Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Моето дете има 7 години и во последните два месеца многу се смени. Инаку, уште од мал е темпераментен и енергичен и мора да излезе да се истрча за да ја истроши енергијата. Но сега е поинаку. Многу е нервозен во текот на денот. За него не постои НЕ, мора да е по негово и многу е упорен да го добие тоа што го сака. Си игра со деца, оди во школо, но не сака да учи, слабо чита, не сака да му помогнам, само домашна и толку. Наставничката ми вели дека внимава, дека е мирен, но дека треба да вежба. За ништо се нервира, ме удира и ми вика дека не ме сака. Јас се воздржувам и го оставам да се смири. Потоа ќе разговараме, ќе ми рече дека нема да прави така, но по два-три дена си продолжува со истото. Како да постапам?
ОДГОВОР: Како што опишавте во вашиот исказ, однесувањето на вашето дете е окарактеризирано со своеглавост, неприфаќање на НЕ, нервоза, удирање и негодување кога станува збор за училишни обврски. Преку неговото однесување како да покажува дека тој сака да води и да одредува како и што може, а што не може да се прави. Со тоа го става на тест вашиот авторитет не прифаќајќи водач бидејќи тој сака да води.

Таквото водство кај детето ја полни психолошката моќ, со што детето си обезбедува подобра титула во семејството, но проблемот се јавува кога таквото водство не може да биде поткрепено од неговата календарска возраст и ниво на когнитивен развој што детето го прави нервозно и луто, плачливо. Затоа, потребно е да ги преиспитате поставените правила и граници на однесување во домот и доколку тие досега не биле доследно поставени, да ги конкретизирате и доследно негувате, со што ќе го вратите вашиот авторитет.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912