Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам две деца и за двете имам по едно прашање. Големото (9 години) не комуницира со возрасни. Ако го прашаат како се вика, воопшто не одговара. Не само со непознати, туку и со блиски, на пример, тетка, дедо. Одеше во градинка и едвај се опушти, но не комуницираше со сите деца. Сега и во училиште не комуницира многу и кога разговара со наставник, едвај зборува, и тоа многу тивко.
Дома е гласно дете и многу активно, па дури и напорно за да биде во центар.
Второто дете (3 години) беше сосема спротивно на братчето. Комуникативно, весело, игриво. Не му беше важно со кого е, но веќе еден месец почна да ме бара мене и да не сака да биде со никој друг, па дури ни со татко му.
Бара да биде поблиску до мене, ама буквално залепено. Не си игра и сака само ние две да си седиме. Јас да ѝ дадам да јаде, јас да ја облекувам и сѐ во врска со неа, не прифаќа никого и веднаш плаче.

ОДГОВОР: Од информациите во вашето прашање, а кои се однесуваат за вашето постаро дете, претпоставувам дека тоа се соочува со појавата наречена селективен мутизам. Селективниот мутизам се карактеризира со неможноста да се зборува во одредени социјални ситуации. Децата го разбираат она што некој им го кажува, но можат нормално да се изразат само во ситуации кога се чувствуваат безбедно и опуштено.

Но, кога детето е во некоја друга социјална средина, како градинка или училиште, или некоја друга средина каде што не се чувствува толку сигурно и удобно, престанува со каква било комуникација. Затоа е и толку гласен и активен дома. Детето со селективен мутизам обично функционира во рамките на развојната и интелектуална норма и оваа појава треба да се разбере од аспект на анксиозна вознемиреност и фобија од зборување.
Детето е свесно дека зборувањето му овозможува блиски односи, но за него започнувањето разговор или одговарањето на прашања е неверојатно тешко. Ако го прашате, веројатно ќе каже дека има чувство на грутка во грлото која му пречи да зборува. Поради сето ова, детето ќе одбива да учествува во групни активности, ќе избегнува контакт со очите и многу често неговото „незборување“ ќе се карактеризира како голема срамежливост. Детскиот молк во овој случај не е поради тврдоглавост, манипулација, срамежливост итн., туку поради силната вознемиреност. Секое дете со селективен мутизам сака да зборува!


Вие како родители сте најважните луѓе во животот на вашите деца и вашата поддршка е непроценлива. Не терајте го да зборува бидејќи тој притисок уште повеќе ќе го вознемирува. Колку е поголем притисокот, толку се помали шансите да ја надмине анксиозноста и слободно да зборува. Не лутете се и не казнувајте го.
Поддржувајте ја неговата независност во социјалните ситуации и не правете ги работите наместо него. Не дозволувајте да стане „невидливо“ за оние околу вас. Кога почнува да зборува, бидете смирени и природни, не покажувајте големо изненадување или возбуда бидејќи во такви ситуации може да се засрами и да се почувствува непријатно. И многу важно е детето да биде уверено и да знае дека секогаш ќе бидете покрај него, и кога му е тешко и кога се плаши, и кога е тажно…
Настојувајте детето да се прифати себеси, научете го да верува во сопствената вредност и достоинство, прифатете ги сите негови емоции. Би ве посоветувала да посетите детски психолог и да почнете со вежби за надминување на овој проблем.

Вашето помало детенце се соочува со сепарациона анксиозност која е природна и нормална во овој период од животот. Сепарационата анксиозност е страв од одвојување и разделба од блиска и значајна личност за која детето е емотивно врзано, во повеќето случаи мајката.

Почнете да го оставате детето на друг возрасен, баба или друга доверлива личност, на почетокот со ваше присуство со кратки напуштања на просторијата, а подоцна со подолги. И да не се прикрадувате. Секако, ова треба да се прави во мирни услови и постепено. Детето тогаш учи да се справува со непријатното чувство и да гради доверба кон другите возрасни, како и дека вие секогаш ќе се вратите.

Разговарајте со вашето дете за неговите грижи, но не покажувајте премногу сочувство, колку повеќе ќе се прегрнувате и објаснувате, толку повеќе детето ќе чувствува дека нешто не е во ред. Бидете насмеани, а кога станува збор за кратка разделба, дали тоа ќе биде одење во друга просторија или некаде подалеку, обратете кажете му каде ќе одите и дека ќе се вратите. Исто така, можете да му понудете да одбере омилена играчка која би била со него во моментите кога вас ќе ве нема.

Во периодот на анксиозност од разделување најважно за детето е чувството на сигурност, како и многу трпение и нежност.

Ако имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете потребно е да закажете родителско советување и психоедукација во форма на опширен пишан одговор или пак онлајн средба на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X