Денес толку се става акцент на воспитувањето на децата, особено на мајчинството, што на многумина им се потребни сите прирачници на овој свет за да ги сфатат основните потреби на сопственото дете.

И сите сме окупирани со проблеми од денешницата кои нè бомбардираат, поминувањето време пред екраните, активностите поради кои се натпреваруваме чие дете порано почнало да ги раскрева садовите и играчките, до оние моторички вештини, па љубоморно гледаме како Ловро, кој е помлад два месеца од нашиот совршен мини примерок, толку вешто се служи со виљушка и лажица, додека нашето сонце на маицата или на масата остава повеќе јогурт отколку во устата при обидот за самостојно хранење?!

Горди сме колку разновидна храна јаде нашето дете. Се гордееме со менито составено од намирници кои и ние самите сме ги запознале пред само неколку години, азбуката која ја знае и пред да почне да зборува, песничките и броењето.

А што ако не сме толку совршени? Дали на нашите деца успеавме да им дадеме нешто друго освен напамет научени азбуки кои, ако ги прекинеш, многу веројатно е да не знаат да продолжат, или совршено извежбаните песнички? Што успеавме да им оставиме во наследство освен такво стекнато знаење?

Каков свет им оставаме и какви деца му оставаме на светот?

Постојат ли некои вештини што можеби сме пропуштиле да им ги дадеме на децата?

Јас сум исто така мајка која се труди. Многу читам бидејќи верувам дека многу можам да научам од луѓето на кои проучувањето на детското однесување им е професија. Инаку, повеќе се потпирам на струката отколку на „Фејсбук“ и на групите од совршените мајки кои во секој момент имаат совршен одговор и решение за сите мои проблеми.

Најчесто во вид на некоја состојка која потоа мора да ја „гуглам“ бидејќи во мојот домен досега била непозната. Многу работи не ги правам најдобро, но се трудам бидејќи тоа е она што најдобро го знам. Често работам „Направи сам“ проекти, бидејќи сакам да поттикнам креативност и трпение кај моето дете. Не играм со него по цели денови бидејќи сакам да биде самостоен и да не му бидам циркуски кловн кој ќе му смислува лекови против досада. Го терам самиот да ја смисли својата забава. Го терам сам да се качува, да се облекува, да ги мие забите и сите оние други работи што родителите инаку не им ги дозволуваат на децата бидејќи тие ќе ги направат побрзо или подобро. Настојувам да бидам најдобра верзија од себе толку многу, што често во своите настојувања се изненадувам дури и самата себе, но не успевам секогаш. И да, му вклучувам цртан филм, но исто така настојувам тоа да биде некој едукативен, бидејќи и мене ми е подраго да ја пее азбуката отколку некоја народна песна, кога веќе нешто гледа. Правам и јас здрави сокови наутро со едно око додека сè уште сум половина заспана, билките се неизоставен додаток во спалната соба, а авокадото е задолжителна намирница на менито, но дали е тоа сè што ќе му понудам на моето дете?

Освен здравјето што го внесува преку храната и мајчините грижливо подготвени сокчиња, настојувам да му вградам и психичко здравје и стабилност. Но, тешко е да му се пренесе на детето нешто што го немате секогаш, зарем не? Сето спротивно од тоа би било во целост лажно. Мене  лично ми е многу поважно од некои работи на кои моментално се става акцентот.

Искрено, поважно ми е, на пример, дека има навика да се заблагодари самоиницијативно кога некој нешто ќе му даде и секогаш да ги поздравува луѓето кога некаде ќе дојде без да морам да му напоменувам, отколку дали тој ден ќе гледа еден цртан повеќе.

Поважно ми е каква личност ќе стане отколку дали тој ден ќе изеде зеленчук точно во грамови како што е наведено во прирачникот и дали ќе поигра со точно две развојни играчки со кои нè опкружуваат како нешто што мора да се има во светот на правилното мајчинство.

Не можете да му велите на детето дека е подобро да чита книга отколку да гледа телевизија ако вас никогаш не ве видел со книга, а секој ден ве гледа како хипнотизирано ги впивате омилените серии. Не можеме да им говориме на децата за среќа ако не ја поседуваме. Децата чувствуваат, знаете дека ги имаат оние мали сензори за лаги. Совршено прецизни, способни да намирисаат трага подобро од вешто истренирани полициски кучиња. Залудна е сета моторика ако не сме им дале до знаење на децата дека се еднакво вредни како оној Ловро чиј јогурт всушност завршува во устата. Ќе заврши и неговиот, само нека продолжи да се труди. Ние сме тука да го цениме неговиот труд. Дали доволно сме им го објасниле тоа на своите деца?

Го носат ли нашите деца товарот на нашите очекувања?

