Во раното детство не може да се предвиди кое дете ќе биде „проблематично“ бидејќи повеќето од нив грешат – тие се само деца, но може со 99 проценти сигурност да се знае чие дете трајно ќе има проблеми во животот, а често можеме и да погодиме кои проблеми.

Дека историјата се повторува, важи и во овој случај. На пример, пет момчиња заедно прават нешто недозволиво. Ги известуваме родителите. Некои „долетуваат“, други ги чекаме две недели, некои го минимизираат проблемот и чекаат проблемот да порасне, па да го решаваат и да го сфатат сериозно, другите ги гаснат и знаците за пожар, некои влегуваат во училиште со ставот „само да видам на кого да ја префрлам вината“, други веднаш анализираат дека можеле подобро да го советуваат своето дете… некому ќе помогнеме повеќе, а некому помалку. Со текот на времето сите ги испраќаме, а проблемот останува кај нивните родители и кај нив, а во најтешки случаи и во целото општество. И тоа е сурова реалност.

Детето кое родителите го поставуваат на трон, како поразлично на таа возраст, а неосновано, подоцна има проблем да слезе од тронот, а општеството има нула толеранција за принцезите и принцовите, што е болно. Потоа различни пречки до популарноста, како и земање насила од она што не им припаѓа, па сето тоа создава голема низа од проблеми бидејќи и од силниот секогаш има посилен и поагресивен. Проблем е и кога децата пораснуваат во перфекционисти, не поднесуваат критика, предолго заздравуваат од пораз… има многу сигнали што упатуваат на тоа дека ќе се создаде пожар.

Кога се работи за улогата на современото училиште, многумина се оградуваат од воспитниот дел сметајќи дека на наставниците им се врзани рацете и да образоваат, а камоли да воспитуваат. Дали е баш така? Вчера мојот син бараше да му спакуваме јаболко бидејќи наставничката по музичко рекла дека ако јаде овошје, ќе има повеќе сила за флејта, па сакаше да добие некој поен плус кај неа. Неговата учителка на секој родителски состанок зборуваше за опасностите на „Инстаграм“ и сега во петто одделение само две деца имаат профил. Ќерка ми сите ги поправа кога во набројувањето ќе се стават прво себеси, бидејќи нејзината воспитувачка Лела рекла дека „и јас“ треба да се стави на крај. Некои деца не ги ни споменуваат своите наставници. Децата се нашите најголеми судии. На оној од просветните работници што ќе го заборави тоа, мал ќе му биде градот во кој живее кога децата ќе пораснат и ќе ги дочекаат на своите работни места за некоја година.

Законот е коректен, само би требало во поединечни делови да биде попрецизен, но сепак е добро што не дозволува децата да се забавуваат по улиците без надзор бидејќи некој ги исфрлил од час, не дозволува ненајавената контролна вежба да биде на секои два часа, бидејќи детето со сите единици и апсолутно незаинтересирано за училишниот успех нема да се смири. Наставниците не смеат да ги тепаат учениците.

Соработката помеѓу наставниците и родителите е клуч за успехот во одгледувањето здрав и успешен млад човек. Изгледа дека се потребни задолжителни редовни едукации за родителите, кои би ги организирало училиштето, во соработка со сродни институции, каде што изостанувањето скапо ќе се плаќа. Применувањето педагошки сознанија, разбирливо пренесени на родителите, би решило доста проблеми, бидејќи под број еден, би им го појасниле евентуалниот проблем, кој расте секојдневно.

Родителите во оваа транзиција од традиционални на нови пристапи прилично изгубиле. Од моето искуство, повеќето родители го менуваат размислувањето по едукацијата. На пример, на една мајка што премногу му угодува на синот понекогаш е доволно да ѝ се каже дека во иднина девојката сигурно ќе го остави ако тој не ѝ ја даде јакната кога ѝ е студено бидејќи не навикнал да прави нешто за другите.

По долго недоаѓање на родителите, по повикот од училиштето, секако е добро да се известат родителите дека ќе се вклучи центарот за социјални работи поради занемарување на детето.

