Имате чувство дека постојано сте во дисхармонија со детето? Вие едно, тоа – друго. Вие му забранувате да прави нешто, тоа продолжува да го прави и изгледа како да ве игнорира. Нервите ви се при крај и му велите дека е безобразно.
Сега веројатно се прашувате како да постапите кога тоа се однесува, според вас, на недозволив начин? Еве, одговорот веќе се наѕира во прашањето – клучен збор е „однесувањето“. Значи, детето не е безобразно, туку вие така го доживувате неговото однесување, а разликата меѓу тие поими е огромна.
1.Кога на детето ќе му кажеме дека е безобразно, тоа е етикета на неговиот идентитет. Ако тоа го повториме неколку пати, и ние и детето ќе почнеме да веруваме во тоа. Можеби сте забележале дека кога ќе го прашате зошто го прави тоа, вели: „Затоа што сум безобразен“. Тоа значи дека и самото поверувало во тоа. Дали навистина сакате така да мисли за себе?
2. Важен момент при вакви ситуации е дека вие несвесно се фокусирате постојано да ги забележувате сите „погрешни“ однесувања. Самите ќе забележите дека сте упаднале во оваа замка кога на секои пет минути ќе му кажувате – „немој, што правиш, не е убаво тоа, безобразен си…“
3. Ако своето дете го гледате како безобразно, тогаш сè што ќе прави тоа вие ќе го доживувате лично и ќе ја гледате само последицата, а не пораката што ја испраќа детето. Значи, вие се чувствувате лошо поради тоа и целото внимание го насочувате токму кон тоа – се чувствувам лошо бидејќи детето е безобразно. А кога вниманието ви е насочено кон себеси, не ги забележувате сигналите што детето сака да ви ги испрати преку своето однесување.
Разликата меѓу однесувањето и идентификацијата со некоја особина е навистина голема. Затоа, еве кои родителски однесувања се покорисни во вакви ситуации.

Прво правило е да ги знаеме правилата!

Кога поставувате правила, важно е тие да се приспособени на возраста на детето и да му бидат соопштени така што целосно да ги разбере. Значи, правилата мора да му бидат јасни на детето. На пример, како да се однесува кога се вози во автомобил, кога е на театарска претстава и слично. Се разбира, не треба наеднаш на детето да му се соопштат сите правила, туку постепено, пред конкретни ситуации и низ поучни приказни.

Дури кога вербално ќе ја „поврзете“ ситуацијата со посакуваното однесување, ќе можете да му соопштите дека тоа ќе биде ваше правило. Обидете се секогаш да бидете смирени и да не влегувате во премногу објаснувања или расправии, а особено „ослободете“ се од идејата дека вашето дете е безобразно и дека намерно ви го прави тоа.
Но, што треба да се прави ако и покрај ова детето продолжи со некое неприфатливо однесување или ве „изненади“ со некое ново?

Откријте ги скриените пораки што ви ги праќа!

Прво и најважно – обидете се да не влегувате во замката целото внимание да го насочите кон последицата – лошото однесување – и кон првото чувство што се јавило кај вас. Обидете се да откриете што всушност детето ви зборува преку своето однесување бидејќи нешто му се случува, а не знае како да го искаже тоа. Согледајте ја ситуацијата објективно – можеби сте отишле кај баба, а потоа наместо таа да си игра со него, ви прераскажува што ѝ се случило. Ако во таков случај детето почне да ве поттурнува вас или бабата, размислете дека можеби тоа е неговиот начин да ви соопшти дека сака да ви го привлече внимание, но не знае како, па го прави тоа, за жал, на негативен начин.
Ако се согласиме дека ваквото однесување е неприфатливо, што треба да направите? Со критики и напади нема да дознаете која била причината за таквото однесување, па затоа прашајте го: „Што се случи, зошто ја турна и ја удри баба?“ Значи, на соодветен начин треба да ги побарате одговорите за да го научите како треба и како не треба да се однесува. Тоа дава долгорочни резултати и гради мост на доверба.

Зошто е важно да се научите на вакви реакции?

Идејата дека детето е безобразно ви носи голем товар бидејќи ќе размислувате каде сте погрешиле во воспитувањето и ќе размислувате дали засекогаш ќе остане такво. Кога ќе престанете да го набљудувате своето дете низ неговите особини (кои сте му ги залепиле за идентитетот) и кога неговото однесување ќе почнете да го доживувате како процес на учење, поминување низ некоја развојна фаза или обид нешто да ви „каже“, вие всушност ќе развиете способност навистина да го разберете, да го следите и да му помогнете.
Клучот е во повторувањето и трпеливоста. Да се биде трпелив, значи дека некои работи ќе мора да ги повторувате повеќе пати бидејќи не можете да очекувате дека детето веднаш ќе сфати сè, дека ќе ве послуша и ќе го промени своето однесување. Но, со текот на времето сигурно ќе го направи тоа! Давајќи му поддршка, ќе обезбедите вашиот однос да биде квалитетен и полн со доверба.

Автор: Драгана Алексиќ, семеен терапевт

 



912

X