Им дозволуваме ли на денешните деца да бидат тажни? Се чини сè поретко. Презаштитничкиот воспитен стил на современите родители ја негира тагата како емоција, т.е. не му дозволува на детето да биде тажно.

Доколку се повреди, на пример се изгреба, веднаш се санира местото со медицински препарати, доколку инсистира да добие нешто, веднаш добива, доколку е разочарано или повредено од другарче, му се надоместува со тоа што некаде ќе се изнесе на прошетка или ќе му се купи нешто што подолго време го посакувало. Како да сакаме да ја поткупиме тагата со некаква награда и на најбрз начин да се ослободи детето од неа. Со еден збор, во ова современо и модернистичко време се смета дека тагата е најлошото нешто што може да му се случи на некое дете, па често пати слушам: „Подобро нека му се налути на другарчето отколку да биде цел ден тажен.“

Христина Стефановска, психолог


Тагата е примарна или биолошка емоција. Како и другите емоции, и тагата има функција да го поврзе детето со другите луѓе и да создава силни меѓучовечки односи, но и да го негува контактот со себе и своите потреби. Тагата е емоција која предизвикува плачење кај луѓето, секако и кај децата, создава дисхармонија во белите дробови и ја блокира циркулацијата на енергијата низ телото. Долготрајната акумулација на тагата и отсуството на вештини за нејзино канализирање влијаат врз процесот на дишење, при што се чувствува натежнатост во белите дробови која резултира со плитко дишење или психолошка болка во белите дробови, за потоа да влијае врз животните процеси на тој начин што ги забавува или прокрестинира (одложува), за на крај нејзиниот висок интензитет да влијае и врз волјата за живот, што ја прави личноста неактивна, пасивна, бавна, отсутна, изолирана.


Начинот на кој родителот ѝ приоѓа на емоцијата тага е модел за тоа како детето ќе ја прифаќа, именува, но и како ќе се ослободува од оваа емоција. Детето може да се чувствува тажно доколку било навредено, отфрлено, доколку некој му недостига, кога се соочува со губиток на важна и сакана особа, кога му се одземени основни или егзистенцијални детски права, како на пример право на слобода. Она што прво треба да го слушне детето од родителот е следново: „Во ред е да си тажен, сигурно имаш причина да бидеш тажен.“ Потоа важно е родителот или возрасниот да му обезбеди почит и разбирање: „Гледам дека си тажен/а. Разбирам како се чувствуваш. И јас кога бев дете бев тажен/а се чувствував и однесував исто како тебе.“

На крајот, важно е детето да добие охрабрување од страна на возрасниот кој е во негово присуство или родителот: „Те охрабрувам да ми раскажеш што точно се случило. Дали можам некако да ти помогнам. Ајде заедно да смислиме начин како најдобро да се ослободиш од оваа непријатна емоција.“

Всушност, треба да знаеме и сами на себе да си дадеме одобрување дека е во ред да бидеме тажни, впрочем, и не можеме цело време да бидеме среќни. Тагата е силен борец во создавање на психолошкиот имунитет на детето.


Автор: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти



912

X