Важно е ние, просветните работници, да го отвориме прозорецот во подалечната иднина кога и да можеме. И на родителите и на децата. Добро е да се наведуваат за да ги пронајдат своите цели, да опишат писмено каде се во 2030. Да стават сè на хартија, добро да погледнат, а потоа од моите здодевни и упорни прашања да го одбранат својот план. Како? Колку? Кога? Зошто? На сите им е тоа тешко, и на родителите и на децата, но ги активира да мислат, да анализираат и да си ветат себеси, мене, на своето дете, сопругот… да се разбудат. Понекогаш не успевам, за жал, но ретко.

Успехот раѓа мотивација, а неуспехот ја гаси. Се водам по тоа дека мојата работа е успехот во некаков облик да дојде до секое дете, па да видиме дали таа инспирација работи. Се случува и да не работи, па тогаш ги бараме причините. Етикетите што децата ги носат од семејството или пониските одделенија, дека се бавни, мрзливи, срамежливи, проблематични… често се причина да престане каква било борба за успех. Со други зборови, некои деца прерано се помириле со неуспехот и тешко е да ги пренасочите, а етикетите да ги одлепите, но тоа не е невозможно. Тие секогаш велат „јас нема и не сакам“, а не „јас не можам“. Можеби ќе се изненадите, но етикетите најдобар, најпаметен, најважен се уште потешки за носење.

Современото општество донесе многу добри нешта, но и лоши. Кои се лошите страни на модерниот живот, тоа сите го знаеме – недоволно време за семејството, дигитализација на сите сфери од животот, што повторно доведува до тоа на децата сè да им е на дофат и да не мораат да ги помнат информациите.

Како сите тие недостатоци да ги претворат во предности и како на час и дома да се користи технологијата во корист на детето?

Интернетот е можност за напредување, уназадување, но и вклопување во општеството. Важно е децата да ја препознаат разликата, иако најверојатно ќе ги користат и добрите и лошите содржини. Добивањето одговор на клик е навистина можност за лесно и доживотно учење и обновување на знаењето. Важно е на децата да им се покаже како се патува низ знаењето и светот со користењето на интернетот. Потоа, иако не се гледаме со децата поради работата, понекогаш и во текот на целиот ден, видеоповиците и срцето стикер на „Вибер“ може малку да го ублажат меѓусебното недостигање. А се радувам и на можноста што со видеоповик или слика може да потврдат каде се и со кого.
Со децата мораме да бидеме подготвени на решавање на навидум нерешливите проблеми.

Еве еден пример. Мојот сопруг му донесе на син ми топка со куп на шампиони. Веројатно тоа беше најпосакуваниот подарок меѓу учениците тие денови. Ја зеде и им ја позајми на момчињата на игралиштето, а тие четворица ја однесоа/украдоа топката. Дознав дека родителите на момчето што ја зеде топката се агресивни и дека имаат четири деца, но тие се запуштени во однос на воспитувањето и дека е подобро воопшто да не се обидувам да остварам соработка со нив.

Ѝ се јавив мајката, која тврдеше дека лажно го обвинувам нејзиното дете и дека не знае за што се работи, па ми спушти. Го очекував тоа. Ѝ испратив СМС-порака: „Топката не е важна, но пораката што им ја испраќаме на децата е. Децата од 11 години не може да бидат крадци, но може да станат крадци. Уште еднаш ве прашувам, дали на нашите синови ќе им ја пратиме пораката дека ние возрасните сме неспособни и дека не можеме да ја најдеме топката? Тие тоа ќе го толкуваат како дозвола да се земе нешто туѓо, што е разбирливо. И вашиот и мојот син. Го обвинив вашиот син, тоа не е мала работа, не можете само така да го оставите тоа настрана. Морате некако да реагирате не заради мене, туку заради него“. Добив одговор: „Во право сте, ќе помогнам да ја најдеме топката“. Утредента го испратила синот со топката на игралиште.

Многумина ќе речат утопија, а јас ви велам дека најверојатно не се ни обиделе, туку на самиот почеток се откажале…

Автор: Снежана Голиќ, педагог



912

X