Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам 3,5-годишен син кој оди во приватна градинка речиси една година. Но во последно време станува неподнослив, веќе неколку месеци. Премногу е хиперактивен, трча, игра, крши играчки, не може да се заигра со многуте играчки што ги има. Колку и да му го привлекувам вниманието кон едно нешто, не поминува половина час и веќе почнува да му здосадува. Прави премногу бељи и ако го искарам, веднаш ми вели „не те сакам повеќе“ и почнува да удира. Ако нешто не му е по волја, одма почнува да фрла играчки, да се удира самиот, да ги удира другите.
Порано не беше ваков, знаеше да се заигра и со најмалата играчка, но во последниве месеци е вака.
ОДГОВОР: Во овој развоен период детето инсистира да го добива она што го сака. Ваквите емотивни доживувања вашето дете не умее да ги препознае, не знае како со нив да се справи и затоа се чувствува беспомошно. Се чувствува фрустрирано, а на фрустрацијата реагира со тоа што почнува да фрла играчки, да се удира самиот, да удира по другите.
Реагирањето со лутина е аларм што детето го вклучува за да ја сврти околината кон себе и да покаже дека нешто му пречи или недостига. Во овој период важно е да се почне со стимулирање на емоционалната интелигенција кај детето. Тоа значи откако детето ќе ја совлада сопствената и туѓата телесна шема, подготвено е да ги спознава сопствените и туѓите емоции.
Потребно е во секојдневната комуникација да ја именувате емоцијата со која сте се соочиле или гледате дека тој се соочува. Откако детето ќе научи да ја препознава, ќе ја именува и потоа е спремно да се ослободи од неа. Читајте книги и сликовници со ваква тематика. Исто така, бидејќи во овој период детето ја бара својата независност и самостојност, обидете се да му ја дадете во делот на соблекување, облекување, хранење, миење итн., за да се чувствува вредно и компетентно, но особено важно ќе биде да ги поставите, задржите и одржите поставените правила и граници на однесување во домот бидејќи во спротивно однесувањето може да трае сѐ додека детето не го пронајде соодветниот авторитет во родителот.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912