Бурни реакции предизвика најавата на Министерството за труд и социјална политика за укинување на месечниот додаток за трето дете. Имено, оние родители што веќе користат додаток за трето дете ќе продолжат да го користат и во иднина, а идните родители на трето дете ќе имаат право на додатокот уште 10 месеци по донесувањето на новиот закон

Подолго платено породилно отсуство, подолг годишен одмор за мајките, парични надоместоци за повеќе деца, кредити со ниски каматни стапки за млади брачни парови за да формираат сопствен дом со дополнителни погодности ако имаат деца, бесплатно доделување земја во руралните средини за многудетни семејства, градинки во близина на големи компании, висока грижа на државата за остварување на правата на мајките на работното место… Ова се само дел од социјалните политики на развиените земји за подобрување на наталитетот. Што се прави кај нас?

Бурни реакции предизвика најавата на Министерството за труд и социјална политика за укинување на месечниот додаток за трето дете. Имено, оние родители што веќе користат додаток за трето дете ќе продолжат да го користат и во иднина, а идните родители на трето дете ќе имаат право на додатокот уште 10 месеци по донесувањето на новиот закон. Се воведува нова мерка- еднократна помош за новородените.  Мислењата за тоа колку ќе биде успешно „унапредувањето во право на користење на надомест за прво, второ и за трето дете“, како што властите ја нарекуваат новината, е поделено. Но, експертите се сигурни дека наталитетот може да порасне со многу нови, добро промислени мерки, како и со подобрување на економската состојба.

„Не е проблемот во тридетните семејства“

– Навредливи се изјавите на министерката за труд и социјала која вели дека „резултатите не се постигнати, иако државата потрошила 2 милијарди и 600 милиони денари! Парите сме ги потрошиле и сме ги пуштиле во еден бунар!“ Јас сум мајка на трето дете и знаев дека сакам да имам три деца уште пред да го добијам првото дете и пред да биде воведена субвенцијата. Со додатокот, кој гласи за „мајката на трето дете“, покриваме добар дел од месечните трошоци за трите деца. Ова е една од најдобрите субвенции што ги вовела државата. Познавам многу фамилии со три деца, многу среќни фамилии, секоја со различен социјален статус – вели Александра П. од Скопје.
Субвенцијата за трето дете, смета таа, треба да служи за да им помогне на семејствата за побезгрижно да ги растат децата.
– Нека отвори Царовска во групите на социјалните мрежи каде што членуваат мајки на три и повеќе деца да види со какво нетрпение се очекуваат тие 8.000 денари во месецот и колку од тие мајки се „богати“. Тоа што „субвенцијата не дала резултат“, односно наталитетот не е пораснат, не е проблемот во тридетните семејства, ами во фактот што многу млади се иселија од државата во изминатите 10 години и не се решија да родат во оваа земја ниту едно дете. Нека ги отворат статистиките колку деца на Македонци се родиле во странство за само една година (околу 5.000, ако не се лажам) – вели Александра.
Таа смета дека повеќедетните семејства многу потешко се одлучуваат да заминат од земјава.
– Нека го размисли Владата овој потег, оти не е исто кога ќе почнат да се иселуваат петчлени и двочлени семејства. А 60.000 денари еднократна помош што ги ветуваат, ќе ги спасат семејствата од еден кредит помалку, да се породат на некоја приватна клиника! – додава таа.

Да се има дете, значи и да се обезбедат услови

– Нискиот природен прираст е присутен кај многу развиени земји и земји во развој – вели проф. д-р Пере Аслимоски, социолог од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.
Со него се соочуваат и земјите во нашето поблиско опкружување, Србија, Бугарија, Албанија, Хрватска, Словенија и други. Проблемот има широки економски и социјални и културни координати и со него тешко се справуваат дури и земјите што пристапуваат со значително поголеми финансиски и институционални капацитети во пронаталитетната политика.

