Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Знам дека секој родител го сака најдоброто за своето дете. Имам 30 години и 3 дечиња на возраст од 8, 6 и 3 години. Наутро денот ни почнува со местење на креветите (невработена сум и јас ги чувам), потоа тие пијат чај, јас кафе, приготвуваме појадок, појадуваме, потоа ги извршуваме домашните работи од училиште, а малото црта.

Откога ќе завршиме, нема раат. Некако не можам да седнам и да играм игра со нив, има голема напнатост меѓу нив. На пример, средново дете го удира големото, потоа тоа враќа. Цело време им докажувам дека не смее да не се сакаат и дека не треба да се тепаат. Но залудно е сè. Како да си помогнам да ги совладам нив и работите меѓу нив.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Драга мајка, во семејствата со повеќе деца постојат многу предности, децата се забавуваат заедно, играат, си доверуваат тајни. Овој однос понекогаш се идеализира, но, сепак, во секојдневниот семеен живот односите се често многу посложени и далеку од идеални, па така постојат кавги, тепачки, спротивставени интереси, несогласувања. Ривалството, расправиите помеѓу децата, удирањето… се фрустрирачки и вознемирувачки, и ментално исцрпува кога ги гледате своите деца како постојано се борат едно со друго.

Билјана Манасова-Јовановиќ

Нивната борба/расправија е за приватност, за одредени играчки, за време и внимание на родителите, кој е прв, кој е подобар, кој е побрз, кој заслужува повеќе итн. Ова однесување е прилично честа појава и нормална, особено кај помладите деца кои немаат посоодветни вештини за решавање на конфликтите. Поради тоа, да се воспитуваат децата без конфликт е невозможно.
Почесто ривалството побрзо се манифестира кај момчињата и тие завршуваат со удирање меѓу себе, додека кај девојчињата повеќе е застапена психолошката борба.

Нормално е како родител да сакате хармоничен однос меѓу вашите деца. Тоа и ве мотивира во вашите постапки кога се обидувате да ги помирите децата.

1. Затоа, поставете јасни правила што треба да ги следат. Побарајте го нивниот придонес во правилата, да предложат и да се договорат – како и последиците од нивното кршење.
На пример: Да не се повредуваат, да нема пцуење, викање и трескање на врати. Ако некој е лут на некого, на друг начин да се каже и да се протестира.

2. Колку што е можно, не мешајте се, сè додека не постои ризик да се повредат. Бидејќи ако секогаш интервенирате, тогаш можеби ќе почнат да очекуваат помош од вас наместо сами да учат да ги решаваат проблемите. Се случува родителот ненамерно да го окарактеризира едното дете како некое што секогаш прво удира, а другото да е „заштитено“, па очекува родителот секогаш да го „спасува“.
Не докажувајте се, ако продолжи, докажувањето ќе оди до недоглед за тоа кој е во право, кој е крив, кој прв почнал итн.

3. Останете смирени. Една од најважните работи што родителите можат да ги направат за да им помогнат на децата да научат да управуваат со своите емоции е самите да останат смирени. Ако можете да останете мирни и да ги смирите вашите деца во невремето на нивните бурни чувства, тие на крајот ќе научат да останат мирни, што е прв чекор во учењето за управување со нивните чувства.

4. Одделете ги децата додека не се смират, раздвојте ги, испратете го едно дете во една соба, а другото во друга. Кога емоциите ќе се смират, разговарајте со децата за нивното однесување.
Помогнете им секој да ги изрази своите чувства: „Значи, навистина беше лут кога брат ти…“
Научете ги на емпатија, прашувајте го секое дете како мисли дека се чувствувал за време на тепачката. Помогнете им да ги кажат своите чувства и потреби, да се слушаат еден со друг.

5. Креативноста е еден од најдобрите начини за соочување со емоциите. Понекогаш дајте им задача:

– Нацртајте на парче хартија (како изгледа кога се карате, удирате, кога сте лути…);
– Напиши точно како се чувствуваш;
– Користете перници за да им покажете што прават. Како едниот го удира другиот, па како тој враќа, што се случува често, за што се расправаат и удираат.

6. Ако ги казните, тие ќе се казнат едни со други. Затоа, ако вашиот пристап е да работите на решавање на проблемот на начин на заемно почитување, тие исто така ќе го прифатат тој пристап.

7. Охрабрете ги вашите деца да си помагаат и да соработуваат, дајте им заеднички задачи во кои мора да соработуваат.

8. Дајте индивидуално внимание и време на секое дете.

Колку ова да ве вознемирува, несогласувањето меѓу браќата и сестрите е позитивно и ги учи децата како да се справат и да ги решаваат конфликтите уште во рана возраст, што понатаму ќе им помогне да се справат со конфликтите во односите надвор од своето потесно семејство додека растат и развиваат.

Среќно и секое добро.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 

е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

*Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X