Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Син ми има 7 години, но сѐ уште не знае да се избори со фрустрциите и неуспехот. На училиште наставничката го фали како еден од најумните и најодговорни ученици и е со одличен успех. Но дома ситуацијата е многу лоша. Прво одделение го помина со плачење, удирање и врескање секогаш кога пишуваше букви. Под изговор дека буквите се лошо напишани, ги бришеше по неколку пати иако наставничката тврди дека има најубав ракопис. Го решив проблемот така што го изолирав во детска соба сам да работи, а кога ќе биде готов само да ни покаже. Веќе не плачеше и не врескаше. Но однесувањето почна да се повторува, овој пат за читање. Сам не сака да чита, мора со него да читам, но при првиот збор на кој ќе застане, т.е. не може да го прочита, почнува да вреска и да плаче. Му нудам помош, но одбива. Ако му кажам збор, уште похистеричен е и вика зошто ми помагаш?
Исто и надвор е лош (во смисла ако некој даде гол, тој гледа да го поништи). Нема одено во градинка, а има помало братче над кое исто така се однесува доминантно. Не знам како да му помогнам да се смири, особено за читањето.

ОДГОВОР: Кај детето кое сака и се труди перфектно да ги извршува задачите, секогаш постои идеална слика со која се споредува себеси и кон која сака да се стреми. Тоа е растојанието помеѓу реалноста и идеалот што го означува нивото на задоволството или незадоволството.

Детето претерано се грижи за резултатите од своите постапки, а не за патот по кој се движи и никогаш не е доволно задоволно со тоа како ги прави и извршува работите, станува лесно и крајно фрустрирано.
Сето ова влијае постојано да е во еден вид круг и да предвидува неуспех, се фокусира само на резултатите, има тешкотии да ужива и игра, фокусирајќи се премногу на одобрувањето од другите, а превенствено одобрување од самиот себе. Честопати ние, возрасните, кога детето се соочува со проблем (на пр., кога чита или пишува) и кога се јавува голема фрустрација, сакаме брзо да го смириме и да му дадеме некое целосно решение или да му кажеме дека не е ништо страшно.

Научете го да ги идентификува своите емоции. Многу е важно детето да разбере што му се случува и можете да му помогнете со тоа што ќе го научите да ги идентификува овие емоции и соодветно да ги изрази. Поставувајте прашања како: Како се чувствуваш сега? За што си загрижен? Што те плаши, што може да се случи? Какви последици може да има?
Но, она што исто така треба да го направите е да ги вербализирате неговите чувства. Затоа, кога е многу фрустрирано, дури и кога се работи за мала грешка, важно е да вербализираме: „Ова навистина те фрустрира сега, те нервира, те лути… Сакаше да излезе некако поинаку. Важно е да го кажете тоа со голема емпатија, со целосно разбирање, бидејќи на тој начин ќе ја добие пораката од вас дека навистина го разбирате, гледате и слушате.

Станете свесни за вашиот невербален јазик. Понекогаш можеме, без да го сфатиме тоа, да покажеме знаци на неодобрување или нетрпеливост кога детето не ги прави работите онака како што сакаме. Објаснете му ги предностите на играњето, забавата, физичката вежба, подобрувањето секој ден.
Можете да го изложите на ситуации во кои не ги прави работите совршено и да види дека последиците не се страшни.
Развојот на толеранција кон фрустрација оди така што детето ќе научи да управува со неуспесите и со чувствата на безнадежност, гневот или болката што тие ги создаваат, од кои доаѓа можноста да учи од грешките.

Научете го да разговара со себе со конструктивен самодијалог. „Па, ако не успеам овој пат, ќе продолжам да се обидувам, но не смеам да заборавам дека треба да се забавувам и дека ова не е така страшно“.
Што ќе се случи ако на овој фудбалски натпревар не сум одиграл добро како што сум сакал? Ништо не се случува, секогаш кога играм јас учам, се подобрувам.“

Со читањето, ќе седите и ќе читате, тој ќе се фрустрира, а вие ќе бидете до него да почне повторно, ако треба и неколку пати. Единствено нешто што вие тогаш треба да го направите е да бидете смирени и да трпите.

Играјте друштвени игри, тоа може да биде трик за да се елиминира непријатното искуство на губење за детето. Вашата семејна динамика е многу важна и начинот на кој вие реагирате кон однесувањата на вашите деца.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X