Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Повеќето велат дека не е никаков проблем детето да прави проблем за во школо, меѓутоа, јас не го прифаќам тоа баш толку лесно.

Мојата ќерка е плашлива, послушна, галена, до 5 години растеше сама, тогаш доби братче. Растеше со баба и дедо, дома, или ако беа зафатени домашните, тогаш ја чуваше мајка ми. Од мала не прифаќаше нови личности, едноставно не се опушташе лесно со никој. Мораше да биде добро освоена. Со деца играше без проблем, ама ако видеше дека децата лудуваат и, на пример, мајка им или кој било не може да ги контролира, таа се повлекуваше. Како да си велеше: „Мајка им не може да излезе со нив накрај, не пак јас“. Никогаш немаше пискање кај нас дома, немало кавга или слично, а удирање, макар и по газе, никако. Немало потреба. Како и да е, дете како дете, ќе згреши, па јас бев таа што знаеше да ѝ писне, и таа го сфаќаше тоа. Најгалена е од дедо ѝ, па тука имаме проблем, зашто кога баба ѝ ќе ја скара, дедо ѝ одма ја брани.

Како и да е, имаше неколку стравови што некако ги поминавме, првиот беше од куче. Траеше со години. И од дома реагираше ако слушнеше надвор куче, па одма почнуваше да плаче. Нареден пат се исплаши од таблетот, се појавило некое плашило со големи нокти и една недела не сакаше да заспие. Не сакаше да ги затвори очите. Мислам дека не се сеќава на тоа.

На 4 години решивме да ја запишеме на англиски јазик за да се дружи со дечиња зашто не сакав да ја пуштам во градинка. Тргна со радост и одеше без никаков проблем една година. Се дружеше со децата, ја носевме, ја земавме и не размислуваше каде сме ние тој еден и пол час, не размислуваше дали ќе ја земеме или не.
Брат ѝ се роди во март, па во септември продолжи со англиски и на крај од септември решивме да ја запишеме во градинка, за да си игра и за да запознае другарчиња. Сето тоа го прифати со многу радост. Ја однесовме и останавме заедно првиот ден.
Вториот ден требаше да биде еден час сама за да се приспособи. Ја оставивме, ние не бевме таму, ама се договоривме дека ќе се вратиме за два часа.
Во меѓувреме веќе забележавме дека воспитувачката многу гласно вика, и не ѝ беше сеедно на ќерка ми, ама прифати да остане. Е сега воспитувачката имала начин како да ги чува мирни децата – му се јавува на брат ѝ, го вклучува на спикерфон и демек тој е полицаецот, па вели: „Само што ги собрав децата од Струмица, сега доаѓам и кај вас.“ Од ова ќерка ми се има многу исплашено бидејќи не знаела кој е лошиот што ќе го земе полицаецот, иако воспитувачката ги именувала лошите деца.

Ја зедовме и дома ни објасни што се случило. Почнавме да зборуваме дека не е така, дека тоа било лага, ама таа го чула полицаецот. Наредниот ден ја однесе татко ѝ, ѝ кажа на воспитувачката и таа ја зеде в скут и ѝ кажа дека нејзиниот брат бил на телефонот. Дека таа ги лаже лошите деца…
Потоа почна да ја одбива градинката, почна да мочка на 5 минути, да мокри во кревет, да плаче хистерично ако некој отиде некаде, исто се однесуваше ако сите заедно сакавме да одиме некаде. Тоа беше хорор. По препорака на педијатар, прекинавме сè, и градинка и англиски.
Плачењето на секое излегување помина. И кога видовме дека е, да кажеме, стабилна, пробавме барем англискиот да го воведеме. Пробуваваме околу еден месец, но не успеавме. Никогаш не го прифати, штом ќе ја однесевме таму почнуваше да плаче, не хистерично, можеби повеќе како лигавење.

Ја насочив да игра со другарки на нејзина возраст. Игра без проблем, ама ако треба да сама да оди кај нив, не оди. Ако се во дворот, ќе игра бескрајно. Ако треба да оди некаде накратко за некоја задача, на пример, оди земи од комшијата тоа и тоа, ќе оди, ама најбрзо што може. Точно, сама не е оставана, секогаш имало некој околу неа. Ама не беше ваква. Анксиозна ли е?

Мојот најголем страв беше тргнувањето во школо. Со месеци зборувавме дека мора да оди на школо, дека има казни за родителите ако не оди детето. Па дека таму е убаво, колку другари ќе има, па како низ цело село зборува дека ќе ја има најдобрата наставничка. И сè убаво прифати, тргна многу убаво, секако, ја носевме и ја земавме бидејќи живееме многу далеку, а и знаејќи дека се плаши од сè. Зборувавме дека кога ќе помине време, ќе почне сама да оди со другарки.
Убаво беше прифатена од сите, ја засака наставничката како втора мајка. Секојдневно одеше со мал страв – дали ќе ме земете навреме, да на доцните, да не чекам јас. И секој ден тој муабет беше сè поизразен. Првпат почна со плач да станува кога тргнаа прва смена, имаше некоја промена со распоредот. И ова кулминира тогаш кога си отиде наставничката, поточно дента кога им кажа дека ќе си оди.

