Здравје

Нема брз лек за вошките во косата – само миење со специјален шампон и долго чешлање

Во одделението на ќерка ми, кај една од ученичките нашле вошки во косата за време на одморот. Два дена подоцна најдов вошки и во косата на ќерка ми. Купивме специјален шампон и ѝ ја измивме главата и веднаш ја сменивме постелнината… Во второто чешлање најдовме гниди со големина од еден до два милиметри, па ги исчешлавме и нив. И повторно ја променивме и исправме целата постелнина. Ја чешламе и миеме косата двапати неделно и засега нема веќе вошки, вели мајката Дијана од Загреб.

Таа додава дека уште неколку ученици од класот пријавиле оти имаат вошки на косата, но тие доаѓаат на час затоа што препораката на лекарот била дека доколку косата редовно се чешла, детето да не мора да остане дома.

„Речиси секоја учебна година добиваме известувања од училиштата за можна појава на вошки кај учениците. Проблемот е малку поизразен во постудените месеци и се јавува речиси во сите основни училишта“, коментира д-р Татјана Петричевиќ-Видовиќ, раководител на службата за училишна и адолесцентна медицина во Загреб.

Таа додава дека сегашната состојба со вошките кај децата е нормална, односно дека нема зголемен број на пријави.

„Кога ќе ја добиеме информацијата од училиштето, вработените во Службата доставуваат едукативен материјал до родителите, во кој детално се опишува постапката за отстранување на штетниците од скалпот, како и сѐ што треба да се направи во домот, во однос на чистењето играчки, чешли, постелнина и така натаму. По потреба и во договор со училиштето и родителите, во училиштето доаѓа медицинска сестра за да им врши прегледи на скалпот на децата, а контролни прегледи се вршат и во училишните амбуланти“, додава таа.

Вели и дека нема начин брзо да се искорени овој проблем и акцентот е ставен на соработката на родителите и слушањето на упатствата од училиштето и лекарите.

„Лекарите ни нагласија дека е многу важно детето редовно да се чешла. Важно е косата да е влажна, односно не е добро да се чешла на суво и да се избрише чешелот со хартиени крпи. Така, ставаме многу регенератор на косата, од темето до врвовите и ја чешламе. Добивме и препорака да го правиме тоа најмалку час и половина кога се работи за долга коса“, посочува Дијана и додава дека за долга коса, за едно миење, потребни се до три четвртини од шише шампон, што треба да се чува на главата во времетраење од десет минути. Сите членови на домаќинството, како и сите деца од одделението, треба да се подложат на истиот третман.

Специјалните шампони може да се купат во аптеките, но бидејќи не се целосно ефикасни против ларви, неопходно е секојдневно да се чешла косата во исто време, објаснува Мартина Тириќ од Службата за училишна и адолесцентна медицина, автор на текст кој содржи препораки за искоренување на вошки. Во аптеките можете да набавите и електричен чешел за расчешлување на вошки. Потоа косата треба да се измие уште еднаш со специјален шампон за контрола на вошки по 7-10 дена, за да се отстранат вошките кои можеби се појавиле по првиот третман и да се продолжи со отстранување на гнидите со чешлање.

Пред чешлањето, добро е да ја исплакнете косата со топла вода со малку оцет или сок од лимон, што ќе го олесни одвојувањето на гнидите од косата. Во оваа смеса можете да натопите и чешел и да чешлате, а кога ќе се ослободите од вошките, продолжете уште некое време да го прегледувате и чешлате скалпот на сите членови на домаќинството, за да бидете сигурни дека целосно сте ги отстраниле.

За време на оваа постапка, важно е почесто да се менуваат постелнината, крпите и облеката. Исперете сè на температура повисока од 60°C. Не заборавајте да ги исперете кадифените играчки со кои си играло детето, а работите што не можат да се мијат, цврсто врзете ги во пластична кеса и оставете ги затворени 14 дена.

Автор: Маријана Матковиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top