Митов ни раскажа за двете искуства во родилната сала, за тоа како ја поддржувал сопругата, како таа реагирала, како течеле породувањата и колку биле ризични…

Не ни размислував дали да присуствувам на раѓањето на моите деца Григориј и Марија Магдалена, тоа некако однапред ми беше расчистено, вели д-р Александар Митов, кој пред две недели стана татко по вторпат. Има два момента, објаснува тој. Едниот – навистина сакал да биде присутен на толку важен чин за семејството. Другиот – обврската да ѝ даде максимална поддршка на сопругата во текот на породувањето.
– Иако не можам којзнае колку да помогнам, сепак, мислам дека местото ми е таму – вели докторот, познат на јавноста по честите говорења за храната, природните суплементи, како и индивидуалниот третман на разни медицински состојби, за тоа дека треба да се лекуваат причините, а не само последиците на болестите, а неодамна ја издаде и својата прва книга „Водич за долговечност“.
Дали мажот ќе присуствува на породувањето, е договор на партнерите. Тие сè почесто одлучуваат мажите да бидат во родилната сала и да го следат доаѓањето на бебето на свет, се разбира, доколку тоа го дозволат медицинската состојба, лекарите и условите. Митов ни раскажа за двете искуства во родилната сала, за тоа како ја поддржувал сопругата, како таа реагирала, како течеле породувањата и колку биле ризични…

Фото: Студио Маруди
Реши да ме „брка“, но за 10 минути се вратив во родилната сала

И за првото и за второто раѓање на детето, вели Митов, биле договорени со сопругата Васка дека ќе присуствува.
– Чинам дека одлуката беше заедничка и немаше убедувања. На второто породување имаше момент кога реши да ме „брка“, да не сум се вознемирувал, и тоа ѝ успеа на десетина минути. Потоа пак се вратив во родилната сала – вели.

Двете искуства биле сосема различни.
– Впрочем, колегите гинеколози нè подготвија на тоа и рекоа дека не мора да значи ако првото породување било не така лесно (овие зборови ќе ги одберам да не уплашам никого), не мора да значи дека и второто ќе биде исто – вели Митов.
Првото породување било, како што вели, извонредно стресно и тензично, со реални ризици за исходот.
– Второто породување беше сосема спротивно. Сè одеше како по медицинските учебници. И јас, и девојчето, а пред сè, сопругата поминавме многу полесно. Поаѓајќи од претходното искуство, на второто породување му пристапивме со голема доза на страв, иако меѓусебно не си признававме и се бодревме дека „вториот пат е секогаш полесно“.

Гледав во колегите за од изразот да доловам што мислат…

На првото породување на сопругата, Митов вели дека од голем стрес речиси едвај се сеќава чисто како се чувствувал.
– Беа помешани многу чувства, но доминираше стравот. Особено кога ќе видите значително влошување на состојбата, и покрај целокупниот врвен професионален ангажман, како медицинско лице ја сфаќате сериозноста. Гледав во колегите во просторијата сакајќи од изразот на нивните лица да доловам што мислат. Штом почнаа да избегнуваат директно да ме гледаат в очи, уште повеќе се загрижив – раскажува тој.
Вториот пат влегле во салата со голема внимателност.
– И како секој момент да се плашев да не излезе нешто од контрола. Но, тоа не се случи. Иако во грч, гледав дека секој чекор е планиран и предвидлив. На моменти просто не ми се веруваше дека породувањето може да тече на таков начин – објаснува Митов.


Григориј и Васка

Неколку секунди – цела вечност додека да заплаче бебето

Кога се родило нивното прво дете, Митов вели дека поминале неколку секунди додека да го слушнат неговиот плач.
– И тие секунди ми беа како цела вечност. Не дишев. Кога слушнав детски плач и кога се насмевна проф. Зисовска, цела планина ми падна од срце и тогаш го почувствував првиот момент на радост по неколку часа стрес. Вториот пат кога малата ја ставија врз сопругата, секунди по раѓањето, само почнаа да ми течат солзи. Таа радост не се опишува – вели Митов.

Тој смета дека мажите треба да присуствуваат во родилната сала при раѓањето на детето. Верува дека на мајката ѝ прави огромна разлика дали мажот е таму или не.
– Можам да разберам само една состојба кога не би било препорачливо, а тоа е ако постои ризик мажот да се онесвести, па да ја искомплицира состојбата наместо да помогне – се смее и додава дека уште поважно е да се сподели целосноста на чинот за да се сфати дека не е само честитање и славење, туку дека има и една незаменлива димензија на напор, труд, ризик, болка и страв.

Зошто се потребни во родилната сала?

И мажот треба да има удел во тоа.
– Само едно ќе кажам, односно ќе ја цитирам мојата сопруга: во сета збрка од гласови и бодрење во последните мигови – таа ми рече дека го слушала само мојот глас и тоа што јас сум го кажувал. А јас всушност само ги повторував зборовите на доц. д-р Данева Маркова – врвен професионалец! Но, од сите гласови на бодрење, сопругата се сеќава само на мојот. Затоа мажите се корисни во родилната сала, тоа е мојот став.
На мажите што се двоумат им порачува да разговараат со сопругите бидејќи станува збор, пред сè, за заедничка одлука.
– Се разбира, доколку сопругата има јасен став дека од кои било причини не сака мажот да присуствува, тогаш тоа е тоа. Но, ако поразговараат, мислам дека може да ги увидат добрите аспекти. На крајот на краиштата, сржта на бракот е заедницата, и во сè, па и во овие мигови треба да се биде заедно. За нас тоа беше правилна одлука, и првите двапати, а се надеваме и третиот! – додава Митов.



912

X