Сака да оди на школо, ама мора да има со неа придружба и крај. Се консултирав со психологот од школото. Ни кажа дека е многу галена и интелигентна и со тој спој ни прави што сака и како сака. Рече да почнеме со казни и да бидеме строги. Ѝ забранивме таблет, ѝ забранивме да спие на спалната со нас. Нонстоп зборувавме и таа сè прифаќаше. Со радост зборува за сите училишни обврски, ама штом дојде во школото, одма почнува да плаче, со објаснување: „Ама знам дека ќе ме оставите, знам дека ќе ме заборавите, ама јас не смеам да чекам“.

Пробав да ја оставам насилно, пробав со многу викање, дури и ја удрив (за што цел живот ќе ми биде мака). Таа ми рече: „Ударај ме колку сакаш, јас нема да слезам од автомобилот за да одам на школо“ и не заплака. Другиот ден ја однесов и решив да седам и јас во автомобилот без да ѝ правам притисок да влезе, не влезе. Мораше да ме гледа, не ми веруваше дека ќе седам таму. Тој ден по препорака на психологот и наставничката по англиски реагираше построго, буквално ја влечеа кон училницата, а таа се дереше, плачеше. Тоа ѝ го направија и психологот и наставничката по англиски, исто како јас што ја туркав претходниот ден. Јас бев надвор и не дојдов на помош.

Дома сè се смени, сите сме нервозни, без решение, без радост. Сите глумиме казни, лоши. Вчера тоа го прекинавме оти одеше во насока на целосна пропаст. Еднаш ја однесе татко ѝ на школо, па наставничката дозволи тој да седи на час, иако тоа ѝ е веќе забрането од психологот…

Знам дека не може никој целосно да ми помогне. Но, ве молам ако имате некој совет, би прифатиле сè, освен казни и строги воспитни мерки. Точно е дека е галена и интелигентна, ама сметам дека тоа не е само резултат на тие нејзини особини. Сметам дека има некој страв кој само бил заборавен, ама мора да се соочи со него за да го надмине.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Очигледно е дека кај девојчето постои еден силен страв од напуштање, кој постои и се манифестира веќе подолго време. Важно е тој да се уважи и да се сфати сериозно.

Ивана Маринчек

Стравот од напуштање се јавува кај малите деца кога тие се плашат дека ќе бидат трајно напуштени од своите сакани и ќе останат беспомошни, без родителската грижа и заштита. Ова е нереален страв, но за детето знае да биде многу вознемирувачки и преплавувачки, па неретко и неговото манифестирање умее да биде доста драматично. За жал, во ваквите ситуации, кога детето е силно вознемирено, секоја груба или строга реакција може да биде доживеана како отфрлање и дополнително да го вознемири детето.

За детето да се смири и да го надмине овој страв од напуштање, неопходно е родителите синхронизирано да работат на зајакнување на атачментот кој го градат со своето дете, односно кој детето го гради со нив. Атачментот, или стилот на поврзување, е основата врз која децата понатаму во животот ги темелат своите социјални вештини кои им овозможуваат да креираат здрави врски подоцна во животот.

Кога детето покажува знаци на анксиозен атачмент и знаци на страв од напуштање, неопходно е родителите да дејствуваат во насока на смирување и креирање сигурен стил на поврзување. Еден начин да ѝ помогнете на вашата ќерка да го надмине овој страв е да ја уверите во вашата љубов и важноста на нејзината улога во вашиот живот. Обидете се секогаш кога е вознемирена прво да ја смирите кажувајќи ѝ колку ја сакате и дека никогаш нема да ја напуштите, а потоа да направите план и договор со неа. Таа е веќе доволно голема за да го познава времето. Договорете се во колку часот ќе се вратите по неа и секогаш почитувајте го тој договор. Исто така, можете да ѝ дадете нешто свое, на пример, парче накит или некоја мала ситница, да ги чува кај себе додека не се вратите. Имањето нешто што му припаѓа на родителот им помага на многу деца да се смират и опуштат додека родителот е отсутен.

Пишувате дека досега сте консултирале повеќе стручни лица: педијатарот, училишниот психолог, како и самите наставнички, и мене ми изгледа дека секој од нив ви кажувал различен совет и ве водел во различна насока. Со оглед на комплексноста и долготрајноста на овој проблем, моја препорака е да побарате помош од едно стручно лице кое ќе може да ви помогне и да ве поддржи, чекор по чекор, континуирано во текот на подолг временски период, а најмалку би рекла до крајот на оваа училишна година. Најдобро би било доколку можете да најдете игровен терапевт или психотерапевт кој работи со деца, кој би можел директно да работи со девојчето, а и воедно да ве насочува и вас како нејзини родители како најдобро да се позиционирате и да ја поддржите во надминувањето на оваа тешкотија.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X