Младите, кои се потенцијални носители на природниот прираст, се соочуваат со сериозни тешкотии во обезбедувањето финансиска самостојност и благосостојба.
– Тоа е една од основните пречки што ги одвраќаат или го пролонгираат реализирањето на нивниот концепт за семеен живот. Да се има дете, значи да се биде подготвен за обезбедување основни услови за нормален развој на детето: храна, облека, покрив над главата, згриженост на децата во раниот детски развој, образование и слично. Тоа, пак, бара континуирано насочување на средства за благосостојба на детето, најмалку во наредните две децении, од неговото раѓање до неговото финансиско осамостојување. Од тие причини, континуираната финансиска поддршка од државата како детски додаток или во друга форма, е важна како за третото така и за првото и второто дете. Правична и одмерена, според имотната состојба на семејството и насочена кон постигнување на неопходните услови (трошоци за нормална егзистензија на детето), се чини дека е помотивирачка и ќе го олесни донесувањето на одлуки кај младите парови за деца и нивното одгледување, доколку пречките се од економска природа – вели Аслимоски.

Се разбира, потенцира социологот, државата треба да си најде механизам за правично насочување на поддршката таму каде што е потребна.

– За Македонија, покрај економските фактори (невработеност, низок животен стандард, станбени и други услови), причината за опаѓањето на природниот прираст лежи во промените што настанаа во половите улоги, намалувањето на значењето на семејството, иселувањето на младите во потрага по подобар живот, позадоцнето стапување во брак, посветеноста на кариерниот развој и многу други социокултурни причини – вели социологот.

Во нашиот општествен амбиент каде што семејните интергенерациски односи сè уште имаат традиција, потенцира нашиот соговорник, голема улога во создавањето на благосостојбата кај младите имаат нивните родители.

-Нашата држава исто така прави респективни напори, со мерки на социјалната политика да создава поповолен амбиент за грижа и развој на децата и на тој начин да ги коригира неповолните тенденции во природниот прираст на населението. Сигурно дека се потребни дополнителни анализи за да се стигне до социјални мерки со кои ќе се оптимизираат состојбите во оваа сфера. За да се постигнат барем дел од очекуваните цели во популационата оддржливост, покрај паричната поддршка, потребни се комплексни мерки со кои ќе се третираат состојбите кои ги детерминираат негативните демографски тенденции – додава Аслимоски.

Нови мерки, смислени од експерти

М-р Дончо Герасимовски, демограф и поранешен директор на Државниот завод за статистика, со децении ги следи и ги анализира демографските состојби во земјава, а и дава препораки и предлог-мерки за нивно подобрување.
– Во оваа насока актуелно е прашањето на наталитетот, односно живородените деца. Моите направени анализи покажуваат дека наталитетот се намалува, а тоа значи дека бројот на живородени деца се намалува. За таа цел и претходната Влада презеде низа мерки и активности, но тие не ги дадоа очекуваните мерки. Мерката за дотации како и субвенции и други дотации за трето дете исто така не придонесе за подобрување на состојбите, што значи не се добија очекуваните резултати – вели Герасимовски.

Оваа Влада, смета тој, треба да предложи нови мерки и активности за подобрување на демографската состојба во земјава, која е загрижувачка.
– Меѓутоа, мојот предлог е како прво и основно Владата задолжително да формира министерство или сектор за популациона политика кој ќе се занимава со оваа значајна и битна активност во земјава. Ова треба да се стори навреме додека не сме дојдени до катастрофална демографска состојба како земјите од Источна Европа, Балканот и републиките на поранешна Југославија, како и поранешните советски републики – вели Герасимовски.
Тој потенцира дека речиси и да нема земја што нема министер или експерт во Владата кој не работи на оваа проблематика.
– Во Србија дури и претседателот на државата е претседател на формираното тело за популација – додава.

Инаку, од Министерството за труд и социјална политика објаснија дека стекнатото право на родителски додаток за дете (за трето и четврто дете) ќе продолжи да се остварува. За трето дете до завршување на периодот од десет години, а за четврто дете и кај единствениот родителски додаток до завршување на периодот од 15 години. Промените се однесуваат на новите корисници. Со новините, за прво дете висината на еднократната парична помош предвидено е да изнесува 5.000 денари, за второ 20.000 денари, а за трето новороденче 60.000 денари. Истовремено, освен што ќе добиваат еднократен надомест, на сите семејства што се со минимални приходи и корисници на социјална помош им се овозможува пристап до правото за детски и образовен додаток, чија крајна цел е да се намали детската сиромаштија.



912

X