Понекогаш луѓето мислат дека е природно децата да бидат љубезни и добри кон животните и дека не треба да ги учат на тоа, но не е секогаш така. Некои деца немаат инстинкт да бидат нежни, а не сите деца имаат пример од возрасните за тоа како би требало да се однесуваат кон животните.

Ова е важна тема затоа што честопати во медиумите читаме за неверојатната суровост на децата кон животните и агресивно однесување. Учењето за сочувство кон животните им помага на децата да создадат емпатија кон сите живи суштества, вклучувајќи ги и луѓето. Исто така, учењето на децата да ги почитуваат животните е важен дел од учењето на децата за заштита на животната средина.

Ви пренесуваме неколку начини на кои можете да го научите вашето дете да биде љубезно и нежно кон животните.

1. Научете го вашето дете како правилно да гали животно

Родителите треба да го употреби зборот „нежно“ кога ќе му кажат на детето како да се однесува кон животното. Некои деца природно имаат понежен и поблаг допир, додека други сакаат да ги стискаат. Научете го вашето дете да го гали животното во правецот во кој оди крзното за да не ја допира чувствителната област.

2. Опашката не смее да се влече

Опашките се привлечни за малите деца. Потсетете ги малите деца дека иако опашката изгледа како забавна работа за влечење, таа не е наменета за тоа. Кажете им да не ја влечат, туку само нежно да ја допираат.

3. Да не удираат

Ова не треба ни да се каже, но малите деца можат да имаат посилен допир кога галат животно. Затоа треба да им кажете да бидат нежни и да им покажете како.

4. Без потсмевање и исмејување

Како што растат децата, ќе им биде јасно дека треба да бидат физички нежни со животните, но можеби нема да сфатат дека може да го вознемират животното и без да го допираат. Децата треба да се научат дека никогаш не треба да фрлаат работи кон животното, да му викаат в лице или да се обидат да го исплашат, на пример, да се обидат да го изненадат. Некои деца сметаат дека е забавно да се плаши мачката или кучето, но мора да знаат дека не е забавно за животното бидејќи може да биде дури и опасно за него.

5. Научете го детето кои се знаците дека на животното му е непријатно и како да го почитува тоа

‘Ржењето и цивкањето се очигледни знаци дека животното е вознемирено или исплашено. Покажете му на детето како се однесува куче или мачка или некое друго животно кога се плаши. И луѓето и животните треба да се третираат онака како што сакате другите да се однесуваат кон вас.

6. Дивите животни се набљудуваат без допирање

Поминете време во природа, дури и ако станува збор само за вашиот двор, и набљудувајте ја природата. Барајте гасеници и инсекти по камењата и во земјата. Гледајте ги птиците и пеперутките. Природата е прекрасна за набљудување, но и за вежбање на трпеливоста кај децата.

7. Почитувајте ги законите на животната средина

Објаснете му на детето дека околината е дом на дивиот свет и на многумина што ние не ги гледаме. Грижата за животните е исто така грижа за нивниот дом. Додека оставаме ѓубре или уништуваме дрвја или грмушки, им штетиме на нивните домови и воопшто на природата.

8. Посетете природен резерват, национален парк или зоолошка градина

Природниот резерват или националниот парк со област каде што животните живеат во природна средина се подобра опција од зоолошка градина, но децата освен во книгите немаат можност да видат како живеат многу животински видови и да научат како изгледа нивниот живот.

9. Учи, учи, учи

На децата можете да им пуштите серии за деца, документарни филмови, книги, апликации, сликовници за животни за кои сигурно не сте ни знаеле дека постојат.

Автор: Тајана Третњак

Извор



912

X