Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на 7-годишен син кој е многу темпераментен. Оди на училиште и едноставно нема ден, а да не го опоменат наставничките. Многу брзо се лути. Сака сѐ да е по негово, сака да биде центарот на вниманието, но тоа е невозможно во одделение со 30 деца. Сака да другарува, но знае да биде невнимателен и се лути ако не е прв. Многу брзо паѓа на провокација и понекогаш знае и да ги удри дечињата. Ве молам за помош бидејќи многу му зборувам да биде умен, дисциплиниран, културен, дека мора да внимава и да не се задева со другарчињата, но тоа брзо му поминува. Искрено се срамам кога ќе отидам на родителска затоа што во секоја мешаница тој е споменат. Не ми е пријатно и од родителите, не сакам да мислат дека не се разговара со него и дека тоа го оправдувам. Пробав со казни и забранување на омилените играчки, но стана уште побесен. Навистина не знам како да го доведам во ред и да има дисциплина.

ОДГОВОР: Децата на оваа возраст веќе имаат дефинирано некој социјален став кон надворешниот свет. Таквиот став го формираат врз база на поставувањето ред, правила и граници, односно дисциплинирање во семејството како примарна социјална средина. Она што можам да го забележам е дека вие се трудите и давате сѐ од себе во тој дел, но неоправдано носите и голем товар, социјален притисок и социјален срам и страв од осуда.

Училиштето освен образовен има и воспитен карактер и стручните лица во него се должни да го насочат родителот во воспитниот процес на детето, да бидат сојузници со родителот наместо да се постават спротивно, со што би предизвикале срам и страв од осуда. Наместо како да постигнете дисциплина и смиреност кај вашето дете, во моментов поважно е како и на кој начин тоа досега го правевте, бидејќи досегашниот пристап стимулирал и креирал некаква психолошка структура. Потоа е важно колку другиот родител е вклучен во тој воспитен процес, дали го делите притисокот или сами се справувате со тој социјален товар што го чувствувате.

Постои ли член во семејството или фамилијата кој има изграден авторитет врз него, ако постои таков, тогаш проследете на што се базира тој однос и која е суштината. Не вперувајте го лесно прстот кон него, дајте му шанса да види дека греши и од грешките да учи. Пофалете го доброто однесување бидејќи во вакви ситуации детето лесно учи дека возрасните ја губат вербата во него и веќе многу брзо ја етикетирале неговата личност. А на децата им е потребна шанса за да покажат дека можат да ја оправдаат визијата на возрасните.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X