Како да му се објасни на детето дека не може да го добие тоа што го посакува затоа што родителот нема пари, објасни м-р Лидија Зорба, психолог и психотерапевт

Децата често посакуваат скапи работи, особено во потрошувачко општество во кое ги гледаат на секој чекор. Но не секој родител може да си дозволи да му ги купи или, пак, смета дека децата треба да располагаат со нив. И не сите знаат да се справат со бурите, кога децата упорно бараат, па се потат објаснувајќи зошто нема да го добијат тоа, неретко чувствувајќи и вина.
Како да му се објасни на детето дека не може да го добие тоа што го посакува затоа што родителот нема пари, објасни м-р Лидија Зорба, психолог и психотерапевт.

– Мали деца – мали маки, големи деца – големи маки. Не залудно постои оваа народна поговорка. Додека се мали, ќе ги залажеш, ќе им го свртиш вниманието. Како сега да му објаснам на мојот 10-годишен син дека не може да има скапи патики какви што носат неговите другари или такви компјутери. Му верувам дека полесно се игра кога се побрзи и телефонот и компјутерот, ама толку можеме со сопругот. Жал ми е што плаче и што се чувствува нееднаков и не сакам да се караме. Но, имаме и друго дете, немаме големи плати. Често ни е проблем да го скрпиме месецот, особено како овој, најдолгиот во годината – вели Маја К. од Скопје.

Лидија Зорба

Не споредувајте го

М-р Лидија Зорба, психолог и психотерапевт, вели дека има неколку основни насоки за родителите чии деца бараат скапа гардероба, телефони, играчки и сл.
– Прво правило е детето да не го споредуваат со другите деца. Секое дете е различно и има сопствена динамика во психофизичкиот развој. Потребно е да се пофалува детето кога прави нешто добро или е успешно во некоја работа (учење, спорт, уметност и сл.) и да му се дава поттик и поддршка во оние сегменти каде што работите одат потешко – вели психологот.

Нема дете што не побарало

Важно е, според Зорба, детето постојано да има чувство дека е ефикасно во тоа што го прави, да се чувствува сакано, вредно и значајно за родителите и за околината каде што живее. На тој начин, тоа нема да има потреба да добива внимание од другите со предметите што ги поседува, облеката или џепарлакот.
– Речиси нема дете што не побарало нешто што во моментот родителот не можел да го купи поради цената или сметал дека не е потребно. Зборовите со кои може да му се објасни на детето треба да бидат едноставни, искрени и разбирливи – вели нашата соговорничка.

Таа дава примери: „Тие патики се убави, но се премногу скапи и не можеме сега да ги купиме“, „Поважно е колку си успешен во спортот отколку какви патики носиш – ако бидеш успешен, наскоро самиот ќе можеш да си ги купиш“, „Ако сакаш такви патики, треба да почнеш да штедиш од џепарлакот и ако заштедиш доволно, ќе ти помогнеме“.

Родителот да не се чувствува виновен

– Притоа, важно е родителот да не се чувствува виновен или помалку вреден како родител затоа што на детето не може да му купи сè што ќе посака. Родителот не треба да дозволи детето да го споредува (родителите на моите другарчиња им купуваат ова или она) или да го уценува (ако не ми купиш…). Децата многу брзо ги разбираат работите и ако имаат доволно внимание и поттик од родителите и ако се чувствуваат успешни во секојдневните работи, нема да имаат особени барања од нив – додава Зорба.



912

X