„Кога веќе си почнал, не можеш да се откажеш“
Кога нешто навистина го интересира, детето со АДХД може да покаже неверојатна ангажираност, таканаречен хиперфокус. Но, ако активноста не му е интересна, може сосема да изгуби интерес. Во таков случај, притисокот да продолжи може да предизвика голем стрес.
Наместо да го терате да заврши нешто што не го сака, поддржете го во развојот на животни вештини – како на пример, емоционална регулација.
„Седи мирен“
Нереално е да се очекува дете со АДХД да функционира подобро ако седи мирно. За да се сконцентрираат, овие деца мора да се движат. Потребно е да му кажете реченици како: „Забележувам дека имаш потреба од движење. Во ред е, но ајде да направиме мала пауза и да се префрлиме на нешто друго.“
Не казнувајте го тоа што детето има потреба од движење, тоа е начин на кој функционира неговиот мозок.