Мала, обична, секојдневна ситуација во животот на секој родител: се подготвувате за тргнување, на пример, во градинка, детето ги облекува панталоните и се обидува да го закопча копчето. Ги користи двете раце, се мачи, а вие точно знаете и гледате каде греши. По правило, по 2-3 неуспешни обиди детето почнува да цимоли и да бара помош иако вие во себе се молите да успее и да не западне во агонија наречена „не можааам, помогни миии…“

Но, обично не е така. Навистина е тешко да се стои со скрстени раце, настрана, додека детето се обидува да направи нешто што му оди тешко, а нам за тоа ни е потребна можеби една секунда. Да ѝ ставиме крај на агонијата. Обично се започнува од расклопена играчка, патики кои потешко се облекуваат и слично. Детето се обидува, но кога гледа дека не му оди, нервозата расте и станува сè повознемирено. Повеќето родители брзаат да го решат проблемот на самиот почеток, ќе направат сè за да не дојде до лелекање, особено на јавно место. Но…

Проблемот е во тоа што цимолењето брзо и лесно се прелева на сите други области од секојдневниот живот. Иако тоа некогаш не сакаме да си го признаеме, потсвесно ни е полесно да го направиме самите отколку да слушаме лелекање. Средување на собата? Остави, јас ќе средам овој пат. Миење заби? Полесно ми е јас да го направам тоа наместо него. Облекување? Побрзи сме кога јас го облекувам. Собирање на растурените боици на масата. Ајде, јас ќе средам, сега баш се заигра. Врзување појас во автомобилот? Ќе го врзам јас, се брзаме. Не ја разбира домашната задача? Па се разбира, кога учителката не објаснила. Ајде, ќе ја напишам јас, само овој пат.

Секој ден водам битка сама со себе. Да направам нешто наместо него или да го пуштам да научи самото, по цена на изгубени нерви и време. На моја страна се неколку децении животно искуство и вежби, па логично е дека ми треба многу помалку време за да решам некој проблем отколку да го пуштам малку да се помачи и да го направи самиот. Но, дали е тоа добро за него на долгорочен план?

Кога секој ден сите тие мали работи би ги правела за него, со тоа буквално би му го поттикнала цимолењето и одбивањето да направи што било без помош, а тоа секој родител го доведува на работ на трпението и нервите. Одненадеж и работите што можел да ги направи сам, како облекување патики, сега му стануваат претешки и бара помош, плаче, додека не дојдам и не ја завршам работата наместо него.

Како да се прекине цимолењето?

Веројатно веќе сте барале одговор на ова прашање. А сигурно сте се обиделе и да го бодрите детето. „Знам дека можеш сам“ или „обиди се, ќе успееш“, „можеш ти“ итн. Но, ништо. Цимолењето продолжило, а вие би сакале да се откажете зборувајќи во себе дека би го направиле тоа наместо детето. Еве што направив јас. Направив една мала промена и функционираше. Секојпат кога ќе видев дека се обидува да направи нешто, а знам дека за неколку секунди со блага хистерија ќе бара помош, го претекнував и ја опишував таа ситуација. „Баш се трудиш да ги закопчаш панталоните и малку те нервира што не ти е лесно“ (Би зборувала како навиена).

„Во едната рака ти е копчето, а во другата дупчето и сега се обидуваш да ги составиш. Но, копчето секојпат ти се слизнува низ рацете, а ти повторно се трудиш. Леле, како си близу. Речиси успеа! Еве, половина од копчето веќе влезе, остана уште другата половина, само уште малку! Еве, успеа! И тоа без моја помош!“

Тогаш ме погледнува, малку ја накривува главата и се смее. Се гордее. Сам го реши проблемот, без хистерија и цимолење. Едноставен трик ако сакате да одгледате дете кое ќе се соочува со проблемите. Ако вашето дете се бори, се труди да исполни некоја задача која е во согласност со неговата возраст, опишувајте што прави додека го прави тоа. Признајте ги неговиот труд и чувства во секој момент, а не мрдајте ни со прст за да направите нешто наместо него. Децата речиси целосно живеат во моментот. Опишувајќи ја ситуацијата, вие го користите токму тој момент за да се поврзете со детето.

Истиот ден, на вечера, се обидов со истата техника, повторно. Јадеше супа и ја истураше, а беше очигледно дека тоа го нервира. Додека си ставав супа за мене, го погледнав и му реков: „Гледам дека ти оди тешко. Секојпат кога се обидуваш да ја ставиш лажицата со супа в уста, половина ти се истура и едвај нешто јадеш. Тоа те лути, но ти не се откажуваш!“ Ме погледна и секој момент очекував со блага хистерија да ја побара мојата помош, да го нахранам. Го претекнав повторно и продолжив да ја опишувам ситуацијата. „Но, забележав дека сега истураш помалку отколку на почетокот. Успеваш да изедеш повеќе. Еве, сега речиси воопшто не истури! И успеа сам!“

Кога видов трага на задоволство на неговото лице, седнав и трпеливо чекав. Малку по малку, лажица по лажица, ја испразни чинијата. Сè што му беше потребно е некој да забележи колку се труди и да признае дека тоа не е баш така лесно. Ме погледна, ја крена чинијата и се насмеа. Му возвратив со насмевка. „Баш ти се допадна супата! Сакаш уште?“

Кимна со главата, а јас станав и ја зедов чинијата. Во тој момент почувствував дека сме поврзани, дека се разбираме. Кога детето цимоли, лелека, не сака да се труди, запомнете: вие имате моќ да ги охрабрите децата да бидат истрајни и да го решат проблемот. Опишете ја ситуацијата. Поврзете се со детето и најважно, но и најтешко – имајте трпение.

Автор: Александра Цвјетиќ

Извор



912

X