Каде и да се свртиме, децата овие денови малку повеќе гледаат во екраните од вообичаено. Освен ние, кои на различни начини им ја доловивме приказната за вирусот, во облик на реклами на детските телевизиски канали постојано нешто отскокнува: одржувајте растојание од 2 метри, дезинфицирајто го домот (Со деца? Навистина?), избегнувајте контакт со другите, не допирајте ги очите, носот, устата…
На сите страни излегува #седидома. А потоа велат: треба да се оди во природа и да се придржуваме до препораките. Но, каде во градот да најдам природа во која нема никој во близина? Особено е неизводливо во текот на „работната“ недела.
Не знам, некое време не излегувавме, една недела сигурно. А потоа помисливме дека сепак би можеле сите заедно да го прошетаме нашето куче, кое досега го шеташе само таткото во семејството. Кога цела возбудена ги прашав децата: „Екипо, што велите, да одиме малку да прошетаме?“, очекував, морам да признаам, две гласни „ДААА“. Но, ме дочека и двојно „Не“. Некако, сепак, ги извлековме надвор.
А таму…
Ох, колку стрес може да донесе една обична прошетка во соседството. Нашиот татко (да го именуваме за оваа потреба со тоа универзално име) отсекогаш бил малку бактериофобичен. Не многу, навистина не, но забележливо (а тој би рекол „реално“). Па кога на таквото размислување ќе додадете светска пандемија на вирус што убива… Сè е јасно. Се разбира дека децата понекогаш ќе посегнат по лицето – па и мене ми се случува! Се разбира дека ако им кажете „немој да се чешаш по лицето!“, сè ќе почне да ги чеша – и мене ме чеша! А кога во комбинација со бактериофобичен татко имате едно дете кое поради својот карактер како на својот грб да го носи товарот на светот (па целата оваа приказна многу го оптоварува) и друго дете кое никогаш не се ослободило од онаа бејби орална газа (цуцла до неодамна, на три и пол години сме ја фрлиле, а понекогаш дури го лиже и стаклото во автобус)… Јасно е – добивате…
…чист, концентриран стрес.
Бевме на неколку прошетки и речиси сите завршија со молба да се оди дома. Па дури и со плачење. Вистина, ме теши малку тоа што слушам дека не сме сами, дека децата навистина плачат кога ќе ги изведат надвор, дека не сме баш најлудото семејство на светот. Но, не ме теши тоа што на моите деца обичната прошетка низ соседството им претставува толкав стрес. Не ме теши тоа што мојата ќерка кога се вративме дома сериозно ме праша: „Дали сега имам коронавирус?“ Не ме теши тоа што не знам уште колку ќе трае ова. Што никој не знае. Не ме теши тоа што не можам со децата да уживам во пролетта.
Апсолутно единственото нешто што ми преостанува (освен целите да ги завиткам во онаа проѕирна фолија и само да ги одвиткам кога ќе дојдеме дома) е да се надевам дека, сепак, на целото ова лудило ќе му дојде крајот. Наскоро по моите или светските стандарди, тешко е да се каже, но тоа нека остане за психата – терапевтското „наскоро“. И ми останува надежта дека нереален е мојот страв оти ваквите ситуации на нашите деца некогаш ќе им бидат – нормални.
До тоа „наскоро“ имам опасно добар план! Ќе му го покажам средниот прст на вирусот (немојте да им кажете ве молам на моите деца) и ќе дадам сè од себе во целото ова лудо време тоа #седидома и помалку #останиприсебе и помалку #останинасмеан да го гледаме од друга страна како #останисосвоите. Мислам, па кога ќе имаме повторно можност толку долго да бидеме дома и толку многу да се дружиме со децата, толку пати во денот да ги прегрнеме, толку домашни работи да завршиме, толку колачи да испечеме, толку теста да измесиме… Добро, и толку да готвиме и толку садови да измиеме, но #останипозитивен. Освен на корона.
Автор: Мама Наташа