Воспитување

Не потсмевајте му се на детето ако има измислен пријател

За родителите, сознанието дека нивното дете има измислен пријател може да биде збунувачко и загрижувачко. Но, измислените пријатели сепак не се причина за грижа. Тие најчесто претставуваат нормална развојна појава која на детето му дава смисла за светот кој го опкружува и се резултат на љубопитност и креативност, како и здрав израз на детската фантазија.

Според досегашните истражувања, околу 60 отсто од децата имаат измислен пријател. Речиси по правило измислениот пријател е од ист пол како детето. Детето може да има повеќе измислени пријатели кои не мора нужно да бидат луѓе, туку може да се јават и како животни или други суштества, на пример, зајак, змеј или некои други ликови што прават детето да се чувствува попријатно во одредени ситуации. Обично се појавуваат на возраст од 3 до 4 години, а фазата може да трае до деветтата година од животот. Во претшколската возраст најчесто се присутни кај девојчињата, додека во училишната еднакво се присутни кај двата пола, со малку поголема појава кај првородените деца или единци.

Не плашете се од измислените пријатели

Соочени со „новиот член на семејството“, родителите наместо страв, треба да покажат интерес за „новите пријатели“ на своето дете и така да ги откријат интересите, стравовите и грижите на детето. Иако оваа појава може да ги збуни и да ги загрижи родителите, се покажало дека играта со измислените пријатели е позитивна за развојот на детето. Сепак, сите измислени пријатели немаат иста функција, некои се само фантазии, додека други претставуваат начин за надминување на одредени искуства или емоции кои детето не знае поинаку да ги изрази.

Измислените пријатели им помагаат на децата во стекнувањето нови вештини или во справувањето со животните промени. Детето така може да го надомести заминувањето на блиска личност или, пак, да си помогне во соочувањето со трауматични ситуации. Според природата на измислениот пријател, често можеме да заклучиме што му треба или недостига на детето, бидејќи обично на своите измислени пријатели им даваат карактеристики кои би сакале да ги имаат. Па, ако се осамени, нивниот измислен пријател ќе им прави друштво, а ако се тажни, ќе ги утеши. Ако детето е, на пример, во друштво на магионичари или лав, веројатно се плаши од нешто, па му е потребен пријател кој ќе го заштити, а ако измислениот пријател кон него се однесува лошо, можно е да има проблеми со самопочитта.

Израз на фантазија и креативност

Многу е важно да не му се потсмевате на детето ако има измислен пријател, да не го прекорувате или да му ја забранувате играта. Наместо тоа, нагласете го како израз на детската фантазија и креативност. Исто така, не учествувајте со детето во таа игра така што и вие да разговарате со измислениот пријател бидејќи со тоа дополнително го збунувате детето. Сфатете ја оваа фантазија како израз на креативноста и фаза на емоционално созревање и оставете го детето само да одлучи кога засекогаш ќе си замине измислениот пријател, а вие бидете активен набљудувач. Повеќето деца го надраснуваат до 8. или 9. година, а некои и порано. Ако се задржат и по таа возраст, измислените пријатели го отежнуваат вклучувањето на детето во активности со други деца. Тоа доведува и до ризик за емоционални и комуникациски тешкотии. Треба да се биде внимателен и да се побара стручна помош ако детето не прави разлика помеѓу измислениот и реалниот пријател или ако верува дека се работи за истата личност.

Од сето наведено, јасно е дека појавата на измислен пријател е всушност корисна, па може да биде здрав начин за справување со тешки и/или интензивни чувства и различни интерперсонални и интраперсонални притисоци.

Автор: Ана Каракаш, дефектолог

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top