Наставнички ни раскажаа што сè не знаат да направат првачињата
На училиште одат за да учат, да се дружат, но и да совладаат одредени животни вештини што не се поврзани со образованието. Некои деца помалечки седнале во училишните клупи, други работите што сега ги учат ги добивале како услуга од најблиските. Разговаравме со две одделенски наставнички за тоа што сè не знаат да направат дел од дечињата во прво одделение.
– За сите тешкотии што ги имаат дечињата во првата година од основното образование тука сме ние, наставниците, и постојано им помагаме да совладаат сè. Со текот на времето заеднички успеваме во тоа, да научат како правилно да се однесуваат и да стекнат навика и рутина за нештата – вели Драгица Поповска, долгогодишен професор во одделенска настава во Основно училиште „Панајот Гиновски“ во Скопје.
Сè што ќе падне долу е ѓубре
Еве што дел од децата не знаат самостојно да направат во целодневна настава:
– Во кујна, за време на ручек или појадок, некои деца не умеат сами да јадат, па поради тоа оброкот го јадат со помош на наставникот. Има деца што не знаат да излупат варено јајце или да си отворат, на пример, зденка.
– Некои деца не знаат самостојно да се облечат во опремата за часот по физичко и здравствено образование. Не умеат да заврзат врвки на патики. Не умеат да закопчаат копче на фармерки, патент на јакна, патент на кондури, бидејќи не им е доволно развиена ситната моторика.
– Не знаат самостојно да одат во тоалет бидејќи ретко кое дете претходно имало можност да оди по нужда користејќи чучник.
– Не умеат самостојно да се избришат по извршената нужда.
– Деца, на час, имаат тешкотии при држење молив, како и при користењето ножички, кога сечат колаж, хартија и слично.
– При пишување во тетратка почнуваат од средина или од крај, а не од почеток. Не пишуваат по ред, на секоја страница од тетратката, туку прескокнуваат листови. Или, пак, пишуваат во долниот дел, горниот го оставаат празен.
– Не го враќаат приборот во кутијата, туку го оставаат на клупа, под клупа.
– Ако на некое дете му падне нешто на подот, тоа автоматски станува ѓубре, тврди дека не е негово, не си го зема назад. Немаат чувство на одговорност за лични работи.
– Расфрлаат хартии низ училницата. Отпадот по острење молив останува на клупата или под неа.
– Тешко се снаоѓаат со учебниците, иако им кажуваме на која страница треба да отворат.
– Пишуваат во погрешни тетратки, не знаат која тетратка по кој предмет им е.
– Додека работиме на час, си цртаат цртежи по избор.
– Работат со материјали со кои наставникот не кажал дека треба да се работи.
Фото: Колектиф Прес
Како се одвртува капаче од шише?
Даниела Ѓеркоска, одделенски наставник во скопското Основно училиште „Димо Хаџи Димов“, вели дека има вештини што децата треба да ги знаат кога ќе тргнат на училиште, ама не ги совладале.
– Но, и да не ги научиле, заедно ќе ги совладаме. Првачињата ни се голема радост, а нашата задача не е само образованието, туку и заедно со родителите да создаваме луѓе подготвени за живот – вели Ѓеркоска.
Што покажува нејзиното искуство:
– Има деца што не знаат да отворат и да затворат чадор, а потоа и да ја залепат лепенката на него.
– Дечиња не знаат правилно да држат лажица. Ја држат како молив.
– Ги облекуваат наопаку левата или десната обувка.
– Не разликуваат учебник од тетратка.
– Не умеат да бојат со четка.
– Кога ќе залади, не знаат да си ги наместат ракавиците или шалот.
– Има деца што не знаат да одвртат капаче од шише.
Психолози коментираат дека голем дел од овие вештини децата треба да ги знаат кога ќе појдат на училиште.
– Оние што оделе во градинка имаат совладано дел од нив. Секое дете е своја приказна. Има дечиња што биле презаштитени, па родителите сето тоа го завршувале за нив, има деца кои премногу време поминувале со паметни уреди, а тоа може да влијае врз нивниот развој, некои многу малечки поаѓаат на училиште… Затоа е значаен позитивниот однос од наставниците – вели психолог.
912