Во зима е студено и царуваат вируси, а вашето бебе само што не стигнало. Како да го подготвите домот, како да знаете дали на бебето му е студено или топло и што ако бебето настине, советува Маја Скендер, педијатар.

Како да го подготвите домот за пречек на бебето?

Дома бебето ќе се сретне со нова средина. Просторот каде што ќе престојува по излегувањето од болницата треба да биде чист и удобен. Тоа значи воздухот да биде проветрен и со соодветна температура. Термонеутрална околина за новороденчето е во распон на температурата и влагата на околината каде што новороденче со нормална температура на телото (37-37,4 степени ректално или 36-36,9 степени во пазувите или устата) има најмала потрошувачка на кислород.
Со други зборови, овие услови најмногу му годат на бебето. За новороденче, термонеутралната температура на околината, со релативна влажност од 50% и без струење на воздух, изнесува 31-34 степени кога детето е голо и околу 24 степени кога е вообичаено облечено и покриено со памучна прекривка.

Како да знаете дали на бебето му студи или му е топло?

Допрете му ги рачињата и ножињата. Ако се студени и модри, на бебето му студи.
Ако просторијата е премногу загреана, на бебето ќе му се зацрвенат обравчињата и главата ќе му се испоти, значи дека на бебето му е премногу топло! Тогаш треба да го преслечете, да го раскомотите, да го подоите и да му дадете вода или чај за бебе.

Кога треба да го одведете бебето на прошетка?

Има луѓе што не го изнесуваат бебето надвор сè до средината на април за да не настине. Но, тоа не е добро од неколку причини.
Прво, бебето полесно ќе настине во мал простор каде што влегуваат возрасни и постари деца кои носат различни вируси и бактерии.
Второ, не е здраво да се дише застоен воздух и трето и најважно: детето треба да се навикнува на условите на средината во која ќе живее! Тоа значи дека бебето смее и треба да се носи на прошетка и во зима откако ќе се обезбедат одредени услови.
Бебе помало од шест недели смеете да го изнесувате надвор ако надворешната температура е над 15 степени и ако е убав, стабилен ден, без ветер.
Ако е постудено, почекајте да наполни шест недели бидејќи во тој период созрева терморегулациониот центар во мозокот, па можете да го изнесете бебето на половина час надвор и на температура околу нула степени, ако денот е сончев и нема ветер.

Дали новороденото бебе има имунитет?

Новороденчето сè уште нема свој имунитет, но затоа мајката го штити во првите три месеци со своите антитела – заштитни материи кои ги неутрализираат микробите. Еден дел од овие антитела пред крајот на бременоста преоѓаат од мајката во фетусот, преку постелката и со нив бебето се раѓа. Нивниот број постепено опаѓа по раѓањето, но ги надоместуваат антителата и другите заштитни материи од мајчиното млеко.
Особено првото млеко, колострумот, е богато со нив во првите денови по раѓањето и тоа личи на „водичка“, а го создаваат млечните жлезди во мала, но доволна количина. Од исклучително значење е бебето да го исцица ова млеко!
И зрелото мајчино млеко има голема заштитна моќ, па јасно е зошто доените деца се помалку подложни на инфекции во споредба со децата што се хранат со вештачка храна.

Што ако бебето настине?

Обичната настинка е лесна болест, предизвикана од некој од многубројните респираторни вируси што ги напаѓаат горните дишни патишта. Прв знак е затнатиот нос. Кај повеќето деца често се јавува и болка во грлото. Тоа е затоа што во грлото се сместени лимфни јазли во кои се одвива борбата со „натрапниците“ – така што одбранбените клетки во текот на настинката ги „пресретнуваат“ микробите, спречувајќи го нивниот продор во долните дишни патишта. Температурата ретко е покачена, а детето е вообичаено активно и има добар апетит.

Дали „обичната“ настинка е опасна за новороденото бебе?

Иако настинката е лесно заболување, не е пријатно да се случи во првиот месец од животот. Имено, целиот имунитет што бебето го добива од мајката не е секогаш доволен да го заштити од инфекции. Притоа самата мајка, ако настине, помалку е опасна за бебето бидејќи преку млекото му дава заштита и од сопствената болест. Сепак, ако сте настинати, треба да го доите со маска, беспрекорно да ги миете рацете и да избегнувате контакт со бебето и кога не го доите бебето, сè додека не оздравите. Меѓутоа, другите болни лица се многу опасни за бебето, затоа треба да се избегнуваат контакти со нив барем додека не наврши шест недели, кога бебето ќе започне да го формира сопствениот имунитет.

Дали настинката може да се искомплицира?

Настинката, особено кај новородено бебе, носи опасност да се претвори во потешка инфекција бидејќи бариерата во носот и грлото сè уште не е зрела да ги задржи натрапниците. Така тие можат да се „шират нагоре“ и да предизвикаат воспаление на средното уво, или „надолу“ и да предизвикаат воспаление на белите дробови, а понекогаш и двете воспаленија истовремено.

Што да се прави ако новороденчето кашла?

Доколку општата состојба на бебето е добра и тоа нормално цица и спие, најдобро е ништо да не преземате, освен чистење на носот. Имено, кашлицата обично е последица на слевањето на секретот од носот низ задниот ѕид на грлото во лежечка положба, при што се надразнуваат рецепторите за кашлање.

Дали новороденчето треба да се вакцинира против грип?

Вакцината против грип не им се дава на деца што не навршиле шест месеци. Иако бебињата многу ретко заболуваат од грип, овој вирус може сериозно да го загрози нивното здравје. Затоа во сезона на грип, особено ако е прогласена епидемија, новороденото бебе треба да се поштеди од непотребни контакти со други луѓе, особено во затворен простор!

Прим. д-р Маја Скендер, педијатар

 



912

X