И поради високите температури и поради бомбастичните наслови кои предупредуваат на опасноста од западнонилската треска, сè повеќе родители ги покриваат количките на бебињата со пелена или со друга ткаенина. Тоа е поопасно и од најјакото сонце и од рој комарци зашто и најтенката ткаенина ја зголемува температурата во внатрешноста на количката за 15 степени, споредено со надвор, а тоа може да доведе до топлотен удар, па дури и до ненадејна смрт, тврдат шведските научници.
Колку е помало бебето, толку е поголем ризикот!
Ткаенината префрлена преку количката го прекинува протокот на воздухот, ја подигнува телесната температура, го отежнува дишењето, а и ги спречува родителите навреме да видат дали на бебето му е добро. Наместо ткаенина, за заштита од сонцето користете чадор. Тој ги спречува штетните УВ-зраци и создава сенка, но не ја спречува циркулацијата на воздухот. Инаку, бебињата и сосема малите деца не треба да се носат надвор во периодот помеѓу 10 и 17 часот во текот на летото.
Поради стравот од комарците кои ја пренесуваат западнонилската треска, кои се откриени и на 65 локации во Грција, каде што најчесто летуваме, родителите и навечер ги прекриваат количките со пелена. Иако ризикот од топлотен удар е помал, бидејќи температурата навечер е пониска, сè уште постои опасност од прегревање и настануваат проблеми при дишењето.
Затоа, при вечерните прошетки преку количката треба да ставите мрежа, за бебето да има доволно кислород. Нема да му биде претопло, а ќе биде заштитено од комарци.