Во реалниот историјат на смирувањето никогаш не се случило некоја личност да се смири откако ќе ѝ кажеме: „Смири се, нема причина да се лутиш.“ Што помага во такви случаи, зборува Сања Иванушевиќ-Гргаш од Хрватска, магистер на психологија и терапевт со игра, со долгогодишно искуство во кличничката практика.

Лутењето може да биде многу силно, преплавувачко чувство. Како и со другите непријатни чувства – фрустрацијата, досадувањето, љубомората, вината, срамот… справувањето со нив не е секогаш едноставно. И да бидеме искрени, не им се случува само на децата, туку и на возрасните. И да бидеме целосно искрени, учењето и усовршувањето како да се носиме со тие непријатни, интензивни, преплавувачки чувства често е задача што ја вежбаме цел живот.

„Мамо, апсолутно си во право“

Кога детето се лути, со желба да го смириме, да го подучиме што е во ред, а што не е, со најдобра намера и желба добро да го „воспитаме“, најчесто се обидуваме да му објасниме зошто нема причина да се лути, а понекогаш дури и му објаснуваме дека не смее да се лути. И тогаш добиваме налутено, многу емоционално дете, од една страна, и родител кој се обидува нешто рационално да му објасни, од друга страна.

Тогаш детето престанува да вреска, смирено станува од подот и вели: „Мамичке, апсолутно си во право. Тоа звучи совршено логично.“ И го враќа автомобилчето на полицата. Вака изгледа во бајките. Во реалниот историјат на смирувањето никогаш не се случило која било личност да се смири откако ќе ѝ кажеме: „Смири се, нема причина да се лутиш.“

Кога детето е налутено, не функционираат паметни разговори

На сите ни се случило кога сме налутени да кажеме или да направиме нешто за што подоцна и тоа како сме свесни дека не била најпаметната работа. Зошто е тешко да останеме логични и разумни? Поради начинот на кој се развива и функционира нашиот мозок кога ќе нѐ преплават интензивни чувства, а тогаш и не сме баш многу паметни. На некој начин како тие делови од мозокот наеднаш да престануваат да „разговараат“ меѓу себе.

Кај малите деца тоа е уште поизразено поради следните важни работи:

1. Неразвиени „рационални“ делови од мозокот. Имено, кога гледаме како е граден нашиот мозок, грубо може да го поделиме на три дела. Делот кој е задолжен за чувствата, а го нарекуваме амигдала, се развива порано од овој „рационален“ дел. Тој „паметен“ дел од мозокот, кој го нарекуваме префронтален неокортекс, е задолжен за сите оние паметни работи што ги правиме како луѓе – рационално и логичко размислување, изразување зборови, планирање на однесувањето, самоконтрола… Тој кај малите деца сè уште е во фаза на развој. Што мислите, кога ќе се развие целосно? До петтата година? Осумнаесеттата? Не. Неокортексот биолошки е целосно развиен дури во средината на дваесеттите години.

2. Пристапот до чувствата на детето не е можен преку зборови. Значи, малите деца сè уште го усвојуваат говорот и деловите од мозокот што се задолжени за поврзување на зборовите со чувствата исто така се незрели.

3. Неразвиена самоконтрола. Базично, самоконтролата се однесува на способноста да запреме одреден импулс, да смислиме подобро однесување и да го спроведеме. И тоа е многу сложена задача. За да успееме во тоа, „рационалниот“ и „емоционалниот“ мозок мора да умеат добро да „разговараат“, односно мора да бидат добро поврзани. Кај малите деца тие сè уште не се поврзани.

Значи, ако паметните разговори не функционираат, тогаш што функционира?
Кога детето е налутено, значи дека емоционалниот дел од неговиот мозок е исклучително активен. Многу поактивен од рационалниот и разумниот дел, кој попатно, сè уште е во фаза на развој. Значи, клучот е да поразговараме со тој емоционален дел од мозокот. А тој дел од мозокот го разбира „јазикот“ на чувствата, допирите, тонот на гласот.

Како да смириме налутено дете?

1. Не борете се против лутината – прифатете ја. Начинот на кој ќе ѝ пристапиме зависи од начинот на кој ја гледаме лутината. Сите чувства се во ред. Лутината е во ред и ни објаснува важни работи. Лутината како таква не е проблематична, проблемот може да настане во однесувањето – односно во начинот на изразување на чувствата. Значи, целта не е да се укине лутината, бидејќи тоа не е ни можно, целта е да му се даде поддршка на детето во справувањето со неа и како таа да се изрази на прифатлив начин.

2. Поврзете се со детето така што ќе опишете како се чувствува. На пример: „Лут си“, „Ова сега многу те налути“ или „Навистина е за лутење кога ќе се сруши кулата од коцки.“ Ако детето е многу вознемирено, ќе му треба повеќе емпатија и поврзување и повеќе време пред да ве чуе што му зборувате. Целта е да се покаже разбирање за ситуацијата во која се нашло и да се прифатат неговите емоции. Тогаш ја зголемуваме можноста детето да нѐ чуе и да соработува со нас.

3. Покажете вистинска емпатија и разбирање. Целта е да поразговарате со лутината, односно со емоционалниот дел од мозокот, а тој нѐ слуша кога зборуваме за чувствата и многу е чувствителен на тонот на гласот и намерата. Ако овие реченици ги користиме како техника или обид за контрола, или ги кажуваме механички, тие најчесто не функционираат бидејќи децата многу добро ќе го почувствуваат тоа.

4. Поставете граници за неприфатливото однесување. Тука спаѓаат удирање, фрлање предмети, кршење и слично. Добро би било да кажете: „Ова многу те лути. Разбирам. Но не смееш да ме удираш.“

5. Останете смирени. Знам, едноставно е да се каже, тоа понекогаш е навистина херојска задача, особено кога сме кратки со време, кога сме пред публика, на јавни места, кога сме уморни или под притисок. Ако, пак, детската лутина кај нас предизвикува интензивни чувства, без оглед дали нѐ плаши или нѐ лути, корисно е да се разбере од кои причини ни се случува тоа. Најчесто е поврзано со некои наши претходни искуства, а ситуациите со детето само се „тригер“ за нашите реакции. Тогаш е важно да се знае дека всушност не нѐ лути нашето дете, туку некој настан од порано и треба да се обидеме да ги раздвоиме тие искуства.

6. Не попуштајте и не угодувајте му на детето само за да престане со лутењето. Со тоа ги храните и ги поддржувате таквите реакции кога детето сака нешто да добие. Ако ја прекинуваме лутината или го „спасуваме“ детето од неа, не му даваме можност да научи како да се справи со неа и со тоа интензивно чувство.

7. Разговарајте со детето кога ќе се смири. Тогаш може да ве чуе и разбере.

Автор: Сања Иванушевиќ-Гргаш, магистер на психологија и терапевт на игра



912

X