Воспитување

„Не си ми другарка!“, „Нема да се дружам со тебе!“ – не секоја реакција е врсничко насилство

Децата влегуваат во пубертет сè порано. И, како тоа само по себе да не беше доволно – и дигиталните технологии во нивниот живот влегуваат сè порано, правејќи ги покомплицирани, а во некои ситуации и многу тешки. Вибер-групите, „Снепчет“, „Инстаграм“ и другите социјални мрежи го отвораат патот кон врсничкото насилство, кое може да биде многу поболно од физичкото насилство.

Формирањето групи и „лидери“ не е некоја новост, но интензитетот со кој се стигматизираат оние што не се блиски до таквите групи е поголем од кога било. Со други зборови, периодот на претпубертет е времето кога родителите треба да ги отворат очите, да не претеруваат со советите и колку што можат повеќе да слушаат. Порано деветгодишниците си играа со џамлии, но сега созреваат порано, што ја отвора вратата за многу предизвици за кои најчесто родителите се неподготвени.

Како треба да реагираат кога нивното дете ќе се пожали дека пријателите се однесуваат лошо со него? Како треба да знаат што е насилство од врсници, а што е „детска работа“? Дали треба да се вклучат или да стојат настрана? Одговорите на овие прашања е тешко да ги дадеме бидејќи е речиси невозможно да се биде објективен.

На оваа тема зборува Невена Ловринчевиќ, клинички психолог и автор на неколку прирачници за родители.

Веќе на девет или десет години децата можат да доживеат многу болни ситуации, во кои се исфрлени, па дури и малтретирани од други деца кои до вчера им биле пријатели. Зошто се случуваат овие работи? Кои се промените на таа возраст?

-На оваа возраст се случуваат значајни промени во општествениот живот на децата: се формираат посложени односи со врсниците, пријателствата стануваат посилни, особено со деца од ист пол, но се појавува и отпор и одбивност кон некој со кој можеби дотогаш биле блиски. Влијанието на врсниците станува посилно од порано, а овој тренд продолжува и станува подоминантен со влегувањето во пубертет. Дополнително, некои деца на оваа возраст веќе стануваат посвесни и чувствителни за телесните промени кои почнуваат да се случуваат, а некои сè уште немаат развиено ваков вид чувствителност.

Како можат родителите да направат разлика помеѓу тоа кога треба да му дозволат на своето дете самостојно да ги решава проблемите и кога треба да се вклучат?

-Улогата на родителите во овој период станува посложена: од една страна, јасно ни е дека групата на врсници станува сè поважна за детето и препознаваме некои нови граници, но од друга страна, имаме силна потреба да го заштитиме детето од одредени влијанија, особено од оние што му предизвикуваат вознемиреност и тага. Најважното нешто што можеме да го направиме е да бидеме во контакт со детето, да слушаме, да даваме поддршка и разбирање.

Ќе го охрабриме детето кога ќе процениме дека самостојно може да се справи со некоја ситуација, а ќе му дадеме јасна поддршка и заштита во ситуациите кога ќе процениме дека не може самостојно да ја реши. Кои ситуации детето ќе ги реши самостојно и кога ние поактивно ќе се вклучиме, во голема мера зависи од сериозноста на ситуацијата, но и од личноста на детето. Некои деца се поотпорни и посамостојни, а некои се почувствителни. Ние секако ќе ја приспособиме нашата реакција на индивидуалните потреби на детето.

Ако, на пример, забележуваме дека нашето дете добива навреди, го исмејуваат или некој сака да го повреди, што можеме да направиме?

-Прво, ќе го слушаме детето и ќе покажеме разбирање за тагата и неговата вознемиреност. Ако се работи за раскинување на претходното пријателство, ќе разговараме со детето за тоа. Родителите понекогаш бурно реагираат на раскинувањето на детските пријателства со идеја дека тоа е врсничко насилство. Сепак, тоа не е секогаш случај. Ако некој што до вчера се дружел со вашето дете повеќе не сака и го комуницира ова на начин на кој децата понекогаш велат: „Не сум ти веќе другар/ка“ или „Веќе не си мој/а пријател/ка“… иако звучи болно, не е насилство. Во такви случаи, освен што ќе го утешиме детето кое е тажно, ќе истакнеме дека сигурно има и други пријатели со кои подобро се согласува, со кои има слични интереси, па ќе го поттикнеме детето да го прифати привременото отфрлање од неговите врсници, кое навистина е болно, но можеби е и привремено.

Меѓутоа, ако детето ги убедува другите деца да не се дружат со некого, навредува, озборува, исмејува… тоа е насилство. Во сите образовни институции постои обврска за постапување и реагирање во вакви случаи, а тоа се ситуации во кои ќе бидат вклучени и возрасните: воспитувачи, наставници и родители. Доколку се работи за спорадични навреди каде што нема да има посебна интервенција, добро е да му укажете на вашето дете дека најважно за детето кое навредува некого е да предизвика реакција и да види дека тоа предизвикало вознемиреност кај жртвата. Ова значи дека ја постигнало својата цел. Затоа, охрабрете го детето да се оддалечи од некој што го навредил, без коментар или пак да му возврати со одбранбен коментар („Тоа е грдо однесување!“). Во никој случај не би го советувала родителот да изрази недоверба во толкувањето на детето или да ги исмева чувствата, да ги омаловажува или минимизира. „Секогаш претеруваш…“ „Не верувам дека било така…“ „Премногу си чувствителна…“ „Треба да се зајакнеш…“ – Ништо од ова не му помага на вашето дете.

Колку смеат да се мешаат родителите во пријателствата на нивните деца и дали има ситуации во кои мораме да ги спречиме да се дружат со одредени деца, кои се чини дека имаат лошо влијание врз нив?

-Запознајте ги пријателите на вашите деца. Научете ги да препознаат кои ситуации можат да бидат неповолни за нив. Поважно од забраните е развојот на критичноста кај детето во однос на различните однесувања, кога ќе научи да препознава од кои ситуации е подобро да се држи настрана. Да имаме на ум дека детето е на прагот на пубертетот и дека ќе се зголемува влијанието на врсниците и времето што го поминува со нив. Тогаш е неспоредливо подобро ако веќе сме изградиле доверлив однос со нашето дете и постепено сме придонеле до тоа детето да ги усвои границите што сме ги поставиле и може (најчесто) да се придржува до нив. Но, не затоа што се плаши од казна или прекумерна контрола, туку затоа што ни верува и знае дека има поддршка.

Адолесцентите отсекогаш биле и ќе бидат мајстори за изнаоѓање начини за избегнување на забраните и контролите, а односот на доверба, за разлика од забраните, секогаш ќе биде добра основа за надминување на сите предизвици со кои се соочуваат, заедно со вас како поддршка, заклучува Ловринчевиќ.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top