Ако овие деновиве постојано изгледате загрижени, преплашени, анксиозни и везден зборувате за вирусот, а ТВ-приемникот ви е само на вестите кои го сондираат секој нов случај, тогаш чудно ли е што вашето дете е вознемирено, прашува психологот Мирослав Пендароски

Прогласената пандемија, вонредната состојба, работата од дома на родителите, прекумерното пазарење, паниката и стравот, неизвесната ситуација, многуте прашања на кои се нема одговор и сите новонастанати околности предизвикани од коронавирусот директно или индиректно влијаат врз секого – и врз возрасните и врз најмалите членови во семејството. Тие се особено чувствителни на нашите реакции на состојбата. Како да препознаеме дека детето е вознемирено, а нема јасни знаци на вознемиреност, и да си помогнеме да не го пренесуваме стравот.

Психологот Мирослав Пендароски, универзитетски професор и психотерапевт, смета дека со поминато квалитетно време дома, низ игра, спорт, шегување, разговор, полесно ќе се преброди состојбава. Тој апелира до родителите да не им бранат на децата да бидат малку палави во состојба во која доволна фрустрација е самиот факт дека мора везден дома да се седи.

Потемпераментно дете – поголема фрустрација

Според него, децата и младите се најретките паничари кога станува збор за моменталната состојба настаната од вирусот. Тој смета дека секое семејство, а со тоа и секој член е под специфично, долготрајно и неизвесно, постојано амбивалентно и променливо влијание. А оттука децата не може да се апстрахираат од таа состојба и како важен дел од семејниот систем – секако се под големо влијание.

Оваа пандемија е само физичка метафора и аналогија на една долготрајна емоционална, социјална и душевна изолација на современиот човек! Сега можеме да видиме и буквално, физички каде сме стигнале во сопственото отуѓување и отуѓувањето од нашите деца, нашата рожба, вели Пендароски.

– Секоја состојба, па и оваа, со сите свои специфики, бидејќи се работи за вирус кој брзо се пренесува, предизвикува една долготрајна потреба од структурирано живеење и функционирање, што подразбира добар баланс помеѓу нашите потреби и навики и околностите кои го менуваат и/или попречуваат задоволувањето на истите. Децата не може да се апстрахираат од таа состојба и како важен дел од семејниот систем – секако се под големо влијание – вели психологот Пендароски.

Мирослав Пендароски, универзитетски професор

Вознемиреноста кај децата е речиси со истата феноменологија и симптоматологија како и кај возрасните, вели тој. Тоа значи дека знаците се во широк спектар на когнитивни, емоционални, социјални и физички форми на поведение и во исто време со внатрешни и надворешни процеси. Во вакви состојби излишно е и воопшто да се каже дека стравот и вознемиреноста се едноставно природни емоции и доживувања.

– Детето што е вознемирено во рамките на вообичаеноста на состојбата би покажувало повремени знаци на досадување, какви што се искази од типот „не знам што да правам“, „зошто не можам да си поиграм со другарчињата“, „зошто не одиме никаде?!“ и други изрази на нетрпеливост, што е толку природно за еден мал, силен и темпераментен организам каков што е детскиот, кој тукушто почнал да го доживува светот како таков. Кај помалите деца може да се јави плачливост, необјаснива кенкавост и постојани барања кои немаат некаква основна логика. Но, пак ќе повторам, и тоа е вообичаено и природно затоа што децата се чеда на природата, темпераментот, енергијата и страста, и во нивниот код е инхерентно вкоренета потребата од движење, играње, истражување и сè друго што токму сега со вирусот е ограничено, да не речам спречено. Е сега, повелете погледнете колкава е фрустрацијата кај децата, особено оние потемпераментните и поекстровертните. Доколку, пак, детето покажува поекстремни знаци на анксиозност, преизразена вознемиреност и една потешка форма на фрустрација проследена со агресивно однесување, или, пак, во другата крајност изрази на изолација, депресивност и тага, тогаш е неопходно да се побара стручна помош – категоричен е Пендароски.

Децата не го поимаат светот како возрасните

Во вакви состојби клучно е родителите соодветно и одмерено да реагираат на стресот кај децата, а и на својот стрес.

– Знам дека некому сега ова му прозвучува како една форма на излишна утеха, но верувајте дека во состојби на паника и психотичност проследени со параноидни моменти најзначајното нешто е една здрава форма на здраворазумско и смирувачко однесување и, пред сè, расудување кое ќе биде доволно реалистично, но и доволно релативизирачко за да им помогне на најмалите да почувствуваат дека има кој да се грижи за нив. Мора да разбереме дека децата не ги поимаат светот и стварноста исто како возрасните, а тоа произлегува од ограниченото ниво на свесност за процесите во околината и во нив самите и тоа е сосема природно согласно нивната возраст, когнитивен и емоционален, а секако и социјален развој – објаснува Пендароски.

Детето што е вознемирено би покажувало повремени знаци на досадување, изрази на нетрпеливост… Кај помалите деца може да се јави плачливост, необјаснива кенкавост и постојани барања кои немаат некаква основна логика

Каде пишува дека за време на оваа криза посовесни се оние што везден зборуваат за вирусот?

Поради сето тоа, потребно е родителите да бидат на повисоко ниво на свесност и да разберат дека сето ова што се случува во детските очи изгледа малку поинаку отколку во нивните.

