Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Јас сум мајка на 5-годишно детенце. Тоа е мирно, послушно, често доста срамежливо, но лесно се вклопува во друштво со други дечиња. Оди во градинка, таму се дружи нормално. Проблемот што го имам е поврзан со личност блиска на семејството (може да е баба, дедо, тетка, тетин итн.), со која детето има секојдневен контакт. Доколку одиме на викенд во друг град, лицето му се обраќа на детето со реченицата: „Каде ќе одиш сега, јас што ќе правам два дена сам/а?” Детето веднаш плаче, има грижа на совест дека некого остава (иако се радува дека ќе шета и ќе си игра со други дечиња). Во градинка секое утро оди весело, со ентузијазам, сè додека личноста, кога е насамо со него, не му каже: „Тебе нели не ти си оди во градинка, мајка ти те тера?“ (се наметнуваат прашања за кои повторно детето доколку одговори со ДА или НЕ, чувствува дека повредува некого (мајката или другата личност).

A little girl covers her face with her hands. Selective focus

Затоа често се случува да плаче наутро и да ме моли јас да го носам во градинка (а јас не сум во можност поради други обврски). Навечер кога си оди дома на спиење (кога заминува од живеалиштето на другата личност), се испраќа со речениците: „Сега каде ќе одиш, нели рече дека ќе спиеш со мене.“ Го гледам дека чувствува вина кога му се зборува така и не знае како да реагира, како да одговори. Кажете ми едноставно како да постапам со личност која манипулира со мало дете? Личност која едноставно кажано „глуми жртва“ ако детето не е со неа/него. Како да го научам детето да го прави тоа што му е желба, а да не чувствува вина. Тоа сака да спие дома со братчето, сака да си оди во градинка, да шета со мама и тато, но од друга страна, кога му се зборуваат такви работи, чувствува вина да не ја повреди другата блиска личност.

ОДГОВОР: Од вашиот допис можам да почувствувам дека ситуацијата во која се наоѓате воопшто не ви е лесна, а верувам дека покрај наведените прашања, секојдневно се соочувате со уште мал милион други кои произлегуваат од комплексноста на оваа ситуацијата. За жал, од самата природа на вашиот допис и од начинот на кој пишувате за таа друга личност не можам да разберам во каква семејна релација сте, што е од суштинска важност бидејќи ако ги набљудуваме семејните системи и констелациите на односите кои се креираат во нив, постои голема разлика во природата на релацијата помеѓу детето и другата личност во зависност од тоа дали таа личност е баба или тетка, дедо или тетин. Оттука ми се јавува прашањето од каде таа потреба кај вас да го заштитите идентитетот на таа личност? Си поставувате прашање: „Како да го научам детето да го прави тоа што му е желба, а да не чувствува вина?“, но истовремено ми изгледа како вие да не можете да го направите тоа што чувствувате дека е потребно за да го заштитите своето дете без да избегате од вината. За жал, невозможно е да го научите своето дете да прави нешто, во случајов да ги следи своите желби и потреби и да биде автентично на самото себе, доколку и вие не сте спремни да го направите истото.

Верувам дека како родител веќе добро знаете што е потребно да направите за да го заштитите своето дете. За жал, не постои лесен начин да се направат неопходните тешки разговори кои во ваквите ситуации како родители мораме да ги направиме со другите возрасни кои се вклучени во грижата за детето. Оваа ситуација не е ситуација која можете да ја промените на тој начин што ќе се обидете да повлијаете врз детето. Се плашам дека таквиот обид само дополнително ќе го засили неговото чувство како да се наоѓа помеѓу два огна или како од него да се бара да биде мост помеѓу две непремостливи нешта. Тоа не е соодветна позиција за ниту едно дете, бидејќи за да се биде во таа позиција, потребни се капацитети кои ниту едно 5-годишно дете на светот не ги поседува. За да го заштитите детето, неопходно е прво да го изземете од оваа ситуација на тој начин што како родител ќе преземете директна комуникација со другата личност во која ќе го поставите својот однос и очекувањата од него. Со тоа што вие не сте единствениот родител на ова дете. Она што не можам да го видам е местото на таткото во целава оваа комплексна ситуација? Дали именуваната личност е во крвно сродство со вас или со него? Кој е неговиот став во однос на овие родителски прашања што ве мачат? За да ја разрешите оваа комплексна ситуација, неопходно е прво вие двајцата како родители да се усогласите и да заземете јасен и унифициран став, а потоа да го искомуницирате со другите возрасни инволвирани во грижата околу детето, јасно кажувајќи ги своите очекувања и барања од другите во односот со детето, како и последиците што би следувале доколку тие барања не се испочитуваат.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

https://www.facebook.com/v6.0/plugins/like.php?action=like&app_id=1887609934647656&channel=https%3A%2F%2Fstaticxx.facebook.com%2Fx%2Fconnect%2Fxd_arbiter%2F%3Fversion%3D46%23cb%3Df1e711dbdd0fd8c%26domain%3Ddeca.mk%26origin%3Dhttps%253A%252F%252Fdeca.mk%252Ff3ecfcd709a8838%26relation%3Dparent.parent&container_width=174&href=https%3A%2F%2Fdeca.mk%2Fprv-ke-ja-reshi-zadachata-pa-zboruva-na-chasot-nastavnichkata-go-kaznuva-i-postojano-mi-se-javuva-kako-da-se-odnesuvam%2F&layout=button_count&locale=en_US&sdk=joey&share=true&show_faces=true&size=large



912

X