Дали нашите совети го следат 21 век? Се прашувам и се повикувам на личното искуство и им противречам на големите имиња на педагогијата кои порачуваат: Децата мораат да бидат вклучени во домашните обврски. Имам став дека тоа не мора ништо да значи. Може, но и не мора. Важен е квалитетот на животот кој детето го води и какви лица и навики пред себе има низ детството, поточно кои се вредностите во неговото семејство.
Ако детето имало убаво искуство, најверојатно ќе го преслика и во возрасниот период, само приспособено на својата генерација. Веројатно тоа ќе биде и појдовната точка на очекувањата од својот партнер во иднина, но и тоа е дискутабилно. Ако не може да заспие додека не го среди домот, а паѓа од замор – некоја погрешна порака ја прогонува таа жена. Ако ѝ е срам што порачала храна, а не направила самата за гостите или за домашните – некој глас од мајка ѝ или баба ѝ ја измамил и неа.
Моите родители се просветни работници во пензија. Во нашето семејство за домашните работи никогаш не се водела полемика, ниту постоела некоја драматична поделба. Куќата била задоволувачки чиста, оброците редовни и сето тоа било споредно, што на мајка ми се сеќавам како на дама, нашминкана, со убави нокти, со книга в раце. Никако како на куќна помошничка, жртва, крпа или црпалка. Во ништо не претерувала. Секогаш ѝ се восхитував и никогаш не ја сожалував. Таа е горда и своја, некој на кој може да се потпрам и темел од жена. Таа ми го даде правото да спијам кога сум изморена.
Не учествував во домашните обврски, мое беше да бидам добар ученик (нивното барање беше дури и да бидам со многу добар успех во гимназија, не со одличен), да ги наместам работите во мојата соба, да се дружам и да ги ширам интересите, да стекнувам животно искуство и да разберам како функционира светот. Кога имав желба да се врткам в кујна, бев добредојдена. Добив и книга со рецепти како подарок, како и совет да не си го комплицирам животот по тоа прашање, туку да го поедноставам и да си олеснам колку што е можно повеќе.
Оној ден кога станав жена и мајка, ја зедов крпата полека и без никакви проблеми. Упорна сум и истрајна во сè, а пред сè, задоволна од важните избори, бидејќи со стекнувањето животно искуство сфатив што не сакам, што сакам и како да не го сакам она што не го сакам, а како да го добијам она што го сакам. За сето тоа беше потребно многу квалитетно потрошено слободно време за запознавање на себеси и многу слобода и воздух. Ако покрај седумте часа на училиште, домашната задача и танцот, редовно извршував и домашни обврски, дали ќе стигнев да ги препознам сите нијанси и понуди на животот. Не велам дека е штетно да се вклучат децата, немојте погрешно да ме разберете.
Но, мислам дека е штетно домашните обврски да се преувеличат, како и квалитетот на жената да се проценува по тоа дали знае да направи кори и дали купува ќебапи или ги прави самата. Јас само мислам дека барем четвртина од животот е потребна за титулата „најдобра домаќинка“, а дека тоа е целосно залудно. Кога моите деца ќе помислат на мене кога ќе бидат возрасни, сакам да го почувствуваат мојот парфем во мислите и да одат да купат машина за пеглање, чистење, готвење, бришење. Сè што ќе можат да си дозволат и поради тоа да бидат среќни, а не да ги гризе совест.
Децата нека создаваат, нека фантазираат, компонираат, грешат, успеваат, нека се дружат, нека зборуваат, зборуваат, зборуваат, нека стекнуваат најшарени искуства и нека научат да мислат, да проценуваат… Ќе научат да бришат и да готват, ако се навикнати да живеат во уредно семејство и простор. Мојот сопруг знаеше дека не знам да готвам и заедно ги славевме почетничките чекори. Се ожени со мене, а не со готвач и знаеше дека нема да бидеме гладни. 21 век не препознава машки и женски работи, како да не – на 10 жени што не можат да заспијат додека машината не заврши со перење на облеката одат 0,0000000001 толку оптоварени мажи.
Автор: Снежана Голиќ, педагог