Презаштитничкото однесување е непријател на креативноста. Оставете ги децата да истражуваат. На тој начин осознаваат нови работи
Креативноста не е талент што е изразен кај поединци, туку напротив – постои и тлее кај секоj човек. Најважно е уште од најрана возраст да ги поттикнеме децата оваа способност да ја ослободат и да ја доразвиваат, вели Сања Петровска, едукатор во едукативен центар. Во детството креативноста, како и сè друго, се отсликува и се надградува преку играта. Како може родителите да придонесат за развојот на креативноста кај децата?
1. Оставете ги децата да играат сами. Контролираните и наметнатите игри најчесто резултираат со следење правила каде што се губи моментот на креативниот потенцијал. Затоа, најважно е да се даде слобода на играта кај децата.
2. Охрабрете ги чудните приказни и песнички. Децата имаат способност своето секојдневие да го зачинат со измислени случки и да ги прераскажуваат како приказни или песнички. Заинтересирајте се и поставувајте прашања за нив. Ќе се изненадите до каде може да оди нивната фантазија.
3. Презаштитничкото однесување е непријател на креативноста. Оставете ги децата да истражуваат. На тој начин осознаваат нови работи.
4. Аналогните игри пред дигиталните! Еден сет од коцки многу добро го истакнува креативниот момент кај децата. Ова не е случај и за видеоигрите, каде што моментот на креативност сосема изостанува.
5. Пешкирот од бањата може да се претвори во костим на суперхерој!? Да, може! И покрај многуте играчки што децата денес ги имаат, сепак, некако поинтересни им се предметите од домаќинството… Ова само кажува колку вашето дете е креативно.
6. Дозволете им на децата да помогаат во секојдневните обврски. Работите во кујната за нив ќе бидат предизвик и сигурно ќе ги искористат во нивната игра подоцна.
7. Барајте идеи од нив и прифаќајте ги. Охрабрете ги да размислуваат, а не само да ги следат вашите упатства. Тие најчесто го имаат најлесниот начин како да се соберат играчките од подот…
8.Читајте и прераскажувајте. Со секоја нова приказна децата откриваат нови содржини. Ова ја зголемува нивната фантазија и ја поттикнува креативноста.
9. Боичките се секогаш добра опција. Шаренилата на белиот лист најдобро ја отсликуваат способноста за креативното изразување.
10. Не мора сè да биде точно. Облачето може да биде и розово. Прашајте, сигурно има причина за тоа… Понекогаш е побитен контекстот на работите.
11.Дозволете им да се извалкаат. Не прекинувајте ја играта поради валканите рачиња. Најдобро ќе ја извадите креативноста од нив доколку им дозволите докрај да ја изиграат играта.
12. Играјте надвор. Паркот или играта во природа нуди интересни содржини за развој на нивната фантазија. Ова важи и за друштвената игра.
912