Во еден момент одев истовремено на игроорна, во музичко, на англиски, глума и на училиште. Не можам надвор, морам на солфеж: мајка ми ми наметна 1.001 обврска и немав нормално детство, па и ден-денес ја обвинувам за тоа.

„Не можам да играм денес по училиште бидејќи треба да одам на солфеж… Не можам ни потоа бидејќи ја пишувам домашната, а потоа сум на игроорна… Не можам ни утре, тогаш имам…“, ова беа моите одговори во текот на целото детство кога децата од улицата ќе ме викнеа да играм со нив. Сè започна кога тргнав во прво одделение и кога мајка ми почна да ми наметнува 1.001 обврска. И тогаш моето детство застана…

Родена сум пред 24 години, во мала средина, каде што децата во текот на целото детство играа на улица, се возеа со велосипед и играа криенка, но мојата мајка за мене имаше планови. Не сакаше нејзината ќерка, за која сметаше дека би била одлична актерка, или пак флејтист, или можеби спортист, или лингвист, да поминува време со невоспитани деца од улица, кои по цел ден играат и имаат лоши манири. Најголем проблем беше тоа што ниту таа самата не знаеше што сака јас да бидам. Всушност, тоа е она што таа сакала да стане во еден момент од животот, но не успеала, па решила мене да ми ја исполни таа желба, иако никогаш не ме прашала дали мене ми се допаѓа нешто од тоа.

Мојот ден се состоеше од станување рано и одење на училиште, потоа татко ми набрзина ќе ме земеше од училиште и ќе ме водеше на часови по флејта, а потоа продолжував на час по солфеж кој траеше два часа. Потоа мајка ми ме земаше од солфеж и ме носеше дома за да ја напишам домашната. Ќе ручав и ќе ја завршев домашната, а ги учев и лекциите. Инаку, мајка ми, која е просветен работник и работеше во училиштето каде што јас одев, отсекогаш сакаше моето име да се слушне во канцеларијата на наставниците по секој одмор. Па ми даваше дополнителни занимливости кои ги наоѓаше во енциклопедии за јас да знам нешто што другите не го знаат, па учителот, а подоцна и наставниците да ми упатуваат пофалби.

Не сакаше нејзината ќерка, за која сметаше дека би била одлична актерка, или пак флејтист, или можеби спортист, или лингвист, да поминува време со невоспитани деца од улица, кои по цел ден играат и имаат лоши манири

Се разбира, тука не беше крајот на денот, навечер одев на уште некоја активност, а ги имав премногу. Иако не одев во музичко училиште секој ден, мајка ми наоѓаше активности за замена. Во еден момент одев истовремено на игроорна, во музичко, на англиски, на глума и на училиште. Од училиштето бараа да одам и на натпревари поради моето знаење на сите лекции во книгите, а и надвор од нив. Па сето тоа ми создаде и дополнителни обврски. Навечер заспивав веднаш, исцрпена, измачена, како да имам 40 години, а не како дете.

И сè така во круг, со години траеше тортурата на мојата мајка да ги завршувам сите тие обврски и задолжително да бидам најдобра во секоја, а моето детство поминуваше. Налето, кога бевме на распуст, јас деновите ги поминував во читање книги и учење на материјалот однапред. Да, да… добро прочитавте. Го учев материјалот однапред за да можам да се јавам во текот на првите часови и да ја предавам лекцијата. Сепак, морам да признам дека тогаш малку повеќе се забавував, возев велосипед и играв понекогаш, а одев и на гости кај тетка ми. Најлошо од сè е што во ниту еден момент мајка ми не беше задоволна. Куп дипломи, пофалници, медали, за неа беа само едно супер, бидејќи тоа се очекуваше и нема што да ме пофалува многу. И секогаш бараше повеќе и повеќе…

Другите деца главно гледаа на мене како на личност која им беше пречка за сè. Зошто? Па затоа што нивните родители бараа да бидат како мене, кога ќе направеа проблем или ќе добиеја лоши оценки им велеа да се угледаат на мене бидејќи јас секогаш сум со книгата, во приватни училишта и немам време за глупирање. Затоа мислам дека не ме сакаа, а не се ниту свесни колку јас им завидував. Јас толку многу сакав да паднам и да ги повредам колената, а никогаш не ми се случило тоа. Замислете дете што никогаш толку не се задлабочило во игра за да падне и да ги повреди колената. Никогаш не сум направила проблем, не сум шутнала топка во туѓи цвеќиња, не сум крадела цреши и не сум скршила туѓа играчка, а толку сакав да го сторам сето тоа… И ако некој ми каже дека тоа е во ред, не е.

Оваа тортура траеше до осмо одделение. Мајка ми не попушташе, имаше нови барања, а јас бев изморена. Ми требаше разонода, дружење. И понатаму ми е жал кога ќе се сетам колку друштвени игри сум пропуштила, колку родендени пропуштив, на колку училишни турнири требаше да го поддржам друштвото, а не отидов… А потоа во средно училиште одеднаш пораснав и собрав храброст да ѝ се спротивставам.

Кога ќе поминат годините и детството, вашите деца нема да можат повторно да бидат безгрижни и нема да можат да бидат деца

Денес гледам дека сите мајки станаа како мојата мајка. Децата не ги гледам во дворот, сите учат за подоцна да имаат повеќе знаење во животот. Се фалат на „Инстаграм“ како децата знаат англиски јазик од пет години, пеат во хор и тренираат карате. Јас слободно можам да кажам дека сите тие активности не ми помогнаа. Флејта не свирам со години, на глума не се запишав, новинар сум, ора не играм, освен на свадби… Така што, кога сето тоа ќе се собере, само англискиот јазик ми значи. Не значи тоа ништо во споредба со фактот дека сум немала пријателка од детството со која би се сеќавала на неволјите во кои сме запаѓале кога сме играле некои игри. Јас денес немам ништо од тоа што мојата мајка би била среќна да го правам и преку телефон и на улица би и рекле: „Ма секоја чест како го насочи своето дете, колку е активно на сите полиња“, а никој тогаш не размислуваше дали јас можам да го издржам сето тоа.

Она што со овој текст сакам да им го порачам на родителите кои премногу бараат од своите деца е дека мора да сфатат дека пред децата е целиот живот, а време ќе има за сè. Но, кога ќе поминат годините и детството, вашите деца нема да можат повторно да бидат безгрижни и нема да можат да бидат деца.

Автор: М.А.

Извор



912

X