Од изјавите на министерот за образование и наука Арбер Адеми може веќе да се претпостави дека нема да има намален број на часови – еден од главните адути на поранешната министерка Рената Дескоска, која ги најави во претходниот предлог-закон
Нацрт-законот за основното образование во текот на оваа недела ќе се најде пред јавноста, информираат од Министерството за образование и наука. На страницата на Националниот електронски регистар на прописи (ЕНЕР) е објавено само известување дека е почнат процесот за подготовка на нов закон.
– Во текот на оваа недела документот ќе биде достапен за јавноста и ќе може да се примаат сугестии и коментари. Секако, планирана е јавна расправа и вклучување во процесот на сите засегнати страни – велат од МОН.
Од МОН се надеваат дека нема да има пречки
На прашањето дали од септември ќе се имплементираат долгонајавуваните промени во основното образование, кои со нетрпение ги чекаат учениците, наставниците и родителите, од МОН велат:
– Тоа е намерата. Новата учебна година да почне со имплементација на одредбите од новиот закон.
Оттаму се надеваат дека никој нема да го попречи процесот. Сè зависи од тоа како засегнатите страни ќе ги прифатат промените, дали ќе има реакции од јавноста и секако – колку брзо предлог-законот ќе го помине филтерот пред пратениците.
Во известувањето за почнувањето на постапката на нов закон пишува дека целта на истиот е:
„Обезбедување системски пристап кон поттикнување на когнитивниот, афективниот и психомоторниот развој на детето согласно неговите потенцијали и афинитети – постигнување на националните стандарди за основно образование од подрачјата јазична писменост, изучување други јазици, математика, природни науки и технологија, дигитална писменост, личен и социјален развој, демократска култура и граѓанство, претприемништво и уметничко изразување, култура и мултикултура – развивање самодоверба и свест кај ученикот за сопствената индивидуалност“.
Нема помалку часови за основците
Од изјавите на министерот за образование и наука Арбер Адеми може веќе да се претпостави дека нема да има намален број на часови – еден од главните адути на поранешната министерка Рената Дескоска, која ги најави во претходниот предлог-закон.
Новото раководство на МОН одлучи да ги следи препораките на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и УНИЦЕФ. Министерот Адеми неодамна истакна дека имаат анализа што е подготвена од овие две организации со конкретни препораки и активности што треба да ги преземат како институција.
– Анализата се осврнува на повеќе мерки. Се сугерира да нема намалување на бројот на часови за учениците бидејќи во нашата држава учениците следат помалку настава од нивните врсници во Словенија и од земјите на ОЕЦД. Како сугестија е дека не треба да има рангирање на училиштата – изјави Адеми.
Тој истакна дека веќе е подготвен нацрт-законот за основно образование, нацрт-законот за наставници и стручни соработници во основни и средни училишта.
Наставниците сѐ уште ги чекаат промените
Наставниците во основните училишта речиси две години со нетрпение ги чекаат промените што ќе доведат до поквалитетно образование. Одделенска наставничка од скопско училиште вели дека во учебниците досега се направени само козметички измени.
– Испечатија нови учебници, но исфрлено е само името Кембриџ од корицата. Внатре сѐ е исто, а тоа значи дека проблемите се исти. Имаме обемни наставни програми, воопшто не ни се намалија ниту административните обврски. Сѐ што беше ветувано падна во вода – вели таа.
На прашањето дали е во ред да нема намалување на бројот на часови, таа вели:
– Дека децата од најмала возраст многу време се на училиште, тоа е така, тоа е нашата реалност. Можеби треба да се размислува во друга насока. Да се обрне повеќе внимание на содржината што се учи наместо на бројот на часови. Кога децата не би имале толкаво оптоварување, учење неважни податоци, кога часовите би биле поинтересни, кога преку нив би се развивала креативноста, кога комплетно би се исфрлила фронталната настава, нема да биде проблем да седат пет-шест часа во клупите – вели таа.
Инаку, во подготовка е и нов закон за наставниците и соработниците во основните и во средните училишта. Со него ќе се уредуваат условите за вршење на професијата наставник и стручен соработник во основните и во средните училишта, засновањето на работниот однос, категориите на наставници и стручни соработници, работните задачи, континуираното стручно усовршување (професионален развој), напредувањето во звања (кариерен развој) и одземање на звање.
912