Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Се работи за девојче нормално родено, со интелектуален капацитет и развој доста висок, ова ми го имаат кажано двајца високо стручни педијатри кај кои ја носев бидејќи не можеме да се справуваме со нејзината несоработливост, конфликти и секојдневни епизоди на негодување, викање и плачење… Детето има четири години, а педијатрите проценија дека нормално се развива и покрај тоа што зборува во трето наместо во прво лице, не прифаќа задачи, не прифаќа не, доколку биде спречена во одредена намера, прави хаос, легнува на под, плаче. Зборува неповрзано, не можеме да ја разбереме. Не оди во градинка, не е социјализирана, ниту пак прифаќа адаптација. Игра со деца, но потоа ладно ги откачува, нема чувство за емпатија. Доколку намерила да му ја грабне играчката, не прашува дали може. Никако не сака да транзитира од бебе во дете. Тоа многу ме загрижува.


ОДГОВОР: Кога го читав вашето прашање, имав многу помешани чувства, верувам и знам дека ви е тешко и дека сте исцрпени. Вие како да сте ги замениле улогите со вашето дете, а многу е тешко кога се чувствувате беспомошно. Таа по својот темперамент изгледа дека е доста упорна, брзо се вознемирува, многу е гласна, тешко прифаќа промени, а тоа значи дека не отстапува лесно од она што го сака. Би требало сега да смените сѐ што досега правевте. Таткото како да има некој друг метод со кој му се приближува на детето. Што точно прави таткото?

Ако ги ставиме настрана сите податоци што ги наведовте, дека детето според педијатрите е доста здраво и добро напредува сепак, нејзиниот развој доцни. Иако усвојувањето на хигиенските навики варира во односот на возраста кај децата, таа сепак заостанува во прифаќањето и усвојувањето на хигиенските навики, како и во развојот на говорот. Сите вие што се грижите за неа сте се уплашиле многу рано од нејзиното плачење, негодување и викање, за тоа да трае и во овие нејзини години. Што се однесува до нејзиниот развој и односот со вас, вашето дете нема никакви граници.

Кажавте дека во интеракцијата со други и со нејзини врсници добро комуницира, што секако е многу добро. Не може сама да има чувство на емпатија ако вие не ја научите, тука сте вие да го водите и насочувате вашето дете во развојот и затоа морате да ѝ помогнете во тоа. Доста често им се попушта на децата затоа што така е полесно, се повлекуваме и оставаме работите така да течат, а доста често родителите или оној кој е најмногу со детето од многу причини и не умее да му каже „не“. Напрaвeте договор сите заедно дома на кој начин ќе се однесувате со детето, усогласете се сите и останете доследни на вашиот договор.
Децата немаа развиени капацитети како да се носат со своите емоции, не ги препознаваат, не се развиени за да комуницираат со нас, во вашиот случај вашето дете сѐ уште не зборува добро и не ја разбирате, а самото прави уште повеќе да се вознемирува и да протестира.

Што се однесува до зборувањето во трето лице, ние сме научени да зборуваме на начин: „Мама ќе оди на работа“; „Дај ѝ на мама“; „Тато сака торта“. Потрудете се да зборувате во прво лице, на пр: „Јас ќе одам на работа“; „Јас ѝ ти ќе шетаме“ итн.

Нема потреба многу да објаснувате или да се пазарите со неа, почнете да ги извршувате дневните рутински работи секој ден, како миењето на забите, оставете ја да јаде сама (не вие да ја храните), навреме да оди на спиење. Сите овие дневни рутински работи нема да одат така лесно на почеток ако детето нема стекнато навики, па ќе мора од почеток сѐ да учи. И пак ќе нагласам, не мора да викате, не мора да се лутите.
Кога сте чувствителни на вербалните и невербалните изрази на вашето дете, вие одговарате на нејзините потреби, ја зголемувате нејзината доверба, со ова се зголемува мотивацијата за вас и вашето дете да работите заедно и ја продлабочувате вашата способност да комуницирате, ја зголемувате сопствената и нејзината самоконтрола (да се смири кога е вознемирена, а со тоа ќе учи и ќе ја зголемува својата емпатија).

Не дозволувајте чувството на вина да ви пречи во извршувањето на вашата родителска улога. Обезбедете ѝ доследна дисциплина, што смее, што не, и придржувајте се на тие правила. Потрудете се да ги поднесете нејзините тантруми, а кога ќе поминат, можете да разговарате.

Празните закани заменете ги со јасни, мирни и концизни упатства. И останете смирени, кога вие сте смирени, таа ќе учи од вас.
Вашата примарна задача и работа е да го подготвите вашето дете да функционира во светот. Во реалниот свет не секогаш се добива и прави сѐ што ќе се посака. Границите се љубов.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за како да постапувате, како и за развојот на вашето, дете можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X