Децата сè почесто доаѓаат во училиште со недоволно развиени основни вештини, од моторика до комуникација. Иако пандемијата се споменува како можен виновник, експертите предупредуваат дека родителите мора да преземат поголема одговорност.

Деца во пелени и со слаба моторика

Според истражувањето на „Саванта“, дури четвртина од децата што минатиот септември тргнале на училиште сè уште не биле целосно научени да користат нокшир. Исто така, наставниците забележуваат дека моторичките способности на децата се значително послаби, што го поврзуваат со прекумерната употреба на екрани.

– Имам ученици кои буквално не можат да седат на подот затоа што не им е доволно развиена мускулатурата на торзото – вели една учителка од северозападна Англија.

Други наставници забележуваат дека децата имаат ограничен вокабулар и користат изрази преземени од американски цртани филмови и видеа.

Дали сè уште можеме да ја користиме пандемијата како изговор?

Иако 39 отсто од наставниците сметаат дека пандемијата и намаленото време поминато во градинка влијаеле врз подготвеноста на децата за училиште, многумина веруваат дека родителите треба да бидат поактивни.

– До кога ќе ја обвинуваме пандемијата за сè? На крајот на краиштата, многу работи зависат од родителите – вели еден директор.

Истражувањата го потврдуваат ова – само 44 отсто од родителите сметаат дека децата треба да знаат правилно да користат книги пред училиште, а три четвртини веруваат дека треба да знаат да користат нокшир.

Сепак, додека 90 отсто од родителите се убедени дека нивните деца се подготвени за училиште, наставниците проценуваат дека дури една третина од нив не се.

Експертите се согласуваат дека родителите се соочуваат со големи предизвици – финансиски проблеми, работни обврски и недостиг на институционална поддршка. Исто така, голема улога игра финансиската криза – 83 отсто од учителите веруваат дека зголемените трошоци за живот дополнително ќе ја влошат ситуацијата.

Повеќе игра, помалку екрани

Експертите велат дека решението не е во барање виновници, туку во подобра соработка помеѓу родителите и училиштата. Квалитетното време поминато со децата, активностите што ги поттикнуваат моториката и комуникацијата, како и поставувањето јасни граници кога станува збор за технологијата – тоа се основите за здрав развој.

– Родителите се изморени и често немаат доволно време да им се посветат на децата онака како што би сакале. Но токму затоа е важна поддршката – кога родителите и училиштата соработуваат, децата се тие што имаат најголема корист – вели Тифни Харис од Здружението на училишта и факултети.

Извор



912

X