Дали сме сигурни дека сме им дале до знаење на своите деца дека се совршено сакани, несовршени такви какви што се? Сите велиме дека е важно првенствено да се биде добар човек, но што всушност правиме по тоа прашање? Не можеме да очекуваме децата да прават добри дела ако не нè виделе нас како ги правиме. Децата се одгледуваат со примери, а не со зборови. Како ќе имаат сочувство за другите ако не нè виделе како му пружаме рака на некој во неволја? Како ќе учат за несебичност ако не нè виделе како му го даваме последното што го имаме на некој на кој му попотребно отколку нам? Како горе споменатото ќе им биде природна реакција за заблагодарување ако тој збор не го слушаат секојдневно и ако не им се кажува? Како ќе учат за трпеливост и компромис ако тоа не го живеат во својата куќа секој ден? Односите меѓу родителите не се секогаш идеални. Всушност, најчесто се далеку од тоа и многу веројатно е да немаат премногу врска со совршените рамки на „Инстаграм“, но тие не мора да бидат препрека за да бидеме најдобра верзија од себеси како родители: заедно или разделени. Доследноста е една од поважните работи што сите книги за родителство ни ја наметнуваат. Треба да бидете доследни ако сте рекле НЕ и да се држите до тоа како мали терористи за ситуацијата да не ја искористуваат против вас.

Што ако доследноста значи и дека треба да бидете доследни кон самите себе и во односот кон себе, не само кон детето? Не можете со викање да им кажувате на децата дека не е во ред да се вика и дека е забрането. Зошто би им било забрането ним, а не вам? Тоа е да се зборува едно, а да се прави друго. Токму она што го мразиме и во секој друг однос. Ако го удрите детето по рака (не се мисли за насилство, туку минимално мавнување), за неколку дена тоа ќе ја усвои таа рамка кога нешто не е добро и често ќе се случува да ве мавне кога ќе смета дека не сте добри или дека во нешто не сте му угодиле. Како тогаш да му објасните дека не е добро да се удира? Тоа е нешто што често го расправам со постарите генерации на кои денешниот модел на одгледување им е апстрактен и неверојатен бидејќи „во наше време беше така и така и еве повторно добри сме испаднале“. Реченица од која на сите ни е смачено и не знам за вас, но мене ме потсетува дека имам некоја незавршена работа во друга просторија, или најчесто дома.

Зошто мислите дека детето ќе ги прифаќа другите луѓе, различностите и ќе има отворени погледи ако од вас не гледа дека сите се еднакво вредни? Му придавате ли на тоа внимание онолку колку што се грижите дали таа брокула е навистина органска или не?

Се грижите ли што сте внеле кај вашето дете освен храната?

Не знам за вас, но јас да. Со ноќи размислувам што му покажувам преку мојот пример, дали сум му добар пример. Размислувам и замислувам што би рекол за својата мајка во овие две години од своето постоење, со која оцена би ме оценил? На што би бил благодарен – што сум му пренела? Размислувате ли некогаш како мене додека тој така невино дише покрај вас, дали сте добар пример? Можете ли подобро и дали детето учи од вас навистина за љубовта, компромисот, решавањето проблеми, несебичноста и сето она што сакате еден ден да го има? Тие карактеристики не паѓаат од небо. „Што сте дале кога толку очекувате?“, прочитав негде сосема случајно и тоа ме прогонува секој ден од моето родителство, кога очекувам многу од своето дете. Само ме враќа во реалноста да се запрашам дали доволно сум му дала што толку многу очекувам? Мислам дека светот и возрасните би биле подобри и поправедно би се поделиле односите кон другите само ако се има таа едноставна реченица во главата.

Не знам каков свет ти оставам, но знам каков мал свет ќе настојувам да ти изградам. Оној полн со љубов, првенствено.

Не знам каков свет ти оставам, но знам дека никогаш нема да ти бидам пречка на тој свет. Дека никогаш нема да ти кажувам кого да сакаш, како, кога, на кој начин и каде. Тоа не го прават луѓето што сакаат, туку оние што настојуваат да ги преживеат своите, најчесто неизживеани и исфрустрирани желби преку другите. Јас ќе бидам тука да те насочувам ако видам дека си тргнал по лош пат, а не да те водам по мојот однапред испланиран „вистински“ пат. Можеби моето и твоето правилно не се исти. И не треба да бидат, додека тоа те прави среќен, јас своите патишта веќе ги поминав. На тебе е ред да ги пронајдеш своите.

Ние можеби и не сме најидеално семејство и многу нешта не се вклопуваат во совршените рамки на „Инстаграм“, но нема врска. Додека во оваа куќа внесуваш во себе нешто поважно од органска брокула и ќе го понесеш во светот, за тебе сме идеални.

Не ти оставам совршен свет, но те оставам тебе совршен, во овој несовршен свет.

Автор: Маја Шантиќ

Извор



912

X