Со позитивна мисла се постигнува возвишена постапка. Затоа, треба да останеме оптимисти дека еден ден навистина ќе бидеме и без маски и дека онлајн ќе биде само една „посебна авантура“ што сите ја доживеавме и ќе остане во некоја архива за спомен

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик


Учебната година, во најголем број училишта, започна и се одвива со физичко присуство на учениците во училница и секако со носење заштитна маска, дезинфицирање на рацете и строго потсетување и почитување на протоколите и мерките кои важат во време на пандемија (како наставници, така ученици, така и цел училиштен колектив). Исто како дома, така и на улица, па и во училиште, некои навики мора да се научат еднаш и понатаму доследно и одговорно да се почитуваат… За наше општо добро, се разбира, и за доброто и заштита на светот што нѐ опкружува.

Во школо со маска или, пак, пред компјутер, без маска?

Точно е дека 5, 6, 7 часа во училница со маска е потешко. Се случува да го напрегнеме гласот или, пак, да не се разбереме (чуеме) доволно, но тоа не се случува во континуитет, значи се надминува. Доколку наставниот час е дисциплиниран, наставата функционално се одвива. Начинот на кој мораме одговорно да функционираме во училишната средина е тој и друг не постои. Минатата учебна година имаше поделени мислења, дали да се биде онлајн или, пак, во училница, а сега повеќето сакаат да се префрлат онлајн. Јас лично сметам и понатаму тврдам дека училишниот живот е незаменлив. Учењето и комуникацијата на училиште не може да ги замени компјутер, ниту пак таблет или „паметен“ телефон. Но, тоа е само мој став, и секој што работи во образование треба да има став и размислување, кое треба да биде коректно и издржано. Лесно е да се коментира по социјалните мрежи, во нив не лежи никаква суштина. Нема што не сме чуле, нема што не сме прочитале. Експерт, до експерт. Има кој да одлучува за здравствената состојба, исто како што има менаџер на школо, како и менаџер на наставниот час. Можеби треба да се скратат училишните часови (како олеснителна варијанта) или, пак, големиот одмор да биде, на пример, 20-25 минути. Се наоѓаат начини кога постои разбирање и добра училишна организација, а секако во координација со МОН, БРО, како и здравствените работници. Учениците, за време на наставниот час, може да се напијат вода, може да излезат и да одат во тоалет, секако, по еден, и без групирање, исто така, на големиот одмор излегуваат надвор, ќе поткаснат, ќе одморат, ќе се дружат (секој во свој круг, без групирање со друго одделение или клас), а наставниците на секој одмор се во функција на дежурни. Мислам дека тоа барем досега се одвива беспрекорно. Додека сме во училишната средина, покрај кодексот на однесување кој важи за сите (ученици, наставници, родители, вработени), мораме да останеме доследни на здравствените протоколи. По завршувањето на часовите, секако дека учениците се заграбуваат, се дружат, се смеат, тоа барем го гледаме.

Но, тоа е надвор од училиште, и ние не смееме да им го забрануваме. Тука веќе треба да доаѓа до израз личната свест и совест. Додека сме во училница, во ходник и двор, одговорноста ја преземаме сите ние што стоиме пред тој убав и млад свет. Верувам дека најголем број ученици се среќни што повторно се во училишната клупа и што социјализацијата им продолжува во континуитет. Рековме, здравје на сите, па да може непречено и понатаму да изведуваме настава, таму каде што навистина се изведува и каде што навистина ја личи и секако, нормално да го продолжиме животот. Со позитивна мисла се постигнува возвишена постапка. Затоа, треба да останеме оптимисти дека еден ден навистина ќе бидеме и без маски, и дека онлајн ќе биде само една „посебна авантура“ што сите ја доживеавме и ќе остане во некоја архива за спомен. Иако сѐ уште е актуелна виртуелната онлајн настава, но тоа е од морални причини и потреби.

Навиката за учење е како секојдневна навика за исхрана

И повторно ќе кажам: оној ученик што си учи во училница, учи и онлајн, и на секаков друг начин и на секое друго место. Преку онлајн, учениците заборавија што е лектира, а што е роман. Тргнувам од основното – читањето. Сега веќе и училишната библиотека „живна“. Моите ученици се полуматуранти и со радост одат во библиотека да побараат лектира. Тоа го гледам, тоа го знам. А веќе сме договорени првата лектира да ја обработуваме за крајот од септември. И тоа мене лично ми е доволна потврда дека некои подзаборавени навики полека почнуваат да се обновуваат. Посакувам така да продолжат! Поттик, мотив и волја да си ја бранам и сакам мојата професија, безусловно. Секој наставник има свој авторитет, и треба да се труди да го задржи и покажува, на најдобар можен начин. Учениците треба да се угледаат на наставникот и да учат и црпат вештини и знаења сè повеќе и повеќе… Го зедов примерот со лектира, книга, бидејќи и таа е како нашата секојдневна потреба за храна и вода. Колку повеќе е во наши раце, толку подобро ќе бидеме нахранети. Ем среќни ем задоволни. Зависи од самиот читател колку е искусен да чита и да памти. Токму така, значи некои училишни навики, во сегашни услови на учење и, секако, на однесување, или подобро кажано на постапување, еднаш се учат и треба да се практикуваат. Ако во тоа успееме, ќе ги тргнеме и маските, за кои премногу се „дебатира“ последниве две-три недели. Во една народна приказна пишува: „Да даваш совети е многу лесно, а да постапуваш по нив е многу тешко.“

Да се обидеме, да постапуваме по добрите и правилните совети. И ич да нѐ ни биде тешко. А како понатаму, во следниот мој текст. Го посакувам најдоброто, од срце!

За крај, го испраќам мојот традиционален поздрав до сите мои ученици! Бидете живи и здрави! Поздрав и до сите просветни работници, колешки и колеги кои си ја почитуваат и сакаат својата професија и кои ете, и во моменталните услови на работење, се доследни на неа, со желба за добро здравје и убави мисли.



912

X