Во едни (не толку дамнешни) времиња детето што очекуваше дека мора сè да добие „сега и веднаш“ се нарекуваше разгалено. Денес многу однесувања им се препишуваат на развојните фази, на испитувањето на границите, уморот, љубомората, лошото образование и сл.
Но, добрата, стара разгаленост сè уште е тука. За однесувањата што се карактеристични за разгалените деца зборува д-р Весна Херцигоња-Новковиќ, проф. дефектолог.
Таа наведува дека разгалените деца:
– Покажуваат проблеми во однесувањето ако не е по нивно;
– Навикнати се да го добијат тоа што сакаат;
– Навикнати се дека не постојат последици за нивното лошо однесување.
Професорката објаснува дека, и покрај широко распространетото мислење, проблемот не е во купувањето работи.
„Постојат богати луѓе чии деца се пораснати со златна лажица в уста, а не покажуваат синдром на разгаленост, додека, од друга страна, постојат деца од просечни граѓани кои се разгалени. Работата не е во тоа колку и што им се купува, туку во очекувањето на детето да му се купи. Разгаленоста не се случува кога им даваме и купуваме, туку кога им попуштаме.
На таквите деца им недостигаат две перспективи:
– Перспективата на себеси во однос на другите деца – не се свесни колку им е добро, туку се фокусирани на тоа што го немаат и што го сакаат.
– Перспектива на времето – не се свесни дека вчера добиле нешто и дека денес не треба да добијат.
Кога родителите ќе му кажат на детето – баш си разгален(а), тоа е голема грешка зашто така сами себе се навредуваат. Разгаленоста е исклучиво производ на однесувањето на родителите. Ниедно дете не се раѓа разгалено“, нагласува професорката.
Таа додева дека всушност не се согласува со терминот разгаленост зашто доаѓа од зборот гали, а децата би требало да бидат галени и со нив треба да се постапува внимателно и промислено.
„Разгаленоста има врска со попуштањето. Често се вели дека бабите и дедовците најмногу го разгалуваат детето, што до некаде е вистина зашто тие не треба да размислуваат за последиците и не ги трпат долгорочно последиците на таа разгаленост. Исклучително е важно да се каже дека разгалените деца се всушност незадоволни деца. Тие постојано се фокусирани на она што го немаат и на желбите што и не е можно да им се остварат“, вели Херцигоња-Новковиќ и ги наведува грешките што ги прават родителите.
Воспитни постапки што доведуваат до разгаленост
Во семејството децата имаат право на глас како и родителите, тоа често го гледаме во последно време. Забораваме дека децата немаат капацитет да одлучат што е најдобро за целото семејство, но го стекнаа тој впечаток. Една од грешките што ги прават родителите е тоа што им дозволуваат на децата да не ги почитуваат. Кога превртуваат со очите, фрчат со носот и сл. – нема последици.
Имаат регресивно однесување
Поради желбата сè да биде по нивно, со нив не може да се разговара. Се бунтуваат на секоја забрана. На пр., семејството седи на трпезариската маса и го вика детето на вечера, а тоа не се појавува. Некогаш одамна детето ќе останеше без вечера. Денес се чека „принцот или принцезата“. Родителите, всушност, го вербализираат своето незадоволство, но децата се навикнати на нивната фреквенција на тонот зашто тие постојано искажуваат незадоволство. Без последици.
Родителите немаат контрола над децата
Постојано се преговара, но мајката не може да ја стави „раката в оган“ дека детето навистина ќе дојде дома во договореното време. Родителите тогаш најчесто почнуваат да ги подмитуваат децата. Кога детето најпосле ќе дојде на масата, родителот вели: „Не мора да ја изедеш супата, не мора да ја изедеш салатата, ама барем изеди две лажици и ќе добиеш десерт“. И детето седнува зашто десертот е своевидна награда за неговото однесување. Кога не би имало награда – воопшто не би се појавувало. Родителите имаат празни закани, блефираат, ги навредуваат, но последици и граници нема.
Се вели – ако сакаш да создадеш незадоволен човек, тргни ги сите граници и сите очекувања од него во детството. Тоа е загарантирана формула.
Родителите имаат мали очекувања од децата, речиси и ги немаат, а кога детето се однесува во согласност со тие мали очекувања, добива награда. На пр., кога детето конечно ќе се разбуди наутро навреме, откако му рекле да се разбуди, добива награда. Децата добиваат награди за однесувања кои би требало да бидат нормални и кои се очекуваат од нив.
Родителите се стремат да ги заштитат од сите негативни емоции, за да не се растажат, разочараат и да се затворат во себе. Сè ќе преземат за децата да бидат среќни и задоволни. На тој начин ги учат дека мора да слушаат само кога сакаат да добијат награда.
„Мислам дека е многу лесно да се разгалат децата. Не мора да имаме пари за да разгалиме дете, доволно е само да му попуштаме. Тоа е таа линија на помал отпор, родителите немаат време или нерви за сериозно да се занимаваат со децата, да седнат со нив на маса, да разговараат, да ги разгледаат последиците и што е најважно – да останат доследни на тие последици.
Децата растат уверени во својата непобедливост. Во училиштата има многу деца со нарушување во однесувањето кои не знаат како да го следат правилата на наставникот и да ги почитуваат“, заклучува Херцигоња-Новковиќ.