Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!


ПРАШАЊЕ: Имам син од 4,5 години кој одбива да оди во градинка веќе втора година. Лани почна одлично за по една недела да не сака да слушне за градинка и прекинавме да го носиме. Оваа година повторно во септември почна да оди и беше успешно, но траеше 2 месеца. Тргна заедно со помалото братче и мислам дека тоа беше пресудно за да оди. Но по 2 месеца повторно почнаа истите проблеми со изговор дека веќе не сака да оди, дека многу работеле, дека му било тешко и дека најдобро му било дома, па сега сме пак на пауза. Исто така, да напоменам дека е во група со претежно поголеми деца за 1 година од него и воопшто не сака да се дружи со деца, не само во градинка, туку и дома и надвор, и на родендени и забави или се дружи само со едно исто дете. Дома на помалото братче не му дозволува да игра со играчките, сè му зема, го тепа, го турка. Разговараме со него, му објаснуваме, го советуваме, ама освен што наидуваме на уште поголем отпор, друго не постигнуваме. Ве молам за совет.


ОДГОВОР: Очигледно има нешто што силно го вознемирува вашето дете и прави да се чувствува несигурно. Од она што ми го напишавте ми остава впечаток на повлечено дете кое не сака да се изложува или да има социјалните контакти. Кога би направиле ретроспектива на неговите другарувања, дали се забележува некоја повторувачка шема? Дали како отсекогаш да бил позатворен или можете да посочите некој конкретен период по кој како повеќе да се затворил? Дали имало некој конкретен поголем настан во тој период? Ми напишавте дека имате уште едно помало дете, но не напоменавте колкава е разликата помеѓу нив. Доколку разликата помеѓу децата е мала, а притоа постарото дете не е соодветно подготвено за проширувањето на семејството и доаѓањето на помалото дете, тоа може силно да го вознемири и да го направи луто, посесивно кон своите играчки и лични предмети, несигурно или повлечено.

Многу е важно да дознаете што е тоа што го создава отпорот кај вашето дете. Ми пишавте дека дел од неговите поплаки поврзани со градинката биле дека таму му е тешко, дека многу работеле и дека другите деца се малку постари од него. Проверете дали има нешто поради што вашето дете се чувствува неуспешно кога е во градинка. Кога едно дете се чувствува неуспешно во нешто, нормално е да дава отпор кон тоа и да се обиде да ги избегне ситуациите во кои постои ризик да се почувствува неуспешно.

Јас лично не се сеќавам, но моето семејство раскажува приказна за моето поаѓање во градинка. По една недела во градинка сум почнала силно да плачам секое утро и никако не сум сакала да одам. Низ разговор и игра мајка ми открила дека мојот отпор бил поврзан со моето чувство на неуспешност поради тоа што не сум знаела како да нацртам кокиче, додека сите други деца знаеле. По неколку дена вежбање како да се нацрта кокиче и со очигледно зголемена самодоверба, без некој поголем проблем сум продолжила да одам во градинка, а она што е интересно е дека и ден-денес кокичињата ги цртам на истиот начин. Оваа моја лична приказна ви ја споделувам како поддршка и мотивација да откриете што е тоа што го создава отпорот кај вашето дете и откако ќе откриете, да изнајдете начин како да му помогнете да го надмине. Некогаш и многу мали нешта можат да создадат силен проблем доколку не ги уочиме навреме или не ги адресираме соодветно.

Природно е детето да преферира да биде дома и дома да му биде најубаво. Тоа значи дека дома се чувствува сигурно, заштитено, сакано, прифатено и спокојно. Но, исто така, важно е да се отвори кон околината и врсниците и соодветно да се социјализира, особено бидејќи за кратко време ќе треба да тргне на училиште. Доколку отпорот не го разрешите сега, можно е да ви создаде уште поголем проблем кога детето ќе треба да тргне во прво одделение. Доколку вашиот син е поинтровертно дете, тогаш можно е големиот број деца во градинка, или на роденден, да му се премногу преплавувачки. За поинтровертните деца е многу полесно на почеток да создадат релација со едно-две дечиња отколку со целата група. Доколку се покаже дека е така и во вашиот случај, тогаш поддржете го вашето синче да се дружи и социјализира со помал број дечиња кои самиот ќе ги избере. Разговарајте и дознајте дали има некое дете или деца во групата со кои тој би сакал да се дружи и поддржете го да си игра со нив. За ова обидете се да добиете поддршка и од учителките во градинката на тој начин што би го ставале вашето синче во група со дечињата со кои сака да се дружи кога имаат групни активности, би го распоредувале да седи до некое од нив за време на оброците или во креветче за време на спиење. Важно е да бидете упорни и конзистентни во овој процес.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X