Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете има 2 години и 8 месеци. Загрижена сум поради неговите испади и барања кои, според него, треба да бидат исполнети во секунда. Доколку не се, тој почнува да фрла предмети, плаче хистерично, а во последно време доколку е нервозен и лут, почнува да мава и по нас, возрасните. Воопшто не е толерантен и не разбира „почекај малку“ или „не тоа“ и „немој таму“. Не е почнат да зборува и не се ни труди да повторува и да каже нешто. Кога сака да пие, ме фаќа за рака и ме носи до кујната, но понекогаш не ни знае што сака, само стоиме и го прашувам што сака млеко, вода, а тој само стои и не кажува ништо. Зборува по некое зборче само кога тој сака и другиот ден кога ќе му речам, не го повторува, како да го заборавил. Премногу плаче и постојано мава, се случува да не можам да го смирам. Нема интерес за сликовници и не остава да му покажам некоја активност, сака сѐ сам да прави (да црта, да бои итн.).

ОДГОВОР: Ова е развоен период во кој детето ја гради својата независност и самостојност, па затоа ужива да ги прави работите и активностите само, но поради тоа што сѐ уште не е доволно зрело за многу од нив, потребен е надзор, а со тоа и да му се поставуваат граници што може, а што не може да се прави во домот или надвор.


Ваквите граници во овој период од развојот предизвикуваат силни фрустрации и детето лесно може да добие тантрум и да го обземе набој на емоции. Она што овде ја отежнува соработката родител-дете е малиот фонд на зборови кај детето, со што е отежнат каналот наречен комуникации низ кој детето би требало да ги преточува емоциите, со што не би се акумулирале. Поставувањето граници носи и поставување правила во домот, на пример, правило дека може да се јаде само на трпезариска маса и сл. Советувам да се обратите на логопед со што би се утврдиле причините за досега неразвиениот говор и би се олеснил процесот на комуникација и разбирање.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X