– Треба да сфатиме дека за децата оваа пауза од училиште претставува една форма на одмор и релаксација, а и зошто да не биде така доколку ние им објасниме, на за нив прифатлив начин, дека состојбата бара внимателност, како да се однесуваат, но дека, сепак, ова време е нивно и треба да си го искористат најоптимално. Да употребам една метафора со буквите и термините. На пр, П може да значи Почитување и Придржување, но и Претерување, нели?! Д може да значи Дејство, но и Драматизација итн. Тоа значи дека метафората ни покажува колку е сè релативно, па и нашите реакции кон нашите деца, особено во една ситуација која и самата е толку непредвидлива, индивидуално аспектирана и релативна. Каде пишува дека за време на оваа долготрајна криза посовесни се оние што везден зборуваат за вирусот од оние што ги почитуваат превентивните препораки, но не зборуваат везден за тоа и не се прават стручни за сенешто?! Ако се навратиме на децата, најважно е да ги слушаме нивните потреби и вистински да размислиме колку пати ги имаме прашано дали се добро и што им е потребно – посочува психологот.

Кога најмногу доцниш, најмалку брзај! Тоа значи, кога е најтешко и најнеизвесно, потруди се да бидеш најстабилен колку и тоа да ти изгледа невозможно сега и овде.

Здраво и оптимално информирање

За да издигнуваме емоционално и социјално здрави и свесни деца, неопходно е да им го дадеме сопствениот пример, зашто децата учат најмногу од она што го сведочат, а не од она што им се зборува, вели тој.

– Ако вие деновиве постојано изгледате загрижени, преплашени, анксиозни и везден зборувате за вирусот, а ТВ-приемникот ви е само на вестите кои го сондираат секој нов случај, тогаш чудно ли е што вашето дете е вознемирено ?! Една работа е здраво, оптимално и ограничено информирање на детето за тоа што се случува, но сосема друго нешто е драматизирана форма на приказ дека тука е крајот на светот! Во сето ова море од информации што се повторуваат и нè збунуваат, важно е да им покажеме дека може да постојат и дома низа други покреативни форми на живеење. Хуморот, спортот (онолку колку што е можно), уметноста и простото бидување со нив се многу подобар избор од бомбардирањето со мапата на заразени низ светот. Внимавајте на количината на нештата, секако и на квалитетот. Но, знаете како, нивото на свесност кај родителите е многу индивидуална работа. Всушност, оваа пандемија е само физичка метафора и аналогија на една долготрајна емоционална, социјална и душевна изолација на современиот човек! Сега можеме да видиме и буквално, физички каде сме стигнале во сопственото отуѓување и отуѓувањето од нашите деца, нашата рожба – вели Пендароски.

Децата се најретките паничари

Според него, децата најдобро ќе се заштитат од паниката со наше непаничење!

– Ние многу често ја потценуваме детската полусвесна и примитивна, но толку природна способност да реагираат многу поадекватно од нас во тешки состојби, без разлика што се зависни и недоволно свесни за нештата. Токму нивната (не)свесност им помага да развијат една интересна форма на заштитен механизам, всушност, перципирајќи ја многу сериозната состојба помалку сериозно бидувајќи истовремено во ситуација да го имаат тој луксуз затоа што сè уште се под закрила на родителите… Ако родителите го разберат овој динамизам, тогаш многу повеќе ќе им веруваат на внатрешните капацитети на децата да не паничат. Всушност, погледнете, во овој момент, децата и младите се најретките паничари! Овој навидум парадокс е многу логичен. Помладите генерации поинаку гледаат на животот и родителите не треба да се плашат дека секоја тешка состојба мора по правило да остави трауматски последици кај секое дете. Напротив, сето ова ги прави децата посвесни, посамостојни во една форма и секако родителите ги подучува како не треба, а со тоа автоматски и како треба! Значи, да повториме, одговорно и совесно однесување, воспитување на децата околу тоа што треба да преземаат и од што да се заштитат, но во една форма која нема да ги испаничи, туку ќе ги направи утре поодговорни возрасни луѓе – објаснува Пендароски.

Со шега е полесно

Неговата препорака до родителите е да не читаат вести од секакви извори со кои ќе си ја зголемат сопствената паника, а со тоа и детската. Да ги сакаат своите деца исто како и во секој друг ден и период од животот. Да поминуваат квалитетно време објаснувајќи им, на за нив прифатлив начин, зошто светот во овој момент вака функционира и дека тоа ќе помине, а животот може, и треба и се одвива дури и вака и на овој променет начин. Да ги остават да бидат креативни и да ја разберат детската фрустрација поради физичките ограничувања за тие нозе и раце што сакаат да играат, трчаат, скокаат и што ли уште не. Да не им бранат да бидат малку палави во состојба во која доволна фрустрација е самиот факт дека мора везден дома да се седи. Да се шегуваат што повеќе, особено во форма на т.н. црн хумор, т.е. користејќи ја тежината на човековото страдање со цел подобро да ни биде. Нека разговараат што почесто за теми за кои ете, „немале“ време додека работеле или биле на службени патувања. Нека ги поттикнат да сработат по нешто и за училиште и, секако, да ја почитуваат детската посебност и уникатност – вели проф. Пендароски.

Испрати порака во метафоричка смисла за крај: „Кога најмногу доцниш, најмалку брзај! Тоа значи кога е најтешко и најнеизвесно, потруди се да бидеш најстабилен колку и тоа да ти изгледа невозможно сега и овде“.



912

X