Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има четири години и не сака облекување, не сака перена облека, не сака нови/чисти чорапи, јакната не смее да ја стега кај ракавите (да нема ластик), капа, шал, хулахопки никако. Кога носи дуксер со качулка, мора да ѝ е ставена на глава (независно дали е внатре или надвор), а чорапите ги мести на работ. Пред да ја смени облеката или да облече јакна, чорапи, плаче без престан, се противи. Излегувањето надвор е истоштувачко и за неа и за нас. Сета облека ѝ е широка/комотна, памучна, точна за нејзината возраст. Пробано е на сите начини за разубедување/убедување дека треба да се менува облеката, да биде чиста, уредна. Да може, постојано ќе биде во една иста (претходно заносена) облека. И онака носи само 2-3 пара панталони и 2-3 блузи, но кога тие треба да се заменат со чисти, настанува голем проблем. Откако ќе се облече, плачејќи бара да ја кренеме в раце.
ОДГОВОР: Верувам дека оваа борба е многу напорна. Малите деца минуваат низ фаза на развојот наречена „автономија наспроти срамот и сомнежот“. Децата во оваа фаза ги истражуваат границите на својата лична контрола, што значи дека ако не им даваме доволно простор за независност, тие се срамат и почнуваат да се сомневаат во своите способности. Поради тоа и желбата да ја изразат својата автономија често се претвора во жестока битка, како облекувањето, на пример. Поради развојната зависност од родителите, децата имаат многу малку начини за да воспостават независност или да ја изразат својата волја кога се многу мали, но се борат да имаат одредена контрола врз она што ги допира нивните тела.
Понудете избори, понудите два или три избори од веќе одбраните, а и при купувањето облека таа да ја одбира. Од друга страна, колку и да им дадеме контрола на децата, сепак, мора да постојат правила и граници бидејќи така децата се чувствуваат сигурно. Што значи дека многу убедување не е потребно, понекогаш зборувањето е премногу напорно и за вас и за неа.
Објаснете ѝ зошто е важно да се менува облеката. Користете јазик соодветен на нејзината возраст за да разбере зошто чистата облека е неопходна за нашата хигиена, удобност и изгледот. Избегнувајте предавање или критикување.
Воспоставете постојани рутини околу менувањето облека. Кажете ѝ предвреме што да очекува и кога е време да се промени облеката. Можете да креирате визуелен распоред во нејзиниот гардеробер по денови, договорете се таа да одлучи во кој ден што ќе носи.
Наместо убедување, направете игра која од вас две побргу ќе се облече. Претворете го пресоблекувањето во забавна игра или предизвик. А друг креативен начин е да ѝ дадете сама да ги пере своите алишта двапати неделно или дури еднаш дневно доколку е потребно, ова ќе биде повеќе ваша работа бидејќи ќе ја надгледувате.
Потрудете се да откриете што се крие зад желбата да носи иста облека и која порака ја праќа, понекогаш негативното однесување бара поголемо внимание.
Некои деца се тактилно преосетливи, тактилна преосетливост е кога детето има зголемена чувствителност на допир или одредени текстури. Оваа чувствителност може да доведе до непријатност, па дури и до вознемирувачки реакции кога детето ќе се сретне со специфични тактилни сензации.
Тоа значи дека мозокот на детето претерано реагира на стимули и најчесто реагира на два начина – со „борба“ или „да бега“. Таквата реакција предизвикува детето да реагира негативно и емоционално на допир на сензации што другите не ги ни забележуваат.
Во овие случаи се даваат различни активности како што се подготвување едноставни оброци, садење растенија, бришење мебел, чистење облека, перење играчки, играње со кукли, истражување на својствата на предметите во вода (што плива, што тоне), песни за движење (танцување), ликовно изразување (темпера, глина), стискање на перница, цврста прегратка, носење потешки играчки, полнење балони со различни текстури (мали камчиња, ориз, брашно) физички вежби кои бараат различна тактилна обработка и го стимулираат тактилниот систем.
Што се однесува до тактилната преосетливост, вие најдобро ќе можете да процените дали вашето дете е преосетливо на некои текстури ако одбива да допира одредени предмети, облека итн. Доколку се бори за својата индивидуалност, тогаш би било добро да се договарате, да бидете креативни и малку да попуштате.
Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912