Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Моето дете има речиси 5 години и е некомуникативно и срамежливо со непознати лица. Со домашните нема никаков проблем во вербалната комуникација, може да формира реченици, нормално размислува и има бујна фантазија со раскажување случки и измислени негови приказни. Но со други деца и личности одбива да разговара, со изговор дека не сака да го гледаме кога другите деца или луѓе сакаат да комуницираат со него. Како да постапиме, на кој начин да му помогнеме, сака да си игра со децата, сака да се дружи, но чувствува некој срам, ја наведува главата и не одговара на прашањата. Да напоменам дека за време на неговото растење беше само со многу мал круг на луѓе во домот.
ОДГОВОР: Од вашиот исказ можам да забележам дека ве загрижува начинот на кој вашето дете комуницира со луѓето и надворешниот свет. Разбирам дека ова дете поминало и период на изолација и дистанца, но и дека во вашето опкружување немате блиски роднини и членови од фамилијата. Сето тоа придонесува за ослабено чувство на компетентност и безбедност кога детето е во надворешниот свет.
Но и покрај тоа, детето може да развие компетентни социјални вештини и здрава слика за себе доколку му овозможите услови за тоа. За почеток, најважен е вашиот поттик и охрабрувачки глас. Тоа значи колку повеќе го охрабрувате на самостојност, независност и иницијатива, толку ќе биде повешт во комуникацијата, но колку повеќе вашата грижа ќе оди во правец на презаштитување, толку повеќе ќе слабеат социјалните вештини и детето ќе развива некомпетентна слика за себе.
Во вашиот исказ не споделувате дали детето оди во предучилишна установа, на родендени кај другарчиња и во игротеки каде што би ги тестирал своите сили и би учел постепено дека неговиот надворешен свет не му претставува опасност. Ако не посетува, тогаш мојот совет е што поскоро да го вклучите во таква социјална средина. Убаво би било и да имате домашно милениче, како куче или маче за кое ќе го поттикнувате да се грижи. Ви ги препорачувам и едицијата психолошки прирачници за емоции „Шумската дружина“ со цел да работите на менталната хигиена и емоционална интелигенција.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912